Во 2007-ма година неколку ИТ ентузијасти одлучија да создадат онлајн дестинација која ќе биде место за дружба и вмрежување помеѓу локални ИТ професионалци, хардвераши, разни ИКТ експерти, студенти, инженери, програмери, девелопери, маркетери, дизајнери и по некој систем администратор…. 16 години подоцна, истата таа онлајн дестинација е цела една платформа која има опслужено 80 милиони прегледи на страни и над 20 милиони посети и активно ја спроведува својата оригинална мисија: да го едуцира, промовира и поддржува македонскиот ИТ потенцијал и сектор.
Како почнавме?
IT.com.mk форумот го стартувавме од потребата за размена на искуства и мислења и за да се дружиме онлајн со луѓе кои светот го гледаат низ призма на технологијата. Во тоа време, имаше повеќе македонски форуми кои претежно беа општи, а од ИТ тематиката – со примарен фокус на хардвер и компоненти, вреди да се спомене hardware.com.mk со чии членови во првите денови имавме меѓусебни конкурентски препирки, но тие n00b-овски работи брзо се разрешија и голем дел од членовите се приклучија и на двата форуми.
IT.com.mk како македонски ИТ форум беше полн погодок. За само една година достигна бројка од над 200.000 уникатни посетители, скоро 2.000 регистрирани членови и преку 40.000 објавени мислења во над 3.500 теми.

IT.com.mk
Денешниот IT.mk оригинално започна како IT.com.mk, примарно затоа што во таа дамнешна интернет ера кога домените се регистрираа со праќање на документи по пошта, не беше либерализирана регистрацијата на поддомените .com.mk и .mk без согласност на сопственикот на .com.mk домените. Ние ја имавме таа среќа да бидеме соочени со предизвикот да бараме дозвола од Владата на Република Македонија за да може да го регистрираме IT.mk, од причина што Владата го имаше регистрирано доменот IT.gov.mk. Битката траеше 4 години, од чекорење во ќор сокак, до конечно решение во 2012-та година.На македонската ИТ сцена ѝ требаше нешто повеќе од форум…
Форумот континуирано бележеше зголемена посетеност, нови регистрации и одлична активност. Имаше и офлајн дружба. Меѓутоа, увидовме дека на македонската ИТ сцена тоа не ѝ беше доволно. Локалнo имаше потреба од онлајн медиум кој професионално ќе ги третира ИТ темите. Не заборавајте, зборуваме за едни други времиња, за 2008-ма година кога немаше портал „под секој камен“.
2008 – 2010
Во текот на март, 2008-ма, кога Microsoft сакаше да го купи Yahoo!, IT.com.mk го збогативме со оригинална авторска содржина, професионален веб дизајн и редовни вести од ИТ светот, статии, имаше и цела една секција од 7 редовни колумни/блогови кои третираа разни теми. Започнавме со објавување и на рецензии, совети, креиравме и ИТ барометар во кој ги меревме цените на основните компјутерски компоненти и ЕДУ центар во кој споделувавме едукативни материјали. Со други зборови, влеговме во проектот со целосен ентузијазам и многу големи идеи! Дури имавме идеја (за жал не и средства) да лансираме и онлајн ИТ телевизија…

Можеби бевме и првиот македонски онлајн портал кој уште во 2008-ма имаше јасно истакната редакција, текстови потпишани со име и слика од авторот, услови за приватност и користење. Тоа го постигнавме бидејќи од сам старт идејата беше да понудиме нешто поразлично од праксата на copy-paste и преведување на содржина од странски портали. Нашиот пристап кон авторски содржини и целење кон почитување на новинарската етика, дури збуни и неколку големи медиуми кои во тоа време беа на својот трон, па имавме куп интересни ситуации на тоа поле.
Како поминуваше времето, се обидувавме да ги следиме светските трендови и на македонската публика да ѝ прикажеме еден поинаков онлајн медиум.
Не се плашевме од партнерство – склучивме инстант соработка со списанието и ТВ емисијата Ентер, потоа и со емисијата Клик која имаше феноменална 3Д продукција, лансиравме мобилни апликации и мобилни верзии, (да Gen Z, имаше времиња кога сајтовите не беа оптимизирани за мобилни), третиравме локални теми како недостигот на Paypal, локалната не-трговија (не е typo), вртевме на шега во навистина тешки моменти и се обидувавме да влијаеме (колку-толку) преку директни блогови/колумни и текстови. Организиравме и ИТ награди во 2010-та кога го прогласивме Марнет за #mkfail, и едуциравме за потребата од ИТ безбедност уште тогаш преку директни примери. Ги бодревме и оние за коишто во тоа време викаа дека трошат време на глупости од кои не може да се направи кариера. Уште од тогаш правевме интервјуа и раскажувавме македонски ИТ приказни, од успешните како онаа на Вања Јосифовски, Славе Јовановски, до нестандардните како онаа за Интернет партија на Македонија и хакерот на Android предизвикот. Уште пред да биде кул ја следевме и стартап сцената. А со цел проширување на комбинацијата портал-форум која никогаш не ни беше доволна, стартувавме платформа ИТ Кариера за огласи за вработување во ИТ индустријата уште во 2010-та, која по две години мораше да ја изгасиме бидејќи немаше активност, за да во 2015-та повторно ја вратиме на сцена откако оживеа ИТ индустријата на едно друго ниво.

По неколку години од стартувањето, а пред 12 од денешна гледна точка, пријатно изненадување и малку ветар во грб за нас дојде од Хрватска, кога на хрватските VIDI Top 100 награди, IT.com.mk го прогласија за “Најдобар ex YU веб проект“.
„IT.com.mk е највлијателниoт македонски медиум кој пишува за новите технологии и ги застапува интересите на корисниците, и воопшто на сите потрошувачи, користејќи техника на истражувачко новинарство во комбинација со мобилизирање на ИТ заедницата соберена преку форум и друштвените медиуми“, го опишаа порталот од хрватските VIDI награди.
Во 2010-та дојде и третата верзија на IT.com.mk, со дизајн адаптиран на тогашните трендови во кој сите зборуваа за веб 2.0:

Со секоја ревизија на дизајнот на порталот, следеше и апдејт на дизајнот на форумот:

2011 – 2014
Третата верзија (v3) беше верзија која најмалку ни правеше мерак, па со цел подобрување на дизајнот и корисничко искуство многу брзо, во 2011-та, направивме уште еден комплетен редизајн (v4), фокусирајќи се на подобар UX и на поедноставен дизајн:

И во текот на овие години продолживме со исто темпо – фокус на локални интернет навики, споделувавме што се случува во експанзијата на социјалните медиуми, следевме како технологијата влијае на политичките случувања, и со помош на заедницата активно ја следевме македонската Paypal сага. И во текот на овие години се обидувавме да го задржиме темпото кое што го креиравме и си го зададовме и покрај тоа што низ сите овие години трошоците за оддржување на IT.mk далеку ги надминуваа приходите.

Во 2014-та имавме и подкаст. А конечно го дочекавме и Paypal да дојде во Македонија, барем делумно.
2015 – 2020
Охрабрени од зголемениот број на активности на локалната ИТ сцена, над 12.000 регистрирани членови на ИТ форумот, сè поголемиот број посети и просечно поминато време на сајт од над 6 минути по посета, во ноември, 2015-та ја лансиравме амбициозната v5 од IT.com.mk.

Дизајнот на v5, карактеристичен по левото мени, е и најхрабриот и најдолгиот дизајн што некогаш сме го имале – оние кои сакаат модерен дизајн и следат веб трендови го фалеа, останатите кои беа навикнати на стандарден формат на портали и класични grid-системи се жалеа на преголемиот слајдер и едноставноста на дизајнот.

Меѓутоа, во оваа верзија, покрај редизајнот, воведовме и нови сервиси како ИТ Маркет, кој првично беше замислен како referral систем, на кој на локалните ИТ продавници ќе им покажеме дека IT.com.mk има вредна публика и дека треба да соработуваат со нас. Поставувавме ИТ производи до сајтови на локални ИТ продавници и меревме кликови. За жал, дури и во случаи кога ќе однесевме над 10.000 посети на сајтот на трговецот, тоа не беше доволно за локалните трговци да ја разберат идејата…. Исто го објавивме и сервисот ИТ индекс.

Во текот на овој период, секундарните сервиси на IT.mk како ИТ Кариера, ИТ индекс и ИТ огласник почнаа да заживуваат… Имаше активна заедница, која беше и општествено одговорна при локални природни катастрофи како поплавите и се обидуваше да помогне со разни донации и во секојдневието. Ние продолжувавме со активно следење на тоа како технологијата влијае на нашите животи, и бевме сведоци на преминот од тема која се дискутира само во geek кругови, како премина во секојдневието. И во лоши, но и во добри моменти. Бевме и гласни и поттикнувавме иницијативи.
Во 2019-та, го направивме и првото Мапирање на ИТ индустријата во .мк, во кое над 1.000 ИТ професионалци ни ја дадоа довербата и преку кое истражување научивме многу. Истражувањето доби своја втора едиција во 2022, кое за само 24 часа собра над 1.000 учесници, а комплетираше со над 2.000. Во второто истражување соработувавме со Data Masters, и уште еднаш докажавме дека соработката во ИТ заедницата може многу да допринесе и да олесни многу процеси.
2021 – 2023
Во последниот квартал на 2021-ва, форумот кој во 2008-ма имаше скоро 2.000, веќе надмина 30.000 членови, над 43.000 теми и повеќе од пола милион споделени мислења. Решени да го направиме IT.mk многу повеќе од еден обичен портал за технологија, ја лансиравме шестата верзија (v6) со која практично IT.mk ги обедини своите сервиси со SSO (Single sign-on) на кој доста време се мачевме, и стана многу повеќе од портал-форум комбинација.

Порасна во една сериозна платформа која може да понуди сервиси како:
- Квалитетна ИТ содржина (бесплатна и премиум),
- Сервис за одбрани и рачно одобрени огласи за вработување ИТ Кариера,
- Електронска продавница ИТ Маркет која наскоро очекуваме да излезе од бета фаза и да понуди многу повеќе,
- Премиум членство,
- ИТ огласник за користен хардвер со модерирана понуда,
- ИТ индекс во кој набрзо ќе има и премиум профили,
Форумот продолжува да го зголемува своето членство – моментално има над 33.000 регистрирани членови и наскоро ќе го прослави јубилејот од над 1 милион споделени мислења.
Како медиум кој сè уште се води по мисијата едукација, поддршка и промоција на македонскиот ИТ потенцијал и сектор, во 2021-ва стартувавме иницијатива .mk стартап на месецот во која заедно со Startup Macedonia ги споделуваме и охрабруваме локалните стартап успеси како Howitzer, Konceptiva, FitKit, FinqUp, Synapse Aviation, Native Teams, Pixyle, Microtica кои заедно имаат добиено над 3 милиони евра инвестиции.… со Women In Tech во декември ги препознавме Топ 10-те .мк жени во ИТ индустријата… а бевме тука и да свртиме на логика во медиумски сензационални вести на тема ИТ – како оној кога сите медиуми тврдеа дека на ФЗОМ му бараат 20.000 биткони, да посочиме на реални проблеми со кои некој веќе 9 месеци не знае да се справи, да појасниме сложени теми, а секако и да бодриме при големите успеси!
Што е следно?
Поминаа 16 години откако го стартувавме овој проект. Иако сè е релативно, сепак 16 се многу години.. :)
Идејата е да го продолжиме она што го започнавме во 2007-ма, помогнати од многу други лица на кои сме им благодарни за целата поддршка, и да останеме верни на мисијата: едукација, поддршка и промоција на македонскиот ИТ потенцијал, и во подеми, но и во падови – бидејќи секоја приказна има своја вредност. Имаме желба IT.mk да продолжи да расте, да се подобрува и да понуди многу повеќе…
Како ќе го направиме тоа? Најголем проблем на овој проект беше профитабилноста – која ние некако ја оправдуваме дека не постои затоа што постојано ја трошиме енергијата за реализација на идеи пред да им дојде времето. Сите овие години, IT.mk е финансиран од компанијата која е и сопственик и издавач IWM Network. Локалната ИТ индустрија е таква каква што е, но сепак е во зародиш и полека, но сигурно чекори напред и затоа сме големи оптимисти. Со лансирањето на v6 на IT.mk во ноември, 2021-ва, по десетина години се ослободивме од товарот наречен македонски агенции и нивни политики и отворивме нови канали за приход кои во изминатава година се покажуваат како просперитетни, а веруваме и дека така ќе продолжат (реков, оптимисти!). Сега може да кажеме, прв пат во 16 години, дека IT.mk е профитабилен проект!
Целта ни е што поскоро да оформиме нов и целосен редакциски тим кој посветено ќе работи на оддржувањето и растењето на IT.mk, кој ќе биде многу поактивен во заедницата и да воведеме нови сервиси и понуди. Секако, да ги подобриме и постоечките – има многу за работа! Треба да се даде и фокус на понудата на премиум читателите и оние кои планираат да дадат директна поддршка… а којзнае, можеби ќе има и регионални проширувања. ;)
Тука сме да експериментираме, следиме трендови, а и да поттикнуваме сензитивни теми и дискусии. Далеку од тоа дека сме совршени, грешевме, грешиме и ќе грешиме. Ама учиме на грешките!
Прославата ја отпочнуваме со поевтинување на премиум претплатите и покана да ни дадете поддршка преку купување на премиум претплата, Basic – по цена од 499 ден./годишно или 1337 – по цена од 1.499 ден./годишно. Ни недостасуваат 75 премиум членови за да може да го организираме специјалниот 1337 giveaway во кој Oktar можеби ќе добие дрон.
Дополнително: https://it.mk/mystery-box/
Фала ви на поддршката сите овие години!
На здравје за следните 10! Доволно се, после тоа би требало AI да преземе…










