Pixyle AI – стартап базиран на вештачка интелигенција доби инвестиција од 1 милион евра [.мк стартап на месецот]

Овој текст е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој ја раскажуваме приказната на одбран .мк стартап кој е на пат кон успехот.

.мк стартап на месецот [јануари, 2023]:

Pixyle AI – продукт базиран на вештачка интелигенција кој го олеснува визуелното пребарување и продуктно категоризирање во модната индустрија


Pixyle AI е решение кое им ја олеснува работата на брендовите од модната индустрија, а истовремено нуди подобар и побрз избор на потрошувачите. Со помош на вештачка интелигенција, има повеќе практични решенија како автоматско категоризирање и тагирање на продуктни фотографии, идентификување на слични продукти и подобрување на системите за препорака, како и имплементација на напредно пребарување кое користи визуелна идентификација на моден продукт од слика. Платформата нуди интеграција со било каков трет систем преку API пристап или UI панел.

Бројки за пофалба

Pixyle AI е еден од ретките македонски стартап продукти кои можат да се пофалат со поголеми бројки, како и потврдена пазарна адаптација на глобалниот пазар. Изминатиов декември, стартапот доби инвестиција од 1 милион евра од страна на South Central Ventures, а има и повеќегодишна соработка со реномирани клиенти како шпанскиот моден бренд Tendam, онлајн трговските центар Otrium (Холандија) и Miinto (Данска). За овие, а и други брендови и е-трговци од модната вертикала, Pixyle AI досега има обработено и тагирано повеќе од 250 милиони слики, со моментално темпо на процесирање на околу 10-20 милиони слики на месечно ниво. Технологијата и истренираните модели, според досегашните метрики на стартапот, имаат 95% прецизност за дефинирање на продуктни атрибути, а преку нивна имплементација на е-комерц сајтовите доаѓа и до значајно зголемување на конверзија – дури и до 10% во некои случаи.

Pixyle AI е основан во 2017-та година од страна на Светлана Кордумова (која btw се најде и во нашата листа на Топ 10 .мк жени во ИТ индустријата за 2022), а во 2020 во тимот како ко-основач се вклучува и холанѓанецот Роланд Симон. Приказната за почетоците и авантурите на овој стартап ни ја раскажаа Светлана и Роланд во нивната канцеларија во Штип, која некако природно на вертикалата во која и работи е лоцирана во градот на модата, сместена во комплексот згради на поранешен Астибо каде што сега се наоѓаат претежно модни конфекции.

Светлана и Роланд

Од академски истражувач до претприемач

За време на четвртата година студии на Природно – математички факултет, во 2009-та година, Светлана добива покана да се приклучи на Еразмус проект за Philips Research како дел од својот дипломски труд. Истражувач по природа, Светлана ја прифаќа и од клупите на ПМФ заминува во Амстердам каде што 9 месеци ќе се приклучи на проект кој со помош на вештачка интелигенција и инфрацрвени слики прави проценка на човечките погледи упатени кон продажни излози и врши соодветни калкулации и естимации. Проектот за Philips Research е и првото искуство и практично запознавање на Светлана со светот на сега веќе ултра-мега-гига популарната ИТ гранка вештачка интелигенција, технологија на која следните неколку години Светлана ќе се посвети и на академско, но и на претприемачко ниво. По дипломирањето со просек 9.27, Светлана ги одбива понудите за работа во Холандија, се враќа во Македонија и ја почнува својата ИТ кариера во Seavus.

Понуда која не се одбива

По само една година работа во една од најголемите ИТ фирми во земјава, каде што како C# девелопер претежно работи на десктоп апликации за менаџмент на болници и системи за осигурување, Светлана во 2011-та добива понуда која не се одбива: покана за докторски студии на Универзитетот во Амстердам. Следните 5 години таа ќе ги помине на едно макотрпно истражување чија главна теза е „Учење на модели за пребарување на слики без анотации и описи”.

“Истражувањето беше навистина тешко, сега можеби звучи фенси, но тогаш [2011] воопшто не беше лесно да се работи во ова поле. Истражувањето инволвираше вештачка интелигенција, компјутерска визија, процесирање и обработка на слики за визуелно пребарување, а исто така и видео пребарување. Беше класично академско истражување кое истоштуваше.” – раскажува Светлана потсетувајќи се на своите истражувачки денови.

При крај на докторантските студии, Светлана во 2014-та ќе помине и три месеци во Њујорк, поточно на Универзитетот Колумбија, каде што при академската посета на реномираната The Digital Video and Multimedia (DVMM) лабораторија подетално ќе работи на развивање на автоматизиран и интелигентен начин за искористување на информации од мултимедијални фајлови како слики и видеа, кои веќе со екот на социјалните медиуми во тоа време стануваат лесно и квантитативно достапни.

Проштален ручек од домаќините DVMM за гостите докторанти од UvA (Светлана Кордумова, Масуд Мазлум, Жењанг Ли, Ран Тао и З. Рен).

Истражувањето на Крижевски

При присетување на тие години, Светлана со виден ентузијазам раскажува и за тоа како во 2012-та истражувањето на Алекс Крижевски од Универзитетот во Тороно, сега веќе познато и како Krizhevsky paper, ќе направи револуција на полето на вештачка интелигенција. Трудот целосно ја менува AI индустријата откако ќе ја популаризира адаптацијата на невронските мрежи која значајно ќе ги надмине тогашните ML методи како плитко учење, векторски машини за поддршка, оптимизација на кернел и сл.

Апстракт од истражувањето на Крижевски

“Трениравме голема, длабока конволутивна невронска мрежа за да класифицира 1,2 милиони слики со висока резолуција за натпреварот ImageNet LSVRC-2010 во 1000 различни класи. Според податоците од тестот, постигнавме стапки на грешки во топ-1 и топ-5 од 37,5% и 17,0% што е значително подобро од претходната најсовремена технологија. На невронската мрежа, која има 60 милиони параметри и 650.000 неврони, се состои од пет конволутивни слоеви, од кои некои се проследени со слоеви за максимално здружување, и три целосно поврзани слоеви со финален softmax од 1000 насоки. За да го направиме тренингот побрз, користевме незаситени неврони и многу ефикасна имплементација на GPU на операцијата на конволуција. За да се намали преоптоварувањето во целосно приклучениот слоеви употребивме неодамна развиен метод за регулација наречена „отпуштање” што се покажа како многу ефикасно. Внесовме и варијанта на овој модел во Натпреварот ILSVRC-2012 која постигна победнички топ-5 тест стапка на грешки од 15,3%, во споредба со 26,2% постигнати со вториот најдобар влез.”

Претприемач прикриен како академски истражувач

По пет години поминати на докторски студии, и покрај фактот што технологијата на кој работела ќе биде откупена од страна на Qualcomm за 20 милиони долари, од кои Светлана како истражувач ќе добие награда од $10.000 и можност да остане во тимот, таа преку Bootcamp стартап програма осознава дека повеќе ја влече практичната имплементација отколку академско истражување и професорска позиција. Тоа чувство ќе го потврди и по враќањето од Амстердам, кога ќе започне да работи како вонреден професор на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, каде што по само 3 години целосно ќе се препушти на својот стартап Pixyle AI.

Поинаков и возбудлив свет кој вреди да се истражи

Bootcamp стартап програмата на претприемачкиот центар во Амстердам на Светлана ќе и ги отвори видиците и ќе и го прикаже потенцијалот на стартап светот…

Светлана Кордумова

“Имав таков начин на размислување дека сакав да видам што е светот на стартапите. Се придружив на Startup Bootcamp програмата и ми беше многу забавно! Беа три месеци во кои се носеа ментори од Силиконската долина, научив што е business model canvas, што е предлог за вредност на продукт, како да се комуницира со клиенти… Тоа беше еден поинаков свет што ми беше многу возбудлив и вредеше да се истражи. ” – дополнува Светлана.

Но стартап авантурите на Светлана започнуваат откако првин ќе се посвети на улогата како мајка, каде што породилниот период и одмор ќе го искористи за справување со класичниот “burn-out” кој го добива по докторските студии. По породилното отсуство, со сè уште присутна искра за истражување на стартап светот, Светлана ќе ја искористи наградата од $10.000 долари како почетен капитал за развивање на свој стартап продукт.

“Како страствен онлајн потрошувач, додека работев на докторските студии, ми беше навистина несфатливо за тоа како може да изградиме високотехнолошки, AI базиран пребарувач на слики кој во секунда дава слични резултати а истовремено кога ќе седнам реално да купувам парче облека онлајн цело време кликам ‘Next, next, next’ и трошам време што го немам за да го пронајдам тоа што знам дека го сакам.” – појаснува Светлана.

Оваа лична фрустрација ќе започне да го дефинира Pixyle AI како продукт кој ќе работи во модната индустрија. Секако, тука помагаат и фактите дека е страствен онлајн потрошувач, ја сака модата, израсната е и живее во Градот на модата, сопругот и е во текстилната индустрија, има огромно познавање во полето на AI и компјутерска визија…

Пивотирање како докажана формула за успех

Pixyle AI ќе започне како Pixyle Fashion Search во 2017-та – стартап кој искористува вештачка интелигенција за да идентификува парчиња облека на фотографии од модни блогери и инфлуенсери, притоа автоматски идентификувајќи исти или слични продукти кај е-трговци, а како модел на заработка ќе се фокусира на affiliate линкови.

“Во стартап програмата имав разговори со модни инфлуенсери во Амстердам, каде што открив дека трошат многу време за да пронајдат исти или слични парчиња облека од слики, за да ги линкуваат во своите постови со цел заработка преку affiliate. Веднаш знаев дека ова е нешто што вештачката интелигенција може да го прави во секунди. Првиот продукт се викаше Fashion Search а за affiliate моделот дознав при овие разговори.” – раскажува Светлана.

Убедена дека идентификувала голем проблем кој може лесно да го реши, Светлана сама ја кодира првата верзија од Fashion Search и започнува со процесирање на слики од Instagram од таргетирани модни блогери. Паралелно се обидува и да предвиди трендови на пребарување на трети платформи. Но, по само три месеци, стравот дека развива продукт кој е целосно зависен од трети платформи како Instagram, поучена од туѓи искуства на темава решава да го пивотира продуктот и да изгради стартап со своја инфраструктура, односно маркетплејс кој со помош на AI ќе идентификува модни парчиња облека кои се еко и одржливи. Оваа идеја на Pixyle како маркетплејс сервис кој овозможува на корисници да закачат фотографија од парче облека, во кое сервисот ќе ја испроцесира и ќе предложи слично парче но со еко и одржлива етикета е идејата во која Светлана навлага целосно. Тимот набрзо започнува да се шири преку регрутирање на студенти од Универзитетот Гоце Делчев, кои се и ден денеска дел од стартапот.

Со овој бизнис модел, Pixyle во ноември, 2017-та се приклучува на инвестициската програма фоксурана на AI стартапи на холандскиот RockStart акцелератор. Каде што, под менторство на искусни стартап ветерани, Pixyle уште еднаш ќе пивотира во денешниот формат.

“Денеска Pixyle AI е продукт на многу високо ниво. Користи PyTorch и над 10 адаптирани невронски мрежи со преку 80 милиони параметри кои ја искористуваат Google Cloud архитектурата…” – објаснува Светлана.

Акцелераторска програма која ќе го оформи стартапот

Стартап програмата на RockStart нуди иницијална инвестиција од 20.000 евра во стартапот но и повеќемесечна обука и менторство од повеќе аспекти. Овој исчекор со RockStart акцелераторот, кој подоцна ‘е се потврди како еден од поважните аспекти за успехот на денешниот Pixyle, бара и често физичко присуство на Светлана во Амстердам, кое за неа значи голема пожртвуваност.

“Откако се приклучивме на акцелераторот, постојано патував на релација Македонија – Холандија, а како мајка на мало дете ова беше исклучиво тешко и бараше голема пожртвуваност.” – дообјаснува Светлана. “Треба да имаш храброст и дебела кожа, бидејќи живееме и во општество кое диктира различни правила, особено за мајките.”

Менторството од RockStart ќе и помогне на Светлана во многу аспекти, од формирање на соодветен бизнис план, поврзување со конкуренти (Project Cece) кои подоцна ќе станат и едни од првите клиенти, до добивање на жестоки критики дека на стартапот му е очајно потребен нов бизнис модел или ко-основач, во спротивно дека истиот ќе пропадне.

“Во RockStart добивавме навистина строг фидбек во форма на критики, кои за мене беа ОК, бидејќи за време на докторските студии се навикнуваш на таков формат на работа преку одбиени публикации, директни критики од колегите. Но преспиваш, ги вадиш поуките и продолжуваш. Бев депресивна два дена, но потоа почнав да ги слушам менторските совети и да преземам активности на таа тема. Секоја критика е бесплатен совет!” – вели Светлана.

Свесна дека е полесно да пивотираш додека си на почеток, благодарение на целиот тој строг фидбек во RockStart, Светлана одлучува да го промени бизнис моделот во она каде што најдобро може да ја имплементира технологијата која ја има. Многу брзо дознава дека е тоа во заштедата на време при тагирање на големи каталози на продукти за е-трговците, кои со помош на Pixyle AI ќе заштедат часови и часови работа. Пивотирањето во ваков продукт го решава бизнис моделот, меѓутоа советот дека мора да најде ко-основач кој не е техничко лице (со цел да може да ги реализира и согледа нетехничките предизвици) останува нерешен… барем не до 2020-та година.

Холанѓанецот во Скопје, македонката во Амстердам

Фасцинантно е колку приказната за Pixyle патува на релација Холандија – Македонија од повеќе аспекти и во повеќе периоди низ годините – од иницијалната Еразмус размена, до докторатот, па RockStart… па сè до проширување на тимот со ко-основачот Роланд Симон, кој со Светлана ќе се запознае во Штип, а не во Амстердам. И тоа благодарение на активностите на Startup Macedonia и SwissEP програмата.

Роланд Симон

Доаѓањето во Македонија

Роланд е Холанѓанец со завршена бизнис администрација кој живее во Амстердам и кој кариерата ја започнува во 2001-ва во традиционалната маркетинг индустрија, работејќи за L’Oréal како продукт менаџер каде што се запознава со моќта на брендингот.

“Работејќи во L’Oréal ја открив моќта на брендовите и сè уште верувам во филозофијата на градење на брендови. Ако имаш силен бренд, лесно може да се создаде доверба, можеш да побараш премиум цена на производот и плус многу други предности…” – раскажува Роланд.

По неколку години продолжува во глобалната маркетинг агенција TBWA каде што работи за компании како Heineken, Unilever за да 10 години работи во холдингот Ahold Delhaize – се до 2018-та година кога со семејството се преселува во Скопје.

Преселбата на Роланд е иницирана од менаџмент позицијата на неговата сопруга во Heineken, која како компанија има филозофија од своите менаџери да побара повремена дислокација и промена на пазар. Покрај неколкуте понудени дестинации, семејната одлука паѓа на Скопје и двегодишна работа во Скопска пивара, чиј сопственик е всушност заедничко вложување помеѓу Coca-Cola HBC и Heineken. Оваа одлука, всушност бара од Роланд да се откаже од својата тековна кариера и да ја поддржи кариерната патека на неговата сопруга, чекор кој тој гордо го презема и во 2018-та со сопругата и своите малолетни деца доаѓаат во Скопје на двегодишен престој. Оваа патување е и нивното прво стапнување на Балканот – каде што се фасцинираат од блискоста на народот, спонтаноста на активностите како едни од подобрите работи, а за негативните во друга прилика… :)

Активноста е подобра од седењето дома

Соочен со комплетно нова средина во која не го разбира јазикот, без работа, во улога на шофер со стриктен распоред за носење и земање на децата од школо и сопругата од и до работа, Роланд ја започнува својата македонска авантура во која носи одлука дека ќе биде активен во секоја можност која ќе му се пружи, ќе запознае што е можно повеќе луѓе и ќе го исполнува денот со разни активности. Проактивноста го води по разни настани, кафиња, состаноци а при една посета на настан во организација на холандската амбасада, запознава локални луѓе кои организираат настан во Public Room и кои се обидуваат да контактираат со уметник во Амстердам, кој всушност му е комшија на Роланд.

Искористувајќи ја комшиската врска, пружа помош со контактите и тоа го носи на настанот во Public Room, каде што се запознава и со локалните активности на SwissEP програмата која поддржува локални стартап екосистеми преку размена на претприемачи. Со цел да го исполни денот со уште активности, се приклучува на SwissEP преку која ќе оствари повеќе менторски сесии на тема брендирање и маркетинг со локални стартапи, а во 2019-та оваа активност и фактот дека е холанѓанец во Скопје, а Светлана македонка која нон стоп патува за Амстердам, ќе ги спои на кафе во Штип, каде што ќе отпочне меѓусебното запознавање на идните ко-основачи на Pixyle кои соработката ќе ја започнат најпрвин преку сесии и работилници за брендинг и маркетинг, со никаква иницијална идеја за партнерство.

“Немав намера да станам ко-основач. Имав слободно време и уживав во процесот и сакав да им помагам на стартапи. Она што го дискутиравме на почетокот во одреден момент јадејќи пастрамајлија во Штип, беше остварување на работилница каде што подлабоко ќе се развие брендингот на Pixyle.” – раскажува Роланд. “Ја направивме тричасовната работилница, а потоа почнавме скоро неделни соработки на кои го дискутиравме прогресот.”

Од брендинг работилница до партнерство

По неколкумесечна соработка на тема брендирање и кафе пиење, Роланд и Светлана активно комуницираат за се повеќе бизнис аспекти и нивните разговори се прошируваат од потенцијални соработки со клиенти до можности за проширување на бизнисот во Холандија. Моментот на формално партнерство помеѓу нив се случува дури во 2020-та, во екот на пандемијата кога Роланд со семејството се враќа во Амстердам и се соочува со одлуката дека треба да започне со активна работа од која ќе остварува соодветни приходи за живеењето во Холандија. Меѓусебната доверба драстично зајакнува кога Роланд ќе почне да лобира кај свои контакти од индустријата за имплементирање на Pixyle како технологија и кога истите ќе преминат во активни клиенти.

“Она што ми се допаѓаше кај Светлана е тоа што беше отворена за предлози и совети и навистина сакаше да го примени тоа. Ја немаше онаа дефанзивност којашто ја гледав често кај останатите македонски стартапи кои на секој предлог објаснуваа дека на Балканот поразлично функционирале работите.” – дополнува Роланд.

Во 2021, неколку неделните договори, преговори и разговори кулминираат со одлука Роланд да се приклучи како ко-основач со соодветен удел во бизнисот. А со ова, Светлана го решава и заостанатиот проблем кој и тежи уште од RockStart деновите: пронаоѓање на ко-основач со спротивни способности од нејзините.

Инвестиција која отвора пат до потенцијални милијарди

Во декември, 2022-ра, регионалниот South Central Ventures објави дека ќе инвестира 1 милион евра во овој стартап.

“Премисата зад Pixyle AI е дека пребарувачите и пребарувањето на e-комерц сајтови ги разочаруваат купувачите. Неконзистентниот, нецелосен и неточен квалитет на податоци поврзан со производите не им помага да го најдат она што го бараат. Истражувањата покажуваат дека 94% од пребарувањата даваат неважни резултати, а 72% од сајтовите целосно не ги исполнуваат очекувањата за пребарување. Како резултат на тоа, поголемиот дел од купувачите го напуштаат своето пребарување и не се враќаат. Google процени (само во САД) дека цената на таквите лоши искуства со пребарување е 300 милијарди долари во изгубен приход секоја година.” – стои во официјалното соопштение на SCV Ventures во кое ја најавија инвестицијата.

Дел од тимот на Pixyle во Штип

Календарски гледано, тимот на Pixyle AI прилично брзо ги надминува предизвиците со дефинирање на продуктот, креирање на MVP, создавање на тим, остварување на стабилен месечен приход и постојана валидација на идејата од постоечки и потенцијални клиенти. Pixyle денеска има официјална канцеларија во Штип каде што е девелопмент тимот на чело со Светлана, и канцеларија во Амстердам, каде што во план е да се постави продажниот и маркетинг тим на чело со Роланд. Потребата од проширување на девелопмент тимот годинава ќе ја реализираат и со отворање на канцеларии во Скопје…


Официјален сајт на платформата: https://pixyle.ai
Демо: https://demo.pixyle.ai

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Operations

Singular

Team Lead

Matrix IT Global Services Macedonia

Marketing Strategist

Matrix Global

QA Engineer

види ги сите огласи на kariera.it.mk