Како би изгледало кога скопскиот асфалт, графитите, локалните пародии и препознатливите улици на Центар би станале сценарио за криминална open-world видеоигра? Одговорот ни го дава хоби проектот на Христијан Илиески, Никола Колевски и Благој Димов, тројца ентузијасти од Bizwebpack кои стојат зад Capital Crimes: Skopje. Со помош на вештачка интелигенција тројцата го префрлаат Скопје во видеоигра која потсетува на GTA (игра која излегува оваа недела!). Сепак, како што и самите велат, ваков зафат од мал тим не би бил возможен без паметна употреба на вештачката интелигенција, која активно ја користат за градење сопствени алатки, 3D моделирање, пишување код и забрзување на репетитивните задачи.
Изграден во реален 1:1 размер преку теренско снимање и сопствени алатки, овој проект ја размрда гејминг заедницата. Во пресрет на официјалниот трејлер и демото во декември, ги прашавме како се гради виртуелно Скопје од нула, зошто играта паралелно се развива во Bevy и Unreal Engine, и дали по Центар на ред е Водно.
Позади играта стои мал тим од тројца: Христијан, Никола и Благој. Тимот е всушност дел од нашата компанија за изработка на софтвер – Bizwebpack, а играта ни е како додатен, хоби проект на компанијата и нешто кое сите тројца уживаме да го правиме.
Од каде дојде идејата и инспирацијата за Capital Crimes: Skopje?
Oтсекогаш ми било сон да направам да направа ваква игра. Мислам дека е сон на повеќето луѓе што пораснале со GTA, да можат да го видат своето маало во 3д игра во отворен свет. Благодарение на хардверот денес, на цело знаење од изминатите години и на вештачката интелегенција, изработката на ваква игра стана реалност.

Зошто баш „crime game“? Дали Скопје природно нуди подлога за ваква видеоигра и приказни или сè тргна од љубов кон жанрот?
Дефинитивно се започнува со љубов кон жанрот, а едноставно и за ваков тип на игра природно доаѓа идејата за криминална приказна. Секако, најтешкиот дел во играта е создавањето на 3д светот, криминалот ќе биде само еден дел од играта, имаме можност да направиме многу интересни заплети, „side stories“ и слично.
Колку време ви требаше само за да го дигитализирате Центар и кој е вашиот процес на пренесување на реалната архитектура во играта?
За да го направиме Центар ни требаа околу 4 месеци. Имаме квалитетна камера, правиме прошетки низ Скопје и снимаме, потоа имаме направено наши специјализирани алатки кои ни помагат се тоа да го претвориме во играта. Се разбира, зградите се базирани на реалните, не може да се 100% исти, но ја доловуваме атмосферата, размерот е точен, улиците се точни и битните објекти се комплетно custom еден према еден.

Колку внимавате на оние мали, локални детали (графити, специфични објекти, препреките на тротоарите) што скопјани веднаш ќе ги препознаат?
Па моментално сме во таа фаза и тоа е најтешкото. Наскоро следуваат повеќе скриншоти, каде ќе се видат и тие работи. Графити веќе имаме, имаме и билборди, имиња на бизниси, продавници и слично, но сите се пародија на реалниот свет. Сепак, изработени се на начин на кој асоцираат на она што е реалност.
Дали во играта ќе може видиме препознатливи урбани „градски легенди“ или ликови?
Дефинитивно некои од идеите се да пресликаме некои познати случки од Скопје во играта како дел од активностите. Вистински ликови немаме, најверојатно така и ќе остане, но ништо не е финално. Причината е тоа што не сакаме да ја поврземе реалноста на директен начин, која често е многу поларизирана и со самата имплементација во играта тера на тоа да се заземе нечија страна.

Играта според сајтот ќе може да се игра директно во browser, како и на PC и Mac. Кој енџин го користите и како успевате да оптимизирате детална open-world мапа да работи мазно во прелистувач?
Ова е голема внатрешна борба моментално, се трудиме со сите напори да ја задржиме browser верзијата, но почна да ни создава големи потешкотии и да не кочи. Всушност, баш поради тоа играта моментално постои во 2 паралелни верзии. Првата го користи Bevy енџинот и речиси се останато е комплетно изградено од нас. Втората верзија е во Unreal Engine. Текстурите, начинот на создавање на градот, физиката и сл. Се исти во двете игри.
Ова се случи поради тоа што во првата верзија стигнавме некој „лимит“ кој што за да го надминеме бара многу време и посветеност од нас. Тој лимит е во однос на светло, графика и изглед на играта. Едноставно не можеме да ја доведеме до перфекцијата која што ја сакаме. Втората верзија пак, има се што сакаме, но и фали малку „шмекот“ од оригиналната кој се обидуваме сега да го доловиме и мислам дека успеваме.

Каков е гејмплејот во оваа фаза? Што може играчите да очекуваат од демото?
Моментално имаме комплетно функционален отворен свет, оружја и пукање, NPC карактери кои се релативно паметни и реагираат на случките околу нив. Имаме многу добро возење и физика на кое посебно сме горди и вложивме многу време. Исто така имаме неколку тест мисии. Демото веројатно ќе е една мисија која ќе го натера играчот да прошета низ центарот и да го почувствува потенцијалот на играта.
Каков е првичниот одзив од скопската и македонската гејминг заедница?
Искрено, неочекувано голем, за што сме бескрајно благодарни, до сега имаме огромен број на пријавени луѓе на нашиот newsletter и добар број на платени поддржувачи. Според досегашните статистики, можеме да кажеме даке македонската гејминг заедница е гладна за некој ваков проект.

Колку ви се важни предлозите од играчите при одлучувањето за измените во градот?
Многу ни се важни, секој еден коментар и предлог го читаме и земаме во предвид, но проблемот со ваков тип на игра е што можностите се буквално бескрајни и мораме да имаме некои филтер и граница, инаку проектот ќе остане вечно во девелопмент.
Кога можеме да го очекуваме демото и што играчите мора да пробаат кога ќе влезат во виртуелното Скопје?
Демо ќе има наскоро, веројатно некаде на средина на декември. Демото е спремно, но сеуште не е доволно добро за наши стандарди да го објавиме. Трејлерот излегува оваа недела каде што ќе се прикажат многу повеќе детали. Во однос на тоа што играчите мора да пробаат – буквално се! Самото чувство да се наоѓате во Скопје, ама во 3д игра е само по себе нешто што мора да се искуси.

Откако ќе го завршите Центар, кој дел од Скопје е следниот на мапата?
Ќе видиме, една од идеите е следно да биде Водно, кое ќе биде доста добар предизвик, но ќе ја направи играта многу по динамична и интересна. Потоа би сакале да го прошириме светот со останатите населби. Од технолошки аспект можеме, играта поддржува ширење со задржување на перформанси, но ширењето оди доста споро и бара работа од наша страна.
Каде го гледате Capital Crimes: Skopje на долг рок?
Моментално се што не бутка напред е лична желба и благодарение на бизнисот во позадина можеме да инвестираме малку време и пари. За на долг рок веројатно ќе се обидеме да собереме буџет кој ќе ни овозможи да посветиме повеќе време и ресурси на играта. Секако иницијалниот план е да ја објавиме финалната верзија некаде во текот на нареднта година, со мапата што ја имаме сега, но не би можел да кажам точно во каква верзија, бидејќи има премногу варијабли и опции.

Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...