Македонската Airport Briefing ќе ја користат 10.000 пилоти на Lufthansa Group [.мк стартап на месецот]

Овој текст е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој ја раскажуваме приказната на одбран .мк стартап кој е на пат кон успехот.

.мк стартап на месецот [декември, 2022]:

Synapse Aviation со Airport Briefing – иновативен производ во глобалната авијациска индустрија


Airport Briefing е софтвер кој им овозможува на пилотите на интерактивен начин, користејќи 3Д и аудио-визуелни елементи, да ги проверат оперативните информации за секој аеродром.

Секој пилот кој управува авион, според стандардите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, задолжително мора да го исчита и провери т.н. Оперативен Прирачник дел Ц, што претставува брифинг за изведба на авио лет на еден аеродром во кој се наоѓаат информации како мапи, специјални аеродромски процедури, процедури за непредвидени ситуации и сл. Општата пракса во авио индустријата е овие информации пилотите да ги добиваат во текстуален формат, во обемни PDF фајлови.

Synapse Aviation со помош на Airport Briefing го дигитализира целиот тој процес.

“Airport Briefing овозможува сеопфатна замена/подобрување на овие текстуални информации преку кориснички-ориентирана 3Д интерактивна презентација. Решението опфаќа приказ на информации поврзани со рутите и аеродромите, мапите и графиконите, како и придружните документи кои ја покриваат областа на операциите при изведба на еден авио лет. Исто така, вклучува и специјални аеродромски процедури и процедури за непредвидени ситуации.” – појаснува Филип Арсов, ко-основачот на Synapse Aviation.

Airport Briefing е прв производ од ваков тип во авијациската индустрија, а воедно е и првиот продукт на Synapse Aviation, спин-оф компанија од маркетинг агенцијата Synapse.

Aмбициите на Synapse Aviation се да одговори на повеќе потреби во глобалната авионска индустрија. Основачи се Филип Арсов, сопственик на дигиталната агенција Synapse и искусниот капетан пилот Кочо Мојсов, кој веќе 10 години работи во Qatar Airways и специјализира во управување на авиони Boeing 777. Стартапот, основан во 2016-та година има добиено повеќе рунди на инвестиции чија вкупна сума надминува 500.000 евра, а последната од нив од 200.000 евра во стартапот е реализирана токму овој месец од страна на Seavus Incubator. Покрај новата инвестиција, периодов значајно за Synapse Aviation е што постоечкото портфолио на 8 клиенти го надополни со Lufthansa Group. Со групацијата склучија 7-годишен договор во кој е предвидено имплементација на софтверското решение во сите 10 авиокомпании членки на групацијата: Lufthansa Airlines, Lufthansa Cargo, Lufthansa Cityline, Austrian Airlines, Swiss Airlines, Edelweiss Air, Eurowings Discover, Brussels Airlines, Air Dolomiti, Germanwings.

Кочо и Филип во канцелариите на Lufthansa Group во Франкфурт – потпишување на договор за соработка

Во овој текст, за почетоците и авантурите на стартапот дискутиравме со Филип, а во некоја следна прилика се надеваме ќе можеме да ја раскажеме приказната и од страна на другиот ко-основач, Кочо Мојсов, кој има фасцинантна и долга кариерна патека во која исто како и кај Филип, постојано е присутен претприемачки дух и желбата за свој продукт.

Програмер = веб дизајнер = 3Д артист = претприемач

Филип Арсов, ко-основач на Synapse Aviation

По дипломирање на смерот Електроника и телекомуникации на ФЕИТ во 2003-та година, Филип ја почнува својата кариера во ИТ секторот вработувајќи се во мала локална компанија наречена Смарт Системи која работи со Oracle датабази и Oracle Forms воглавно за банки и поголеми компании. По кратко време, тазе дипломираниот инженер сфаќа дека го направил погрешниот кариерен избор и од недостаток на креативност, го менува кариерниот правец во фриленсер на веб и дизајн проекти, паралелно учејќи 3Д преку 3D Max.

Од денешна гледна точка веќе јасен копнеж за нешто свое и лично, Филип во 2005-та година, го основа својот прв бренд, GizmoArts – мултимедијално студио кое специјализира во визуелизација на 3Д архитектура и генерирање на 3Д рендери. Со доаѓањето на првите фриленс клиенти, му се јавува и потребата за мирна работна средина каде што ќе може да ги реализира проектите, па чука на врата во канцеларијата на своите пријатели, тогаш наречена Synapse Technology, и кај нив почнува да користи слободно биро. Long story short, како што вели Филип при раскажувањето на својата кариера, откако неговите пријатели се откажуваат од бизнисот и останува сам во канцеларијата, поради обемот на работа, потпомогнат од нескротливиот претприемачки дух, во 2007-ма година прави регистрација на своја фирма. За името, се одлучува да го наследи името Synapse од веќе затворената компанија на своите пријатели, и ја регистрира компанијата Synapse групација.

Што значи Synapse?

Во нервниот систем, синапсата (анг. synapse) е структура која дозволува неврон (или нервна клетка) да пренесе електричен или хемиски сигнал до друг неврон или до целната ефекторна клетка. Синапсите се неопходни за пренос на нервните импулси од еден неврон на друг. Невроните се специјализирани да пренесуваат сигнали до поединечни целни клетки, а синапсите се средствата со кои тие го прават тоа.

Копнеж за иновација и свој продукт

Следните 8 години, Филип со тим од 10-тина луѓе ќе ја предводи Synapse во комбинација со GizmoArts и ќе се фокусира на услужната дејност – претежно работејќи веб, дизајн и 3Д проекти за традиционалните маркетинг агенции како Futura, IdeaPlus, Mccann, Republica, MarketVision како и разни локални и глобални клиенти. Во 2011-та од страна на Македонската развојна фондација за претпријатија, Филип ќе биде прогласен и за најдобар претприемач во категорија микро претпријатија за 2010 година.

Филип Арсов со наградата Најдобар претприемач за 2009 година во категорија микро претпријатија

Како што временски одминуваат постојаните предизвици со клиенти, по иницијалната мотивација за работа со услуги, скриениот копнеж за сопствен продукт и желбата за креативен и иновативен проект започнува да излегува на површина…

“Се боревме така едно добри 8-9 години, за да сфатам дека јас всушност сакам да направам свој производ. Целиот момент на давање услуги, бркање проекти, стигање на рокови почна да станува исцрпувачки.” – дообјаснува Филип.

Реалноста која Филип ја согледува е дека продавањето на своето и времето на неговите вработени за изработка на веб или дизајн решенија има ограничување, особено во Македонија, и како единствена скалабилност во тоа сценарио е потребата да го зголеми својот тим со цел да ги достигне успесите кои ги замислил…

“Целата работа на аутсорсинг моделот се сведува на тоа да ти наоѓаш човечки талент и да го изнајмуваш. По оваа логика, ако сакаш да заработиш повеќе треба да имаш поголем тим. За да ги остварам финансиските успеси коишто ги замислував, требаше да имам тим од 50 или 100 луѓе.” – објаснува Филип.

Но, по 2012-та локалниот ИТ пазар на труд не е ист како пазарот во 2007-ма, почнуваат масовни регрутации и флуктуации на кадар, влегуваат странски компании и битката за скалирање на тимот неприметно се преточува во предизвикувачка битка за одржување и задржување на постоечкиот. Пазарот тука создава една малку поинаква реалност за Филип и Synapse, во која тој треба да одлучи што и како ќе прави во следниот период…

“Во оваа фаза малку се исплашив дека за да успеам во замислата за успех, треба да имам многу луѓе во тимот кои генерално доаѓаат и си одат. Се запрашав зошто да дозволам работата да ми зависи од други луѓе и така одлучив да направам свој производ, своја интелектуална сопственост.” – вели Филип. “Враќањето на инвестицијата на тоа што ќе го создадеш од своја имагинација е непроценливо, можеш да создадеш нешто што никој го нема направено и нема граница колку можеш да успееш со тоа, а времето на најдобриот програмер од друга страна можеш да го продадеш по ограничена цена, макар и максималната пазарна цена, сепак е ограничена.”

Дигитален уметник во маска на претприемач

Кога соговорникот ќе ви раскаже дека во петок после работно време се релаксира со прелистување на креативни проекти на Awwwards, ви станува јасно дека зборувате со човек кој иако има титула на претприемач, дури и награда за тоа, вие всушност зборувате со страствен вљубеник во дигиталната уметност, а како бонус има и почит кон спиритуалноста, и некој што ужива во процесот на работење, а уште повеќе ужива во успешно реализиран креативен проект.

Филип Арсов

Она што е интересно и што сè почесто го забележуваме во ИТ и пропратните креативни индустрии, се креативните претприемачи (ако може така да ги наречеме), кои пред сè ја обожаваат работата, работат за да решат предизвикувачки проблем, да направат нешто кое ќе им донесе гордост, а истовремено забораваат соодветно да го наплатат трудот. На ваквите претприемачи, градењето финансиски капитал не им е приоритет или преоптеретување, се задоволуваат со компензација во креативност и реализација… барем до оној момент додека не се испразни сметката. Филип, без сомнеж би го ставиле во оваа група на т.н. креативни претприемачи. И кај таквите, нема колебање дека ќе го чекорат патот кој им ја дава таа енергија… па дури и да е потешкиот.

“Мојот мотив е да го работам тоа што го сакам. А со времето ја согледав и потребата за втор мотив – а тоа е да имам FY money.”

Долг пат со падни-стани моменти

Пред Филип да ја ко-основа Synapse Aviation во 2016-та и да започнат со реализација на Airport Briefing, копнежот за свој производ се обидува да го задоволи со реализација на два проекти:

  • Little Jimmy Games, креативна детска игра за мобилни уреди, која ја реализира во соработка со маркетинг агенцијата Futura, и
  • Table Tennis Strokes, платена апликација за учење на пинг-понг потези, реализирана со неговиот брат Александар Арсов, кој полу-професионално се занимава со пинг понг.

За првиот продукт, кој од техничка гледна точка е одлично реализиран и има целна група која е актуелна – родители со деца кои развиваат когнитивни способности, Филип се соочува со предизвик.

“Играта Little Jimmy Games имаше одлична графика, ја работевме заедно со Futura и идејата беше одлична. Проблемот беше што немавме пари, време и фокус да го промовираме производот.” – појаснува Филип за неуспехот на Little Jimmy Games проектот.

Вториот продукт, кој сè уште е активен и се користи од страна на оние кои сакаат да научат посериозно пинг понг е со многу ограничена целна група која носи ситни приходи на годишно ниво и од чија целна група е многу тешко да се направи солиден бизнис.

Не очекувај бизнисот да биде мирно море небо, биди или најди добар капетан 

Приказната за Synapse Aviation започнува од денот кога капетан Кочо Мојсов, денес ко-основач и партнер во Synapse, ќе дојде кај Филип во канцеларија со фрустирачко прашање:

“Како може денес, во 21-ви век, ние пилотите кои летаме со авиони и опрема кои вредат стотици милиони, сè уште да користиме стара технологија за брифирање во врска со многу важни и критички аспекти од летот користејќи обични PDF документи каде бараниот податок тешко се наоѓа, споро се ‘конзумира-меморира’”’ и лесно се заборава??” – Филип го прераскажува прашањето кое го добил од Кочо. “Би било супер, нагласи тој, кога би имале интерактивен 3Д модел од аеродромот и околината при што би можеле визуелно да ги ‘свариме’ тие информации и кога би имале брз и едноставен пристап пред сè до релевантните податоци.

Она што треба да се знае за Кочо, кој освен што е капетан пилот за една од најреномираните авиокомпании во светот, е и претприемач (имал бизнис за сувенири), иноватор (имал направено посебна футрола за држење на запалка на кутија од цигари) и wanna-be програмер (евидентно од неговите Lynda.com курсеви за програмирање во Unity на LinkedIn). :) Тој всушност доаѓа во дигиталната агенција Synapse, барајќи тим кој ќе реализира вебсајт за неговиот хоби проект – 3Д визуелизација на пилотската кабина на Boeing 777, кој Кочо во тоа време го работи со фриленсер од Украина:


При разговорот за реализација на сајтот, двајцата се запознаваат подобро и тогаш Кочо ја споделува горенаведената проблематика на пилотите со читање на долги PDF брифови.

Клучната каписла за отпочнување на реализацијата на продуктот Airport Brieifing се чини дека е одлуката на Филип, проактивно, тестирајќи ја 3Д платформата Away3D, да му испрати 3Д демо визуелизација на Кочо од аеродром и околни визуелизации неколку недели по средбата. По увид во визуелизацијата, Кочо дополнително ќе се инспирира и ќе достави подетална спецификација за потребите и практично така ќе почне развојот на продуктот, во кој Synapse како реализатор добива поголем сопственички удел.

100% од нула е нула

Проектот започнува со 20-80% поделба на удели, па со поактивното учество на Кочо во дефинирање на функционалностите преминува во 30-70%…

“Во тој период од една година кога се запознаваме како луѓе и како бизнис соработници, увидов дека Кочо е всушност многу стабилен човек со големи познавања и вистински професионалец – човек што кога ќе каже нешто, навистина ќе го направи тоа и ќе го направи навремено. Кога ќе добиеш спецификација со сите потребни забелешки и појаснувања, се чудиш дали тоа излегло од еден човек или од академија… ” – раскажува Филип за Кочо.

Лицитацијата на удели доживува крај откако Кочо и Филип ќе седнат на целодневна дружба на викендица и Филип ќе предложи партнерски да го работат проектот со 50-50% учество во удел, правно основајќи ја Synapse Aviation како компанија.

“Го понудив тоа поаѓајќи од 30-70% позиција. Рационализирав дека за еден успешен бизнис, јадрото мора да биде здраво и тие имотно-правни односи помеѓу основачите треба да бидат на многу здрава основа. Реално гледано, без неговата експертиза немаме продукт, исто како што немаме без мојот тим.” – ја појаснува одлуката Филип.

Кратко по ова, благодарение на четири колеги на Кочо, Synapse Aviation добива инвестиција од ангел инвеститори во вредност од 160.000 евра (за отстапување на 16%, со сопствена евалуација од 1 милион евра), првата транша инвестиции кои Synapse Aviation ќе ја добие. Втората ќе дојде од грант на ФИТР, исто така во вредност од 160.000 евра во 2020-та година.

Официјално лансирање на саем во Холандија

Првата верзија од Airport Briefing ја пуштаат во 2017-та година како мобилна апликација која секој индивидуален пилот може да ја преземе и плати на AppStore, а паралелно отпочнуваат и B2B продажби кон авиокомпаниите. Многу брзо B2C моделот на пласман на продукт ќе го повлечат, бидејќи истиот станува нелојална конкуренција и штети на B2B продажбите. Официјалното лансирање на продуктот е направено на саем за авијација во 2017-та во Холандија каде што Synapse Aviation остварува контакти и соработки со најголемите имиња во авио индустријата.

За време на целото ова патешествие, секако дека приказната на Synapse Aviation ги состои генералните предизвици кои се однесуваат на секој стартап како валидација на идеја, градење и менаџирање на тим, развој на продукт, финансирање, продажба и сл… во случајот на Synapse Aviation посебен предизвик се и промените кои доаѓаат со глобалните настани како Covid-19 пандемијата, војната во Украина, надоаѓачката економска криза и други светски настани кои директно влијаат на туризмот, патувањата, глобалните движења на луѓето, а со тоа и на авиоиндустријата.

Tech stack-от на Airport Briefing

Најголемата техничка револуција Airport Briefing ја доживува за време на пандемијата, каде што потпомогнати од инвестицијата од 160.000 евра од ФИТР, Филип и Кочо го користат периодот 2020-21 комплетно да ја редизајнираат тогашната втора верзија.

Во моментов, Airport Briefing веќе ја одминува својата трета развојна фаза во која е завршена целосна имплементација на новата 3Д платформа Unity3D,  направена е интеграција со AWS Cloud сервисите, развој на NavDataManager модул за парсирање на аеронаутички податоци од ARINC424 формат, автоматска 3Д визуелизација на податоци врз гео-референциран 3Д терен, 3Д визуелизација на временска прогноза во реално време, развој на алатка за креирање на 3Д содржини, софистициран админ панел за целосен увид и контрола на работењето на платформата за секој клиент посебно, имплементација на “multitenancy”, имплементација на CI/CD архитектура и уште многу други функционалности и содржини. 

Филип го објаснува tech stack-от и техничките предизвици за развој

Мобилната апликација е изработена во Unity3D/C# при што се користи и HTML/CSS/JS/Objective C/SQLite, додека за админ панел веб апликацијата се користи .NET core, C#, MySQL, Angular, HTML/CSS/JS. Третата верзија од платформата е изградена врз Amazon Web Services (AWS). Како следно на списокот за развој, е креирање на API компоненти за интеграција со други платформи, развој на концепт на социјална мрежа на пилоти и централизиран систем за брифирање, развој во насока на обезбедување на карти за летање (terminal charts)…

На повидок мирно небо за 2023 година

Седум години од првичното дефинирање на идејата, Synapse Aviation сега може да се пофали со сериозни клиенти, над 500.000 евра вкупни инвестиции и можеби најважното за еден стартап, стабилна трета верзија од продуктот Airport Briefing The ultimate situational awareness and briefing tool for any operating aviator.

Благодарние на договорот со Lufthansa Group од кој се очекува околу 10.000 пилоти во повеќе авиокомпании да го користат Airport Briefing и новата инвестиција од 200.000 евра од Seavus Incubator прогнозата за летот кон успехот на Synapse Aviation е мирно небо!

Им посакуваме удобен лет!


Официјален сајт на апликацијата: https://airportbriefing.aero/

Претходни приказни од .мк стартап на месец серијалот:

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

MDH Insurance Services DOOEL

Mid/Senior .NET Software Developer

Digilink Konsalting

Java Script Developer

Matrix IT Global Services Macedonia

Technical Support Specialist

види ги сите огласи на kariera.it.mk