Почитувани посетители дозволете да ви посакаме едно големо добредојде на нашиот и вашиот ИТ портал. Местото каде што во иднина ќе имате задоволство да читате за последните случувања и новости од дигиталниот свет, статии за информатичката технологија, совети и трикови за тоа како да ги искористите вашиот софтвер и хардвер на подобар начин, и местото каде што ќе имате можност да читате реални рецензии на продукти, каде што ќе можете да го споделите Вашето мислење преку форумот со останати ИТ ентузијасти и голем број на други работи во кои се надеваме ќе уживате.
Да почнеме од почеток… IT.com.mk – местото каде што некогаш се наоѓаше само македонскиот ИТ форум, после скоро едногодишно планирање и макотрпна работа прерасна во нешто поголемо, нешто што четири умни глави го планираа уште од самиот старт на проектот на 21 Март, 2007 година и до ден денес го држеа во тајност за да го претстават во вид на подарок за посетителите во чест на првиот роденден на IT.com.mk.
Морам да кажам дека ИТ форумот, односно верните членови кои секојдневно се зголемуваа во број беа несомнено она што не охрабруваше да продолжиме со работата на овој обемен проект кога наидувавме на проблеми, дали технички или финансиски… Форумот беше огромен успех, за само неколку месеца се закити со бројка од над 200,000 уникатни посетители, 1,800 членови и над 40,000 објавени мислења во преку 3,500 теми.
На овој портал може да најдете многу работи и информации од областа на информатичката технологија. Со едноставна цел да го едуцира, промовира и поддржува македонскиот ИТ потенцијал и сектор, порталот содржи мени кое нуди:
– Вести од светот и Македонија
Секојдневно ќе бидат објавувани најновите случувања и вести од дигиталниот свет, делејќи ги вестите во две категории за поголема прегледност, домашни и странски
– Статии
Во овој дел ќе можете да пронајдете разни статии од многу ИТ области
– Блогови
Блог секцијата на IT.com.mk е место каде што нашите автори можат да го искажат своето лично мислење на разни теми и за авторот претставува еден вид на "катче" каде што ќе може да комуницира со своите читатели. За почеток, IT.com.mk ви нуди 7 блогови кои покриваат различни области (од е-бизнис до компјутерска сигурност)
– Рецензии
Во овој дел ќе бидат објавувани реални рецензии за разновидни продукти
– Форум
Стариот добар ИТ форум во ново, подобрено издание…
За оние кои веќе беа дел од форумот, не треба никакво објаснување… а за новите посетители ќе упатам само покана да се регистрираат и да се приклучат во дискусии во над 80 разновидни ИТ теми и самите да видат дека не станува збор за уште еден обичен форум
– Совети
Во овој дел од порталот ќе пронајдете голем број на совети и трикови за тоа како да ги искористите вашиот хардвер или софтвер на подобар начин, или како да се заштитите од последните закани во сајбер светот
– Превземање
Делот превземање ќе служи за листање на бесплатни програми со кратки објаснувања кои можат да бидат од корист на нашите посетители
– Настани
Календарот каде што ќе можете да ги пратите ИТ случувањата и доколку имате шанса, да бидете дел од нив
– Барометар
Барометарот претставува преглед на цените на основните компјутерски компоненти во Македонија преку даден период на време
– Едуцентар
Делот каде што ќе бидат истакнати едукативни материјали на разни теми
Радосно најавуваме и дека во тек е создавање на дополнителен сервис на порталот наречен ИТ ТВ кој ќе биде објавен наскоро.
Што друго нуди овој портал… ќе ве оставам да разгледате самите. :-)
За крај да напоменам дека сите забелешки, коментари и идеи се добродојдени.
И само да напоменам дека во текот на наредните неколку денови порталот може да содржи невалидни линкови или празни страни, но тимот на IT.com.mk активно работи на случајот и работите ќе бидат средени во најкраток можен рок.
[…] на март, 2008-ма, кога Microsoft сакаше да го купи Yahoo!, IT.com.mk го збогативме со оригинална авторска содржина, професионален веб […]