FinqUp – .мк fintech стартап со Робин худ идеологија и големи амбиции [.мк стартап на месецот]

Овој текст е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој секој месец профилираме по еден .мк стартап кој е на пат кон успехот.

.мк стартап на месецот [февруари, 2022]:

Забелешка: Поради делумно (не)оправдани причини и интерни реорганизации, овој текст го објавуваме со доцнење – наместо во февруари – месецот во кој FinqUp е прогласен за стартап на месецот, го објавуваме сега и наскоро ќе следи и .мк стартап на месец март, по што серијалот ќе се врати во планираниот распоред. Tnx на разбирање :)


FinqUp е новооформен македонски fintech стартап кој нуди менаџирање на инвестициско портфолио преку алгоритми за автоматско тргување обезбедени од страна на искусни трејдери кои имаат докажани резултати, а кои всушност корисникот ги одбира на маркетплејс понуден од стартапот.

За да ја разберете приказната и идеологијата на овој стартап кој засега има само почетна инфраструктура но големи амбиции и Робин Худ моменти, треба да го запознаете Диме Галапчев, иницијаторот на FinqUp (стартапот всушност започнал со име RobinHood Reloaded) и да ја разберете неговата кариерна патека во која ја почуствувал неправдата кон обичниот човек што се случува во секторот на инвестициско банкарство и инвестирање и се решил да преземе нешто на тоа поле.

Кога мрежен инжинер ќе стане акаунт менаџер во брокерска куќа…

Диме ИТ кариерата ја започнува како дипломиран мрежен инжинер – прва генерација на тогаш новооформениот ФИНКИ, и иако професионалниот ангажман го започнал во својата струка преку оддржување и сетирање на мрежи и Windows сервери за странски компании, имал прилично негативно искуство каде што и покрај тоа што имал звање мрежен инженер, воглавно од страна на странските компании во тоа време бил третиран со непочит, недоверливост, работни обврски во три смени – но, самиот признава дека последниве години ова е променето, и сега кон ИТ професионалците, а особено инжинерите, се гледа со многу повеќе почит и примањата и обврските се посолидни.

Поради незадоволство решава кариерата да ја насочи кон друг сектор барајќи нов предизвик – отпочнува потрага по нешто во комбинација со маркетинг, но доаѓа до работна позиција како акаунт менаџер во странска брокерска куќа која аутсорсира дел од својата работа во канцеларии во Скопје. Како акаунт менаџер задолжен за менаџирање на односи со клиенти во берзанската куќа, дополнително прави економски анализи за ИТ фирми и технологии и истите ги споделува со клиенти.

Во таа година изнајдов многу дупки, иницијално во начините на менаџирање на клиенти, и тогаш дознав дека луѓето што решаваат сами да инвестираат и да менаџираат портфолио – дури 8 од 10 од нив губат пари. Секој сам што решил да тргува на берзата – со валути, со акции, вклучувајќи и крипто дури – над 8 од 10 губат. А фирмата во која што работев тогаш, имаше 300.000 корисници. Најпопуларните платформи имаат по милиони корисници, еве пример RobinHood има над 17 милиони корисници – тоа значи дека 15 милиони од нивните корисници ги губат парите.” – раскажува Галапчев за неговите сознанија во берзанскиот сектор во кој што работел.

Зачуден од инертниот пристап на тема едукација на клиенти кој тогашната брокерска куќа го практикувала, Диме после година дена ја напушта компанијата и ја менува брокерската куќа со друга, мислејќи дека проблемот е во еден од актерите, а не во целата индустрија која воедно има цел да профитира на секоја направена трансакција, независно од нејзиниот исход за крајниот корисник.

Диме Галапчев

Јавна тајна е дека одговорноста за едукација на своите клиенти воглавно брокерските куќи ја избегнуваат преку бирократски регулативи кои навестуваат дека не треба да се даваат финансиски совети на клиенти, бидејќи на крај на денот секој сака да ја избегне одговорноста кога некој друг губи пари…

“Од брокерската куќа кај што работев излегов малку поагресивно, бидејќи јас тоа го сметав како крадење пари. Ако знаеш дека клиентот ќе ги изгуби пари, ти не смееш да му кажеш да не го прави тоа бидејќи е забрането. Тоа е чиста глупост. Зошто F1 формула не е дозволена да се вози низ град или на автопат? Не може било кој да влезе во неа и да ја вози… или пак оружјето, не можеш на секој да му дадеш оружје. Берзата е нешто од тој тип, не може било кој да може слободно да тргува без да ги разбира работите!” – дополнува Диме, со видно повознемирен тон на глас.

Брзо по напуштањето наоѓа работа во друга, пореномирана брокерска куќа на слична позиција која повторно има аутсорс канцеларии во Скопје, наивно мислејќи дека работите сега ќе бидат поинаку.

Барајќи ја границата меѓу заработката и да се направи вистинската работа

Диме, базирајќи ја бројката на свое истражување, смета дека над 80% од луѓето на планетата не се добро едуцирани за берзите и пазарот на инвестиции и дека луѓето се вчудоневидени од целиот индустриски бум и поттикнати од агресивниот маркетинг и со тоа мислат дека преку ноќ ќе станат милионери.

“На Facebook луѓето гледаат видеа од типот почнав со $100, сега правам $2.000 месечно. Не излегуваат видеа кои велат почнав со $2.000, ги изгубив па ставив уште $10.000, жена ми ме остави бидејќи изгубив цела заштеда…” – дава пример Диме за тоа како маркетингот си ја одработува својата задача, но истиот е далеку од реалноста.

Запрашан од наша страна дали можеби зад сиот овој порив и револт можеби се крие некој личен пораз на берза, некоја изгубена пара при инвестирање, Диме децидно одговара „Не, јас не се коцкам.“ Диме дополнува дека се уште не се почуствувал доволно подготвен да инвестира за себе а не пак да дава совет на друг како и каде да инвестира, иако прати страствено економија и скоро 5 години е во fintech индустријата.

Според Диме, побогатите луѓе кои имаат средства за инвестирање ангажираат луѓе специјалисти кои добро го знаат и пратат пазарот, и воглавно од нивните анализи зависат за тоа каде да ги пласираат парите, додека пониските класи се воглавно прелажани од некоја збогати-се-брзо шема или поттикнати од маркетинг кампања.

“Парите што обичните луѓе ги губат на берза се обично нивните заштеди кои ги чуваат за болест, кола за синот или за некоја недај боже ситуација.” – вели Диме.

Откако поминува кратко време во втората брокерска куќа, Диме се решава на поинаков исчекор – се вработува во Макфакс како специјалист за дигитален маркетинг, за да по три години поминати во оваа новинска агенција самостојно навлезе во светот на affiliate marketing и forex тргувањето, остварувајќи соработка со партнер од Германија, фокусирајќи се повеќе на едукација при маркетингот со цел да ги “испере гревовите”, како што самиот вели бидејќи чувствувал грижа на совест за сите оние кои изгубиле пари во брокерските куќи, а кои тој ги донел како дел од своите работни обврски.

Алчноста на Луфефе

Работејќи во forex affiliate маркетинг, брендинг и општо дигитален маркетинг во кој главно ги спојува клиентите со портфолио менаџери и трејдери, Диме стекнал интересни искуства. На овој начин остварува повеќе B2B соработки со професионални портфолио менаџери кои во денешницата, поради проширувањето на тргувањето, не се веќе дел од институции, туку се пласираат и како самостојни, независни професионалци на пазарот со свои лични стратегии на тргување. Диме тврди дека има над 100.000 вакви професионалци во светот.

Активно го работел ова година дена фокусирајќи се на ЕМЕА (Europe, the Middle East and Africa) регионот, но уште еден пресврт во кариерата му направил Луфефе од Африка.

“Луфефе е човек од Јужна Африка, кој инвестираше 300 евра во едно портфолио на менаџерите со кои соработувавме чија анализа покажа дека ќе има промени со доларот. Луфефе истиот ден направи профит од 10 долари благодарение на таа стратегија. Луфефе вечерта си даде отказ од работа и наредниот ден самиот ги стави сите пари што ги имаше обложувајќи се на британска фунта. Во рок од 24 часа, Луфефе сите пари ги изгуби и не го примија назад на работа.” – го раскажува анекдоталниот пример Диме.

После овој пример, Диме се трга од affiliate маркетингот, на почетокот на 2021 година се решава да оформи стартап кој ќе работи на тоа да го реши овој проблем, започнувајќи соработка со портфолио менаџер од Белгија кој има свои успешни долгорочни стратегии кои применуваат и машинско учење.

Диме Галапчев

Што е FinqUp?

FinqUp е мобилна апликација која што му овозможува на корисниците во еден клик своите инвестиции да ги диверзифицираат врз голем број на портфолио менаџери – професионални трговци на берзата кои што работат преку брокерски куќи и имаат долгорочни резултати.

Активност и волумен дел од POC активни на метал и валути кои генерираат пасивна комисија за FinqUp

“Како платформа дозволуваме на портфолио менаџери кои што ги исполнуваат нашите услови (низок ризик, валидирана профатибилност од 2 години), да отворат акаунти за тргување, во кои што клиентите ќе можат да ги здружат своите средства. Инфраструктурата за тоа постои и се викаат РAMM accounts – Percentage Allocation Money Management, ова се Pooled Money Accounts, каде што профитите се делат процентуално спрема кој колкав удел има од целокупниот износ на средства.” – појаснува Диме за како точно функционира FinqUp. “

Наједноставно објаснето, FinqUp ги насочува обичните корисници кои сакаат да инвестираат, да одберат и да инвестираат во портфолио менаџирано од професионален трејдер кој има најмалку 2 години валидирана профитабилност – потврдена од страна на FinqUp.

Клиентите во самата апликација имаат можност со влечење на еден слајдер да одберат стил на инвестирање – од агресивно до неутрално, а нивните средства ќе бидат на тој начин инвестирани во здружениот фонд и соодветно распределени.

Крајната цел на FinqUp е да собере што е можно повеќе стратегии за тргување од професионални трејдери и да ги понуди во вид на маркетплејс, каде што корисникот ќе може да одбира на кој начин ќе инвестира, а нема сам да носи одлуки. FinqUp, портфолио менаџерот и брокерската куќа заработуваат од секоја остварена трансакција.

Целиот процес на регистрирање и депозитирање во PAMM акаунтите најдовме начин како да го автоматизираме, за клиентот да не треба да излезе воопшто од апликацијата. Тоа ни дозволи диверзификацијата исто така да ја автоматизираме, каде клиентите буквално со слајдер од конзервативно до неутрално, автоматски нивните средства ќе си ги распоредуваат врз различни менаџери спрема нивниот стил на тргување и минати резултати. А бидејќи се работа за акаунти со здружени средства, ова го добиваат и со многу мал влез, буквално од 100 долари, давајќи им на сите напредно градење на портфолио бесплатно, со минимален депозит. “

За решението да функционира, Диме ја искористил претходната соработката со портфолио менаџерот од Белгија, со која FinqUp развива 3 инвестициони стратегии кои што користат машинско учење за да извршуваат голем број на трансакции.

Ваквиот метод на работа има свои предизвици, кои од FinqUp – сега веќе составен од двајца ко-основачи – иницијаторот Диме и Ивица кој му се приклучил малку подоцна кој всушност е професионален брокер во локална брокерска куќа, велат дека ги решиле со цел да се избегне портфолио менаџерите и самите PAAM акаунти да бидат погодени од фактот што на сред тргување може корисниците да одземаат или додаваат средства, притоа влијаејќи на анализите и моделот на тргување.

Proof of Concept-от на FinqUp

Засега во оваа алфа/бета фаза, FinqUp има неколку клиенти – од Англија, Индија и Канада – кои ја користат платформата и имаат добри резултати, кои тргуваат на стратегии обезбедени од професионални трговци од Белгија, Романија, Бугарија и Бразил.

Технолошкиот стак зад овој стартап е MetaTrader, хостирање на AWS, ASP.NET Web API, Android/iOS нативни мобилни апликации и React.jS, Jenkins и Docker.

Робин Худ момент

“Бидејќи целиот стартап е одговор на декади неморалности во секторот кој што дозволува 8 од 10 корисници да ги губат парите, плус ние сме гиверс во природа, воведовме гејмифициран импакт модел, каде што дел од нашите профити на клиентите ќе им бидат доделени како кешбек поени, кои ќе можат да одберат каде да бидат донирани преку апликацијата, и исто така ако сакаат ќе можат да додадат дел и од нивните профити во донацијата.” – дообјаснува Диме.

Читајќи за искуството и ставовите на Диме, слоганот кој овој стартап го има “Responsible investing, for beginners.” започнува да има малку повеќе смисла.

FinqUp засега активно бара инвестиции додека работи на официјално лансирање на својата мобилна апликација, соработувајќи со брокерскa куќa од Австралија и неколку независни портфолио менаџери со свои успешни стратегии, а датумот за кога ќе се случи тоа не е прецизиран. Дел од предизвиците кои овој стартап треба да ги реши се и компатибилен KYC (Know Your Customer) процедури, како и дефинирање на лиценци за одредени пазари. Воглавно поради овие работи, Диме вели дека е потребно да најдат инвестиција и мрежа од луѓе кои може да им помогнат полесно да ги решат овие работи.

Амбициите на овој стартап со Робин Худ менталитет се очигледно големи и поетички настроени од регуларните брокерски куќи и нивните апетити, меѓутоа дали ќе успее Диме да го пласира FinqUp на пазарот или ќе се посвети на семејниот бизнис на производство на гроздов мед – маџун, за кој очигледно има интерес бидејќи за време на интервјуто телефонот на Диме не престануваше да ѕвони на таа тема… останува да видиме. :)

Од IT.mk, на FinqUp му посакуваме успех!

Официјален сајт на апликацијата: https://finqup.com

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Што се дискутира на ИТ форум...Kоментари на статија (0)

Loading new replies...

Во право е дечкото. Подобро е да се изнајде некој што ке менаџира со твоите инвестиции во берзите отколку сам да се соочеш со немилосрдната околина на берзата.

одговори 1 лајкови

FinqUp е новооформен македонски fintech стартап кој нуди менаџирање на инвестициско портфолио преку алгоритми за автоматско тргување обезбедени од страна на искусни трејдери кои имаат докажани резултати, а кои всушност корисникот ги одбира на маркетплејс понуден од стартапот.

За да ја разберете приказната и идеологијата на овој стартап кој засега има само почетна инфраструктура но големи амбиции и Робин Худ моменти, треба да го запознаете Диме Галапчев, иницијаторот на FinqUp (стартапот всушност започнал со име RobinHood Reloaded) и да ја разберете неговата кариерна патека во која ја почуствувал неправдата кон обичниот човек што се случува во секторот на инвестициско банкарство и инвестирање и се решил да преземе нешто на тоа поле.

Прочитај повеќе @ FinqUp - .мк fintech стартап со Робин худ идеологија и големи амбиции [.мк стартап на месецот] ⋆ IT.mk

Абе ова е за луѓе шо имаат пари. Како нема ништо за Нас - што немаме ....

одговори 1 лајкови

Абе ова е за луѓе шо имаат пари. Како нема ништо за Нас - што немаме ....

Никогаш не викај дека немам и не биди таква негатива. Сите сме богати у душата и сите треба да бидеме благодарни на тоа што го имаме моментално.

одговори 3 лајкови

Никогаш не викај дека немам и не биди таква негатива. Сите сме богати у душата и сите треба да бидеме благодарни на тоа што го имаме моментално.

Сакам да кажам - за оние што сакаат да заработат и почнуваат од нула- без да вложат ништо - никој не нуди работа и заработка.. Секогаш има некој трик каде мора да вложиш !

одговори 1 лајкови

преку алгоритми за автоматско тргување обезбедени од страна на искусни трејдери кои имаат докажани резултати, а кои всушност корисникот ги одбира на маркетплејс понуден од стартапот.

Дали можам да го одберам CryptoStef?
Ако не, тури пепел на стартапов.

одговори 10 лајкови

Дали можам да го одберам CryptoStef?
Ако не, тури пепел на стартапов.

too soon

одговори 4 лајкови

Добивај известувања
Извести ме за
guest
6 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk