Почетоците на Native Teams – лондонско-битолски стартап тежок 2 милиони евра [.мк стартап на месецот]

Овој текст е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој ја раскажуваме приказната на одбран .мк стартап кој е на пат кон успехот.

.мк стартап на месецот [февруари, 2023]:

Native Teams е глобална FinTech платформа  за плаќања и регулирање на статус на вработување, поддржана од виртуелен паричник и дебитна картичка која помага при работата на секој фриленсер, вработен на далечина или компанија. 


Native Teams има свои правни ентитети во повеќе од 45 земји во светот преку кои овозможува поедноставување на наплатата за вработени или фриленсери и истовремено им нуди лесен увид во најефикасните даночни решенија за своите примања. Практично, Native Teams обезбедува глобални платежни услуги за хонорарците, работниците на далечина и нивните работодавци. Глобалните платежни услуги вклучуваат виртуелен паричник со повеќе валути, трансфери на пари, барања за плаќање, алатка за фактурирање, изводи од паричник и платежна картичка. Истовремено, платформата нуди услуги и за самите работодавачи кои сакаат да вработат луѓе на меѓународно ниво, надвор од пазарите каде што имаат регистрирано подружници, служејќи како формален работодавач-посредник (анг. Employer on Record), со што на компаниите се нуди можност за брз раст и поголема мобилност при интернационални вработувања.

Платформа за работни плаќања – гласи последната верзија на слоганот на Native Teams кој ќе го пронајдете на нивниот сајт. Меѓутоа и оваа, којзнае која по ред ревизија, најверојатно не е крајна – бидејќи тимот сè уште активно бара начини поедноставно да ги објасни своите комплексни решенија.

Двa милиони евра инвестиција за глобална доминација

Native Teams во октомври, 2022-ра ја комплетираше својата Seed-рунда на инвестиции во која инвестициските VC компании Haatch (Британија), Fil Rouge Capital (Хрватска), Quake Capital Partners (САД) и главниот преводник на инвестициската рунда Eleven Ventures (Бугарија) вложија 2 милиони евра во овој битолско-лондонски стартап за удел од околу 30%. Оваа инвестиција, се вбројува како една од најголемите инвестиции во стартапи во Македонија.

Комерцијалист, филолог и градежен инженер во улога на стартап основачи

Од агол на симплифицирана генерализација, прикaзната за Native Teams е всушност сторија за тоа како еден комерцијалист кој требало да биде агроном од Лондон, придружен од дипломиран филолог и градежен инженер од Битола, создаваат ИТ продукт кој има потенцијал да стане еден од најуспешните стартапи на македонската сцена.

Комерцијалистот Џек Торогод

Native Teams е продукт предводен од Џек, кој во Македонија доаѓа во 2009-та година како дел од основачкиот тим на тогашниот Invidious Limited – британски стартап за монетизација на видео содржини, кој подоцна ќе се ребрендира во Inplayer (кој btw, пред недела дена беше аквизиран од JW Player).

Џек, заедно со другите ко-основачи од Британија во Македонија доаѓа со цел да го оформат девелопмент тимот на InPlayer. За Македонија се одлучуваат врз основа на постоечка соработка со битолски тим на фриленсери, а како влијателен фактор се јавува и причината што нивниот дотогашен развоен тим во Белорусија не може да го спојат во фирма-ќерка на британската, затоа што Белорусија не дозволува странец да поседува компанија. Интересен податок е што почетниот тим на Invidious се оформува во Битола, а подоцна се шири и во Скопје. Во 2013-та, при реорганизација и нова рунда на инвестиции во InPlayer, Џек го продава својот удел и излегува од овој стартап – по што се враќа во Британија. Истата година Џек како ко-основач ја формира компанијата NOVP која продолжува да работи во сегментот на достава и оптимизација на видео содржини, а нуди и развој на софтверски продукти како дополнителна услужна дејност. NOVP е всушност компанијата која ќе ја постави основата на Native Teams и преку која ќе се запознаат Џек, Александра и Никола.

“Откако неколку години градев софтверски решенија за други клиенти, сакав да се вратам во позиција да имам свој продукт… Едноставно има многу повеќе професионална сатисфакција во градење на таков продукт отколку во работа за други луѓе.” – раскажува Џек за почетоците на Native Teams. “Беа потребни неколку години, но во 2017-та започнавме продукт во областа на менаџирање на вработувањата, и си рековме дека има нешто повеќе во тоа поле…”

Пред основањето на Invideous/inPlayer, Џек кој ги прекинал своите студии по агрономија, работел како комерцијалист во Telemetry.com и World Trade Group, посредувајќи во продажба и зделки поврзани со медиуми и продажба на видео реклами.

Филологот Александра Митревска

Александра е ко-основач на Native Teams, каде што формално ја обавува улогата на COO и е задолжена за оперативниот развој на платформата.

Таа и Џек се запознаваат кога Александра ќе се приклучи во NOVP како агент за корисничка поддршка во 2016-та, во формат на хонорарен соработник, a во текот на повеќегодишната соработка ќе ја преземе и улогата на оперативен менаџер во компанијата на Џек, пред да започнат заедно да работат на Native Teams. Александра е дипломиран филолог на УКИМ, која откако ќе увиди дека згрешила со изборот на професија, ќе пивотира во денешната улога преку почетничка позиција во ИТ индустријата – агент за корисничка поддршка во NOVP, всушност нејзината втора работа во кариерата, а на којашто аплицирала само затоа што знаела англиски.

“Во Скопје дипломирав англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет, а по 6-месечната работа како професор по англиски јазик, сфатив дека немам трпение со деца како едукатор, па решив да ја променам кариерата. Мислев дека со ИТ луѓе ќе е полесно…” – низ шега раскажува Александра за својата кариера. “Едноставно почувствував дека во ИТ индустријата, како вреден работник, имав нешто повеќе да понудам, во споредба со она што можев да го направам во едукативниот систем.”

Претскажувачот на иднина Градежниот инженер Никола Бубевски

Никола е третиот ко-основач на Native Teams, сега како VP of Commerce е задолжен за продажните канали, маркетингот и пазарното проширување на платформата. Но, исто како и претходните двајца ко-основачи, Никола има интересна кариерна патека.

“Имам диплома како градежен инженер, што е резултат на моја желба и дополнително влијание, ако може тоа така да го наречеме… Имав можност да студирам во мал град, Радовиш, како дел од програмата за дисперзирани студии. Патував секојдневно, но случувањата во таков мал град се прилично непостоечки за студент, пријателствата и активностите беа ограничени, што лично ми понуди време и можност за дополнително хоби како учење на графички дизајн, куцање HTML и сл.” – се потсетува Никола на студентските денови.

По дипломирањето, кариерата ја почнува во секторот на цивилно инженерство, каде што за странска компанија работи на проекти за имплементација на 5G мрежа во Австралија. Работењето на калкулации за статика, цртање на проектна документација за поставување на 30 метарски антени по одредено време му здосадува. Со цел да ја задоволи својата креативна страна, Никола во 2013-та отпочнува неверојатен бизнис преку онлајн платформата Fiverr – гледање на кафе онлајн, или постручно – претскажување на судбина од талог на испиено турско кафе. Многу набрзо, Никола станува еден од најдобро рангираните читачи на судбина од талог на турско кафе, бизнис кој почнува да генерира добар приход и кој Никола го проширува креирајќи мрежа на гледачи на кафе онлајн, а за бизнисот вели дека и ден денеска е профитабилен сам по себе.

Рејтинг од 4.9 / 5

Неверојатната приказна на Никола за тоа дека гледање на кафе е веродостоен бизнис модел на интернет, моравме да ја провериме… Истраживме и потврдивме дека профилот на Никола на Fiverr има оценка од 4.9 од 5, од над 110+ оставени јавни рецензии, а една од последните рецензии на неговиот профил, оставена од клиентка во САД гласи:

“Беа опишани и објаснети многу детални предвидувања, многу симболи. Беше обезбедена долга приказна за мојата иднина, вклучувајќи карактеристики на мене, луѓе и ситуации околу мене. Тоа е многу детална и напорна работа. Јас сум многу задоволна! Ти благодарам Никола, ги надмина моите очекувања.”

Цената за едно читање на кафе е 20 US долари, а процедурата започнува со испраќање на слика од филџанот.

Средствата од споредниот бизнис, Никола ќе ги искористи за да помогне на семејството, а кариерата ќе се одлучи да ја продолжи во NOVP, игнорирајќи понуда да стане дел од белгиска инвестиција во Македонија која му нуди работа како менаџер на продукциска линија во фабрика. Во NOVP тој ќе аплицира на оглас кој Александра ќе го објави на социјалните медиуми, за колега соработник за корисничка поддршка, на која позиција Никола ќе се задржи само 10 дена пред да премине во продукт менаџер.

Проблем претворен во продукт

Native Teams како продукт е резултат на обидот во 2017-та да се пронајде решение за формално-правното регулирање на работните односи помеѓу Џек како работодавач од Британија и Александра и Никола како соработници од Македонија на кои им се јавува потребата од статус на формално вработување со цел да може да ги искористат услугите на банкарскиот, осигурителен и здравствен систем.

Никола, Александра и Џек

“Имав потреба од банкарски кредит, но како лице коешто нема формален статус на вработување беше тешко да се соработува со банките. Морав да го средувам статусот за формално вработување преку пријател и неговата компанија, на кој месечно му давав средства за да ми исплати плата и придонеси.” – раскажува Александра. “Согледувајќи колку е сето тоа тешко и напорно, претпоставивме дека со вакви проблеми се соочуват и други лица кои работат хонорарно или фриленс, или пак работодавци кои бараат кадар на меѓународно ниво. Тоа беше можност која рековме дека мора да се искористи.”

Џек во тоа време го решава проблемот со класично решение – регистрација на локални компании каде што е присутен тимот од 15 луѓе – во Македонија, Србија и Словенија. Но, опцијата за регистрирање на локална компанија секогаш кога има нов соработник од некоја друга земја не е баш најскалабилно и најбрзо решение. Дополнителна инспирација Џек добива и од сличните проблеми на неколку свои пријатели во ИТ секторот кои во екот на пандемијата започнуваат со меѓународни вработувања. Тогаш се раѓа и идејата дека оваа услуга мора да премине во продукт.

Следните 15 месеци, дел од тимот започнува со активно развивање на платформа во PHP за менаџирање на исплати и вработувања – денешниот Native Teams. A покрај ова, тимот развива и комплементарни производи, Native Drive – продукт за менаџирање на работни фајлови помеѓу далечински тимови, и Native Live – продукт за онлајн состаноци.

NativeTeams.com стартува како унифицирана платформа за фриленсери која ги нуди сите три продукти во едно, но набрзо тимот ја осознава потребата од фокус.

“Откако увидовме дека Native Teams е најлесен продукт за пласман и продажба споредбено со останатите два, се фокусиравме на тој продукт. Гледајќи наназад, лансиравме три продукти мислејќи дека сите три имаат ист потенцијал и дека ќе има интерес за сите истовремено, но брзо се покажа дека Native Teams е продукт со најголем интерес и оној кој најлесно може да се скалира… баталивме се друго и се фокусиравме на негов развој.” – раскажува Џек.

Како работи системот за плаќање на Native Teams

Структурирање на основачкиот тим

Џек како работодавачот и сопственик на продуктот започнува негов развој со сопствени ресурси, но самиот признава дека планирањето и реализацијата на Native Teams е тимска работа помеѓу него, Александра и Никола. Нешто што тој прилично брзо го формализира, нудејќи им на Александра и Никола ко-основачки удел во платформата.

Основачкиот тим на Native Teams

“Ако го развивав продуктот сам, ќе го гледав низ моите очи, како 40-годишен човек со сосема друга перспектива на денешните трендови и со класична работна кариера, додека Александра и Никола имаа сосема друго гледиште на работите – друга возраст, друга националност, фриленсерско искуство, комплетно други искуства… имавме одлична соработка и таа различност придонесе за подобар развој на продуктот.” – појаснува Џек за тоа како од вработени, Александра и Никола преминале во ко-основачи на продукт.

Продажба и пласман > технологија

За разлика од повеќето македонски стартапи кои фокусот го ставаат на технологија и знаат често да заглават во бескраен циклус на развој и нови функционалности, притоа комплетно игнорирајќи планови за продажба и пласман, Native Teams е доказ дека еден стартап може да успее и со малку поинаков пристап, како и дека продажбата и пласманот се исто толку, ако не и позначајни во некои стартапи, отколку технологијата што е “под хаубa”.

Доказот за тоа е фактот што со нецелосно развиен продукт, искуцан во непопуларниот PHP, со недостиг на куп планирани функционалности, Native Teams сепак во јули 2021, се одлучува да се фокусира на продажба и пласман на тоа што го има – услуга на работодавач-соработник и посредништво при меѓународни вработувања (анг. Employer of Record), наместо да чека на совршено сценарио каде што сите замислени функционалности ќе се реализираат. Како тестен пазар го одбираат македонскиот, а со помош на реклами на социјални медиуми таргетираат фриленсери со цел да ја валидираат својата платформа и потребата од неа.

“Започнавме во јули со рекламирање во Македонија. Немавме големи буџети, но го знаевме добро пазарот. Затоа што е мал пазар, можевме лесно да ја тестираме платформата и концептот позади неа. Ако се обидовме со таков мал буџет на поголем пазар, нашата кампања ќе беше само уште една капка во океанот.” – вели Џек.

Преку кампањата и онлајн состаноците (над 200 во првиот месец), Native Teams добива фидбек од фриленсерите за одредени функционалности и недостатоци, а имплементацијата на тој фидбек им ги носи и првите клиенти од Македонија, со што Native Teams почнува да забележува приходи уште во првиот месец од своето јавно постоење. А веднаш по овој успех, истиот пристап се проширува и во Србија и потоа и на други таргетирани пазари.

Иницијален раст од 40% на месечно ниво со профитабилност на повидок

Никола, Александра и Џек

Со фасцинантен пораст од 40% месечно во првите месеци, Native Teams отпочнува муабети со повеќе глобални и регионални инвеститори – процес кој трае повеќе месеци пред да ја заклучат инвестициската рунда предводена од бугарскиот Eleven во која стартапот добива 2 милиони евра за понатамошна експанзија на бизнисот и подобрување на своите операции и тоа по првата година од своето јавно постоење. Искористувајќи ја инвестицијата, Native Teams изминативе месеци го проширија својот тим од 20 на повеќе од 100 луѓе, своите услуги покрај 40-тина земји, ги понудија и на афричкиот континент (Нигерија) каде што веќе бележат добри резултати и работат на подобро позиционирање и дефинирање на своите услуги и функционалности. Но и покрај двата милиони евра на сметка, примарната цел на овој стартап развиен на Широк Сокак сега е пронаоѓање на патот кон профитабилност, цел на која сите тимови во Native Teams се фокусирани во моментот.

А според искуствата во стартап светот, секој стартап кој во seed има 1М+ инвестиција и ќе докаже профитабилност на краток или среден рок, многу лесно доаѓа до нови инвестиции и соработки кои отвораат поголеми врати… но, да не се мешаме во бизнисот на претскажување на иднината, ќе почекаме Џек, Александра и Никола да го допијат турското кафе, па Никола да излезе со професионално гледање на работите… ;)


Дознајте повеќе за платформата на: https://www.nativeteams.com

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments