15 коментари 5 мин. читање

„Бесните фаци“ ја освоија и Македонија. Me Gusta.

Fejs.mk, Fail.mk, 9gag.mk, Demotivacija.mk… За помалку од една година, овие „нови“ забавни сајтови, кои ги користат интернет меми и „рејџ“ карактерите, станаа едни од најпопуларните .мк сајтови посетувани од десетици илјади корисници дневно. Иако концептуално се копија на популарни светски сајтови, тие се оригинален хит кај македонските корисници бидејќи успеваат да ја локализираат најдобрата содржина од глобалната сцена и да ја откријат најдобрата од домашната.

Сајтовите работат со кориснички-генерирана содржина. Бидејќи е од нив, корисниците се мотивирани повеќе да ја споделуваат меѓу пријателите, кои пак добиваат инспирација да креираат и самите некоја забавна слика. Најчесто создадените дела вклучуваат некоја актуелна вест измешана во стрип со добро познатите интернет меми и „бесни фаци“, понекогаш Чак Норис или пак други откачени цртежи кои се популарни во моментот. Сигурно ги препознавате овие ликови:

Поради својата вирална содржина која се споделува oд понекогаш стотина корисници на друштвените мрежи, сајтовите за кратко време дојдоа до верна и бројна публика. Пример за тоа е 11-тиот, според Alexa-mk, најпопуларен .мк сајт Fejs.mk. Овој сајт има по 45.000 посети дневно по само месец и половина од стартувањето.

Според основачот Кристијан Ристовски, мотивацијата за сајтот доаѓа од „секојдневното читање на илјадници стрипови на reddit, 4chan и memebase“. Тој вели дека за него е интересен начинот на кој корисниците ги споделуваат секојдневните настани преку стрипови.

„Освен постирањето на стрипови и слики, поентата на Fejs.mk е да се смислат нови оригинални македонски меми, од кои засега ги имаме “Охриѓанецот Климче”, “Фејсбук заводникот”, “Коментаторот Игорче”, “Фраерот Тошо” итн., а и ја имаме првата .мк рејџ фаца – Кили, иако авторот на фацата е непознат и чекаме да се јави.“

Интересно, бидејќи Fejs.mk креира оригинална дела, сајтот се соочува и со копирање и крадење на содржината од други сајтови и корисници, па Кристијан вели дека е приморан да стави водени жигови на стриповите. Според него, другите забавни сајтови мора да се потрудат повеќе околу оригиналната содржина.

„Голема грешка им е што воопшто не се потрудиле да воведат нешто ново во стандардната блог структура на ваков тип на сајт, ни па на некој начин да им објаснат на луѓето што се случува во стриповите/меми за да им станат појасни работите. Мислам дека не можеш да успееш како сајт со некреативна содржина и готова скрипта или дизајн од damnlol.com“.

Втор по популарноста ваков забавен сајт е добропознатиот Demotivacija.mk. Велиме „добропознат“ бидејќи секој што е закачен на интернет се има сретнато барем еднаш со овие „демотивирачки“ постери.

Demotivacija.mk е всушност огранок на оригиналниот литвански сајт Demotyvacija.lt кој е основан во 2008-ма година. Македонската верзија е стартувана во април 2010-та бидејќи се забележа огромно присуство на македонските корисници на американската верзија. Денес .мк верзијата има по 32.000 посети дневно, а нејзината содржина ја креира публика од 18 до 35 години, додека модераторите само набљудуваат за да нема нелегални активности. Сајтот моментално заработува од реклами, најчесто Google AdSense, и месечно успева да направи по околу 450 евра.

„Интернет културата засега е препуштена сама на себе да се развива, како што сме сведоци на појавата на мем карактерите. Одговорноста за неа останува кај модераторите кои се грижат за тоа кои трендови се прикладни и дали треба крајните корисници да бидат изложени на истата.“, вели Сања Јовановска, модератор на Demotivacija.mk.

Бог да чува и БОРКО да брани !!! -

Меѓу „новите“ забавни сајтови, како поуникатен може да се истакне Fail.mk. Иако звучи како познатиот Fail.com, сепак овој сајт започна да развива целосно нов концепт со објавување на оригинални текстови. Сајтот користи кориснички-генерирана содржина, но во исто време објавува поезија, интервјуа, колумни насловени како „Скопје, секс, сакање“ и серијал раскази познати како „Девојката со тетоважата-солза“. Овие оригинални дела заедно со критиките кои се најчесто свртени кон медиумите, му донесоа на осум-месеци-стариот Fail.mk околу 800.000 посети. Интересно, имаат голем број посети се од луѓе над 30 години, а најмалку посети имаат од публика под 18 години.

„Медиумите што работат професионално, си имаат вработено лектор и се стремат кон квалитет немаат од што да стравуваат, а за другите кои постојано се наоѓаат на тапет на Fail.mk тоа треба да биде стимул нешто да променат во начинот на работа со цел јавноста да добива точни и проверени информации без смешни и аматерски грешки.“, вели Владимир Ристевски, основачот на Fail.mk.

Според него, интернет културата иако чудна и несфатлива за многумина, сепак може да ја разбуди креативноста и да ги поврзе луѓето.

„Интернет мемите се генијални и ја проникнуваат извонредна смисла за хумор за која навистина треба одредена доза на интелигенција. Иако многумина ги сметаат како жива зараза која е како измислена за ‘тепање време’, јас лично сметам дека тоа придонесува за развивање на креативноста кај интернет корисниците и за нивно зближување на разно-разни начини. Интернетот има моќ да поврзува и да зближува, и сметам дека оние кои имаат малку повеќе свест и ги интересираат многу работи, можат многу да научат, пред сѐ од нивните врсници и истомисленици кои ги запознаваат на светската мрежа.“

Како и ширум светот така и во Македонија, овие забавни сајтови кои ја споделуваат интернет културата веќе длабоко навлезена во веб навиките на „дигиталните домородци“, се тука да останат. Нивната уникатност лежи кај корисниците и нивната волја да креираат содржина, за која верувам дека ја имаат во изобилие. Инаку што би правеле на Веб кога не би се забавувале со пријателите.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

15 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top