По повеќе од 17 години работа, Македонската еспорт федерација конечно може да се пофали дека успеа да го додаде еспортот на официјалната листа на спортови во Македонија. Од денес Агенцијата за млади и спорт на официјалната листа на спортови во Македонија го додаде и е-спортот.
„Кога во 2005-та година почнавме со мисијата за официјализација на еспортот, искрено, не се надевавме дека ќе требаат 17 години. Во ниту еден момент не изгубивме надеж и мотивација да ја постигнеме целта, а тоа е да го официјализираме еспортот како спорт“, вели Бобан Тотовски, претседател на Македонската еспорт федерација.

Одлуката на агенцијата дојде без никаква претходна најава. Со официјално предавање на „Решение за дејност спорт“ АМС го додаде е-спортот на листата официјално препознаени спортски дисциплини во Македонија. Решението на претседателот на Македонската еспорт федерација Бобан Тотовски, му го врачи директорот на агенцијата, Наумче Мојсоски.
„Навистина ми е голема чест и задоволство што денеска и официјално еспорт федерацијата станува дел од македонскиот спорт. Навистина ми е драго што сме согласни за сите услови и предизвици кои ги носат новите времиња. Сакам да истакнам дека сите спортови во нашата земја имаат, и во иднина ќе имаат силна поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Се обврзавме да бидеме тука за сите спортови така и ќе продолжиме. Ви честитам на успесите кои до сега ги постигнавте, и ви посакувам поголеми успеси во иднина. Го препознавме вашиот талент и силна желба за големи успеси, ви посакувам како млади луѓе да продолжите со истиот ентузијазам и понатака. Заеднички да ги споделуваме сите ваши достигнувања. Ви честитам!”, додаде Мојсовски.

За одлуката без сомневање придонесоа и успесите на македонските е-спортисти минатата година. Македонската Counter Strike: Global Offensive репрезентација минатата година успеа да победи на Европскиот куп на нации и на Светското еспорт првенство.
МЕСФ е 66-та официјално признаена Еспорт федерација глобално, истовремено е и една од 10-те прво формирани еспорт федерации во светот. Македонската еспорт федерација е формирана 2009-та година и е членка на Меѓународната еспорт федерација и на Европската еспорт федерација. Досега испратија натпреварувачи на 15 меѓународни првенства.
Интересно иако одлуката сега е официјална, прво какво-такво официјално препознавање е-спортот доби по успесите на Мартин „Saksa“ Саздов. Во 2016 година пратениците во Македонското собрание во расправата за Законот за спорт ги спомена и видеоигрите и компетитивите игри со карти. За жал тогашниот состав на парламентот не успеа да се договори и да го додаде еспортот во законот.
Епа, GLHF и GG! :)