
Најдобар проект во категоријата “.мк сајт на 2010” е сајтот Мафиа.мк. Сајтот кој стартуваше во март годинава и е помеѓу првите македонски веб базирани игри и убедливо беше изгласан како сајт на годината од страна на публиката. Има две интересни факти врзани со овој веб сервис, односно веб игра. Првиот факт е што имаат посветена корисничка поддршка, а вториот е што Мафиа.мк е можеби еден од единствените македонски веб стартапи кој успеа за кратко време да привлече илјадници корисници, тргајќи ги на страна неколкуте агрегатори за вести. Првата верзија имаше 20.000 играчи, додека втората верзија за само неколку дена достигна бројка од над 5.000 играчи. Дополнително Мафиа.мк започнува и бизнис во Бугарија и Србија што за македонски стартап е доста голем успех и предизвик.
Личност на годината е малиот генијалец Марко Чаласан кој стана најмладиот Microsoft систем администратор во светот во 2010-та. И неговиот избор, како и изборот на Мафиа.мк, си носи своја симболика. Македонија има куп генијални млади ИТ професионалци и ентузијасти, но нивниот талент е заглавен во македонското егзистенцијално секојдневие. Марко можеби (барем ние би сакале да гледаме на него така!) е идниот претставник на младите ИТ професионалци на Македонија во светот.

Компанија на годината исто така според мнозинството на гласови од публиката е Vip оператор. Младиот оператор кој пред некој месец наполни три години стана навистина сериозен играч на македонската мобилна сцена, стартувајќи го првиот Android натпревар во Македонија, донесувајќи го Windows Phone 7 телефонот и првиот таблет на пазарот Dell Streak, овозможувајќи сервиси како Facebook@SMS и Twitter@SMS и доближувајќи се до корисниците преку друштвените мрежи како алатка за промоција и дополнителна корисничка поддршка, како признание на доброто управување со овие алатки е и признанието најдобра компанија-твитерџија на неодамнешните 140.мк Twitter награди.

За #mkfail на годината е прогласена македонската академска истражувачка мрежа МАРНет, управувач на .мк доменот. Агенцијата која треба да овозможи шанса да се пристапи полесно и побрзо до интернет, која треба да биде модерна алатка е сé освен она што треба да биде. Скоро античкиот процес за регистрирање домени и менување на DNS сервери со писма (кои често ги губат) едноставно го отежнува регистрирањето и нормалното функционирање на .мк веб просторот, а и од неодамна цензурираа регистрација на wikileaks.mk без да објаснат зошто, да не заборавиме и дека заради глупави бирократски причини не ни го дозволуваат и IT.mk доменот. Единственото позитивно кај МАРНет е што од 1 јануари 2011 година, агенцијата ќе биде преземена од Министерстрво за информатичко општество за кое се надеваме дека ќе го среди регистрирањето и ќе го модернизира целиот процес.
Честитки до сите! …. освен до МАРНет, you fail!
*Full Disclosure: IWM Network, чиј бренд е IT.com.mk, соработува со Vip оператор на полето на интерактивен маркетинг. Но, и покрај соработката, изборот на Vip за компанија на годината пред се доаѓа од големиот број на гласови од публиката и како што беше ветено, целта на Наградите е промоција на најиновативните и најдобрите, не правење местенки.
Коментари
49 коментари
Коментарите се затворени.