Дали знаете некој македонски стартап, било тоа да е веб сервис, компанија или мобилна апликација? Како се снаоѓа тој стартап, дали е финансиран и дали има потенцијал да излезе надвор од Македонија или е фокусиран само на локалниот пазар?
Според податоците од Државниот завод за статистика од 2010 година, од вкупно 75.497 активни деловни субјекти во Македонија само 2 oтсто се од областа на информациите и комуникациите, од кои околу десетина проценти се стартапи кои се отворени во последните 2 години.
„Она што е важно да се истакне е дека самата ИТ индустрија во земјата и покрај толку малата застапеност е носител на речиси 10 отсто од годишниот БДП. Со оваа бројка оваа индустрија треба да биде двигател на економијата. Од бројките кои ги гледаме, може да се заклучи дека иако е во постојан пораст, досегашниот број на стартапи од областа на ИТ во земјата не е доволен. Во оваа индустрија треба да се зголемат вложувањата и да се стимулираат субјектите од ИТ заедницата за отварање на нови бизниси, бидејќи бенефитот кој земјата го добива од оваа гранка на економијата е огромен.“, вели Наташа Петкова од ПСМ Фондацијата. Фондацијата е организатор на Startup Weekend настанот во кој во период од три дена младите креативци работат со ментори за да креираат стартап.

До сега се одржани два вакви настани и, според Наташа, идеите од младите креативци (ПСМ Фондацијата претежно работи со млади луѓе) се перспективни, профитабилни и инвентивни, но не се доволно локално ориентирани како стартапи, туку се ориентирани кон партнерство и соработка од типот бизнис-бизнис (B2B).
„Од искуството стекнато на Europe Startup Weekend Battle натпреварот во Лондон, овие концепти функционираат и се докажани како успешни во поголемиот дел од светот, но за жал не и кај нас. Мислам дека сите македонски претставници кои учествуваа на натпреварот ја согледаа релативно депримирачката состојба во која се наоѓаат нашите ИТ компании, само поради фактот што останатиот дел од заедницата не ги гледа или не ги разбира можностите кои тие ги нудат.”
Eден интересен .мк стартап кој што не се ориентира толку кон бизнис, туку повикува на општествената одговорност, е Поправи.мк. Сигурно како победнички стартап на првиот Android предизвик во Македонија би требало да го привлече вниманието на институциите, но во македонската реалност веб и мобилниот сервиси се наоѓа во статус-кво. Во пресрет на Поправи.мк му излезе фондацијата Метаморфозис која го промовира сервисот, но сè уште се во преговори со општините и со JП „Улици и патишта“ за да соработуваат заедно.
„Можно е да се стартува проект и да се живее, но потребен е ‘вонреден’ квалитет. Критериумите за успех се сосема поинакви од оние со поголема публика. Исто така шансите за успех на комерцијални сервиси се многу мали. Тime.mk е редок пример за успешен сервис. @mkrobot успеа да направи мала империја на сервиси кои луѓето ги користат. Успехот на еден стартап го гледам единствено во таа насока.“, вели основачот на Поправи.мк, Далибор Насевиќ.
„Поправи.Мк беше голем успех за нас и воглавно немаме лоши искуства. Во нашиот случај е многу едноставно бидејќи сме програмери и освен време немаме други инвестиции во проектот. Па и советот би бил во таа насока, започнете хоби проект и видете до кога ќе ви биде интересен и ќе ве мотивира евентуалниот успех да го туркате понатаму.”

Постојат два навистина успешни примери за македонски стартапи. Еден пример е мобилната фитнес апликација SportyPal која се фокусира на светската публика и која влегува во соработка со Sony Ericsson. Повеќе за SportyPal ќе прочитате во интервјуто со Глигор Дачевски. Втор успешен пример е Time.mk, кој го споменува Далибор од Поправи.мк. Time.mk успеа да го направи првиот .мк агрегатор за вести пред 3 години, и сега ја прошири дејноста на настани за да остане најпопуларниот македонски сајт (според Alexa-mk).
Но, што е со останатите стартапи, .мк сервиси и апликации?
„Не сум сигурен дека може да ги наречеме стартапи зошто најголем дел од нив се само идеи ставени на Веб без некоја разработена стратегија за развој и раст. Може грешам, ама мене така ми се чини. Најголем дел од она што го гледаме се интернет страници со содржина (забавна или информативна) тука нема многу развој на технологија или потенцијал за брз раст.“, вели Дарко Булдиоски од New Media Mk кој има искуство со неколку стартапи и сервиси од кои тој го истакнува 140.мк. Тој мал Twitter директориум денес, според Дарко, е „неуспешен“ главно бидејќи е стартуван со голем ризик и без никаква почетна финансиска конструкција.
„Ако самите претприемачи не се подготвени да ризикуваат како би можеле да очекуваме инвеститорите да бидат подготвени за тоа? Најважниот момент во бркањето инвеститор е моментот на градење доверба кај истиот. Ако тој ја види вашата посветеност и решеност, тогаш идејата и да не е најбрилијантна на свет тој ќе ја прифати, зошто практиката да се менува дејноста на една стартап компанија е многу честа практика.”, вели тој.
Друг стартап кој започна успешно, освојувајќи го второто место на првиот Android предизвик со SpotMе, е Web Factory. Оваа млада компанија креира мобилни апликации за iOS и Android, и во моментот се самостојно финансираат од проекти, иако надежта за финансиска помош последна умира.
„Македонскиот пазар е спремен, но за бесплатни македонски апликации. Во последниве 2 години значително е зголемен бројот на македонски апликации кои се наоѓаат на маркетите за превземање на апликации. Повеќето апликации се изработени од поединци, луѓе девелопери кои имале и сè уште имаат желба за збогатување на маркетите со македонски апликации, а мал е бројот на компании кои се имаат одлучено да изработат некоја апликација како за збогатување на апликации во државава така и за потребите на граѓаните на Македонија.“, вели Михајло Штерјов од Web Factory. Стартапот ја има креирано апликацијата Таксена Марка за плаќање на таксата преку мобилен. Апликацијата беше предложена на Министерството за информатичко општество и подоцна прифатена.
„Додека пак ако збориме за креативност и креирање на нови продукти како за кај нас така и за во странство, можеме да кажеме дека има креативност и идеи, но во повеќе случаи таа креативност не можат луѓето да ја претворат во продукт бидејќи најголем проблем е капиталот. Во Македонија многу слабо дури може да се каже дека воопшто не е развиен процесот на инвестирање во идеи како тоа што се прави во другите држави, а посебно во САД. Во Македонија инвеститорите секогаш играат на картата на нешто сигурно што 99 отсто знаат дека ќе им донесе поголем капитал ако вложат во тоа. Затоа и ние се одлучивме да одиме по стапките на креирање на капитал со кој би можеле потоа да ги претвориме нашите идеи во продукти и понудиме на светскиот пазар.“
(сликата е на Krassy Can Do It/Flickr)
CodeWell е уште еден стартап на македонската сцена. Се работи за компанија која изработува мобилни апликации и која е креирана откако првичната апликација Aвтобуско им се допаднала на корисниците. CodeWell започнува со помош од бизнис инкубаторот на ПСМ Фондацијата, и откако успева да победи на Facebook натпревар добива шанса да оди во Лондон на стартап натпреварување.
„Реалноста е дека во Македонија нема многу интерес од домашни инвеститори, а што се однесува до странските инвеститори исто така не преферираат да инвестираат кај нас, бидејќи за огромен дел од нив сè уште сме непозната мала источна европска земја, па истите чувствуваат некаков страв. Но сепак како што веќе спомнав допирате до фирмите и потенцијалните купувачи многу полесно кога имате оформена компанија.“, вели Нино Карас, ко-основач на CodeWell. „Тоа што фали воопшто во нашата држава е промоција и надворешна достапност, бидејќи за некои пазари сме навистина затворени како држава. Земете го за пример Android маркетот каде што сè уште македонските компании не се во можност да продаваат апликации.“
Како што може да се види од овие неколку примери, сите стартапи имаат проблем откако ќе ја реализираат идејата да продолжат да работат на развојот и проширување, дури и излегување на странски пазари. Проблем се секако инвестициите и поддршката.
„Кај нас поимот инвестирање во стартап компанија е многу непознат и тежок за разбирање. Инвестициите преку ризичните фондови или бизнис ангели, со исклучоци кои се бројат на една рака, како и да не постојат… Моја препорака за сите оние со претприемачки аспирации e да се обидат да најдат средства пред се од нивната заштеда, роднините и пријателите, да учествуваат на натпревари кои би им обезбедиле иницијални средства за започнување на бизнисот и дури откако сите можности се исцрпени, да се впуштаат во финансирање преку кредитирање или слично. Исто така, од самиот почеток покрај локалното работење, да се ориентираат кон надворешниот пазар, па макар и во форма на аутсорсинг, бидејќи сега за сега, локалниот пазар е мал и недоволен за нивен соодветен просперитет и експанзија.“, вели Наташа од ПСМ фондацијата.
Иако целава приказна со .мк стартапите звучи демотивирачки, сепак се работи за млади луѓе кои стартуваат ИТ проекти во сè уште не-потготвен-за-тоа пазар. Тоа што треба да се има на ум, според извештај од Global Entrepreneurship Monitor, е дека поголем дел од успешните стартапи се креирани од луѓе над 30 години.

Коментари
20 коментари
Коментарите се затворени.