Овој текст е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап кој е на пат кон успехот.
.мк стартап на месецот [ноември, 2022]:
FitKit е првата фитнес платформа во Македонија што ти овозможува да вежбаш различни спортски активности – каде и кога ќе посакаш – во голем број фитнес и спа центри или од удобноста на твојот дом. Апликацијата денеска има повеќе од 16.000 регистрирани корисници, од кои над 3.000 се активни членови кои плаќаат месечна членарина, достапна е на 3 јазици во 14 градови низ државата, а понудата е поткрепена од над 180 провајдери кои заедно со FitKit нудат 450+ различни услуги.
Со плаќањето на месечна членарина, која има 4 пакети и чија цена се движи од 1.500 денари до 15.000 денари месечно, корисникот може да одбере да вежба кога, каде и колку сака, онлајн или со физичка посета на локацијата. FitKit нуди широк избор на активности поделени во категории како фитнес, јога, зумба, пилатес, крос-фит, кик-бокс, пливање, спа, масажи…
Консултант за производствени компании со страст за фитнес и јога
Приказната на FitKit започнува благодарение на желбата упорноста на Ангелина Блажеска, која откако ќе дипломира на Машински факултет, кариерата ќе ја започне очекувано во производствената индустрија. Кариерниот старт како консултант за производствени компании таа го опишува како прилично турбулентен, искористувајќи ја добропознатата фраза „има, па нема“ при дефинирање на континуитетот на работа како консултант. Паралелно на потрагата по стабилна работа во индустрија, приватно, Ангелина е страствен и активен вежбач и повеќе од 10 години редовно посетува јога, се занимава со манекенство, а спортските активности ги зајакнува и со фитнес на шипка и теретана – веројатно во тоа време потисната од притисокот и стресот на барање работа.
Токму користењето на повеќе спортски активности истовремено – јога, фитнес и теретана – ќе ѝ помогнат на Ангелина да согледа еден интересен проблем: маката со плаќање и менаџирање на повеќе месечни членарини. Присутноста на овој проблем во главата на Ангелина ќе кулминира во FitKit откако во 2015-та ќе исчита статија за жена претприемач од САД, која стартувала успешна апликација за обединување на фитнес членарини и практично создала, да се изразиме во гиковски жаргон, „Uber за фитнес и теретани“.
Секој почеток е тежок, но почетокот на еден стартап е потежок
Инспирирана од статијата која ја исчитала и откако ќе провери дека нема ништо слично на балканскиот пазар, Ангелина го започнува процесот на валидација на концептот за фитнес платформа налик онаа во САД, приспособувајќи ја на локалните пазарни навики. Разбирливо, идејата ја споделува прво дома – каде што добива прилично инстант критика дека фокусот треба да ѝ е на кариерата и пронаоѓање на стабилна работа во индустријата во која по сите непишани правила на традиционалното општество мора да работи бидејќи завршила таков факултет. (Во овој момент треба да ви стане јасно зошто во горниот параграф велиме дека Fitkit започнува благодарение на упорноста, а не на желбата на Ангелина.)
Без никакво претходно искуство во ИТ светот, опседната со идејата за креирање на фитнес платформа веќе година дена, Ангелина започнува потрага по тим кој ќе може да ја реализира оваа невалидирана-од-дома идеја. Секако, барајќи работа според диплома во исто време како што и кажале родителите. ;) Иницијалниот фидбек за тоа што ѝ е потребно за реализација на идејата од технички аспект го добива од пријателка која е софтвер инженер, која ја подучува да не прави нативни апликации за Android и iOS, туку да ја искористи можноста за хибриден развој на cross-платформа, а потрагата ја започнува на Facebook – постирајќи јавно во таргетирани групи каде што има девелопери. Со малку повеќе пребарување, успеавме да го пронајдеме и оригиналниот пост од 2016-та:
На постот добива фидбек од 10-тина луѓе, а изборот за девелопмент партнер го сведува на тим од петтмина фриленсери – кои работат на развој на мобилни игри. При средбата на дефинирање на обемот на проектот, девелоперите од Ангелина бараат поконкретен план за развој – кој таа го сублимира во апликација зад која ќе има повеќе договори со фитнес центри низ Скопје, а апликацијата ќе нуди една членарина која ќе овозможи на членот да си закаже каде и во кој фитнес центар сака да вежба, решавајќи ја маката со менаџирање на повеќе членарини.
Со помош на овој девелопмент тим, Ангелина прави прототип од апликацијата, го пакува во презентација и почнува со ѕвонење и состаначење по фитнес центрите… потпрашана каков бил иницијалниот фидбек од фитнес центрите тука, Ангелина со смеење додава „неповолен“. Тој негативен фидбек се должел на недоволната дигитализација во 2016-та година, стравот од губење/преземање на веќе активни членови, губење профити и носење на „непроверена“ публика. Но ентузијазмот упорноста на Ангелина преовладува и успева да убеди некои од поголемите фитнес центри да ѝ дадат шанса на FitKit, уверувајќи ги дека апликацијата нема да им биде нелојална конкуренција, туку напротив, бенефит и додадена вредност. А по договорот со поголемите, многу полесно се убедуваат и помалите, споделува Ангелина.
Успешно лансирање, но дали работи системот за наплата!?
По неколкумесечна работа на развојот на апликацијата на хибридната платформа Ionic и Firebase како back-end – инфраструктура која FitKit ќе ја користи во следните 4 години пред да биде прекуцана во Flutter, во јуни 2017-та Ангелина го лансира стартапот FitKit, опишувајќи го како „нова локална платформа FitKit која овозможува преку единствена месечна претплата да се вежба на повеќе локации“.
Мотивирана, полна со ентузијазам, охрабрена дека има готова апликација и продукт на кој работи повеќе од година дена, дополнително помогната во промоцијата од ангажираната маркетинг агенција – Ангелина ја стартува кампањата за FitKit и веднаш во првите ден-два добива над 2.000 регистрирани корисници, меѓутоа ниту 1 уплата…
„Во тие моменти доживеав мал шок, имавме над 2.000 регистрирани профили од коишто немаше ниту една уплата… јас очекував дека на првиот ден од лансирањето ќе направиме бум со идејава. Ја терав мајка ми да се регистрира и да го тестира системот за плаќање, бидејќи не ми беше верно дека никој од тие 2.000 не уплаќа…“ – раскажува Ангелина. „Од што ми беше шок, како да не се сеќавам баш добро на тие моменти, но разбрав дека е многу важен маркетингот и дека ни треба многу маркетинг и ПР за да дојдеме до корисници“.
Со две глави полесно се размислува и наоѓа решение
Поради недостиг на буџет за полесно реализирање на маркетинг активностите, Ангелина решително тргнува во поход по можности кои ќе ѝ овозможат ПР, интервјуа и герила маркетинг тактики за промоција на FitKit. Токму ПР кампањата за промоција на апликацијата, ќе ја поврзат Ангелина со Јосиф Дамјанов, кој како активен влогер на тема нутриционизам, инспириран од FitKit ја поканува Ангелина како гостин на неговиот влог на YouTube наречен The Better Nutrition Show.
„Спојката беше тоа што ја следев Ангелина со FitKit на социјалните медиуми и многу ми се допаѓаше идејата. Бидејќи сум динамичен човек постојано во движење низ град и вежбав, FitKit ми годеше како можност да променам локација за вежбање зависно од време и каде сум. Пред да станам корисник ја поканив Ангелина да ми биде гостин во емисијата на YouTube и тука се запознавме и увидовме дека имаме заеднички интереси“. – појаснува Јосиф.
Синергијата што ќе се создаде помеѓу двајцата на професионален план – отпочнувајќи прво како основна соработка за агрегирање на повеќе корисници, па дискусија за самата апликација и концепт и начин на заработка – ќе резултира во тоа Јосиф да се приклучи на FitKit како активен партнер во развој и ко-сопственик, со основање на нова заедничка компанија со 50-50% модел.
По одлуката да соработуваат на FitKit активно, многу брзо FitKit го менува бизнис моделот – потврдувајќи го фактот дека две глави полесно размислуваат од една. :)
Заедно, Ангелина и Јосиф започнуваат со малку подлабока анализа на бизнис моделот и пазарот и ги идентификуват почетните бизнис проблеми кои основната идеја ги има – како тоа дека во првичната верзија на FitKit, секој тренинг чинел исто пари (120 денари), независно дали некој корисник оди на пливање, фитнес или јога, што не соодвестува со реалноста каде што секој тренинг има различен трошок, а дополнително самиот модел не носи ниту профитабилност. Ова ќе ги натера да го воведуваат кредит системот на функционирање, кој како бизнис стратегија многу ќе им помогне во одржливоста и продажбата во иднина.
Макотрпен пат до нови функционалности и технички развој
Иницијалните девелопери завршиле супер работа, со уверлив глас потврдува Ангелина во разговорот. Но, во 2018-та година, со новиот бизнис модел FitKit почнува со подобра аквизиција на корисници, па со тоа почнуваат да растат и техничките ограничувања, желби за промена, проблеми со корисници… но, немањето активен договор за одржување ги става Ангелина и Јосиф во малку проблематична ситуација каде што за секоја техничка активност чекаат да се ослободат капацитетите на девелоперите кои веќе се зафатени со други проблеми, а дел од нив и се релоцирале надвор од земјата.
Соочени со тоа дека иницијалниот девелопмент тим веќе не е достапен, двајцата започнуваат поход по нов тим кој ќе им одговори на барањата. Тука се соочуваат и со суровата реалност во ИТ индустријата – во која може многу да се зборува, а малку да се сработува.
„По првиот тим, најдовме тим на други фриленсери на кои им плативме 2.500 евра за развој, а на крај не добивме ништо и сега бараме правна завршница на случајот. Ова за нас беше голем сетбек. Сакавме да ја прошириме апликацијата со градови, јазици и слични функционалности“.
Овој проблем и задоцнување од новите девелопери на FitKit им ја нарушува и потенцијалната соработка со голема осигурителна компанија со која се договориле да соработуваат, но за да тоа се случи требало да се овозможи функционалност за поддршка на градови надвор од Скопје.
Проширување на тимот со удели
Веќе очајни во потрагата по нови девелопери, со делумно „изгорен“ буџет од претходниот тим за (не)развој, Ангелина и Јосиф носат одлука да понудат 20% удел на девелопер кој има искуство со Ionic framework-от и кој во тоа време основал ИТ компанија. Новиот партнер го приклучуваат како CTO надевајќи се дека тоа ќе биде доволна мотивација за него да помогне со развојот…
Низ текот на 2019-та година, ова им овозможува да ја комплетираат функционалноста за проширување со јазици и градови и FitKit да се прошири низ 14 градови во државата, како и до почетокот на 2020-та да лансираат со функционалноста за претплати – од која се очекувало да биде носечки столб на FitKit, а добиле и нов партнер во друга осигурителна компанија кој требало да помогне во промоција и реализација.
Но, на сцена стапува Covid-19…
Пандемијата ги стопира активностите преку ноќ
Пандемијата на Covid-19 го води FitKit од најдобриот и најпрофитабилен месец во историјата на FitKit – февруари 2020 – до историски најлошиот месец буквално преку ноќ… ограничувањата и забраните за посета на фитнес и спа центри, како и стравот кај корисниците од новиот вирус го прават своето. Приморани да изнајдат решение, FitKit започнува со овозможување на стриминг на активностите – јога, фитнес, аеробик – практично нудење на онлајн тренинг. Опишувајќи го ова како „мод за преживување“ го искористуваат времето работејќи на овој начин надевајќи се дека Covid-19 брзо ќе си замине. Ограничените приходи значат дека и тековните ресурси кои се искористуваат за апликацијата не можат да се платат. Еден од најкритичните такви ресурси кој со FitKit е од самите почетоци (од оригиналниот тим на 5 фриленсери) е и дизајнерка која повеќе не можат да ја платат за услугите, па ја компензираат со доделување на удели во продуктот.
Покрај предизвиците со приходи, затворени фитнес центри, за време на пандемијата FitKit се соочува и со предизвик со CTO-то кој има 20% удел, кој одлучува да се отсели од државата. По драматични преговори и недоговори со CTO-то, барање на нереални суми за откуп на удел, и по одлуката на дизајнерката да се повлече од лични причини истовремено, Ангелина и Јосиф носат малку чудна одлука – да ги преселат активностите на FitKit во нова компанија и целосно да ја преработат апликацијата во техничка смисла со цел да не бидат зависни од претходната платформа и со тоа повторно да го вратат продуктот во свое целосно владение.
Потребата од иновација и адаптација: FitKit+ и Studio Management System
Откако се соочиле со реалноста дека пандемијата ќе потрае, во август 2020, Ангелина и Јосиф одлучуваат да направат нова on-demand платформа за фитнес видео програми, наречена FitKit+ која ја остваруваат со фриленсер девелопер – овој пат извршувајќи трансакција само со плаќање и без удели, благодарение на грант од ЕБРД.
За некој месец, ја реализираат FitKit+ платформата на засебен веб https://fitkitplus.web.app/ – а подоцна, од октомври 2021 кога апликацијата во соработка со локалната ИТ компанија Web Factory која е веќе партнер за развој ќе ја прекуцаат во Flutter, ја вклучуваат FitKit+ и во самиот интерфејс на мобилните апликации како составен дел.
Што е FitKit+?
FitKit Plus е простор кој ти нуди уникатни фит програми по пилатес, јога и функционални тренинзи. Сите програми се уникатни и дизајнирани од самите инструктори. Со отклучување на програма добиваш уникатна можност и пристап до фит програма која можеш да ја вежбаш кога сакаш, каде сакаш, под твои услови.FitKit+ ја добива својата популарност особено за време на пандемијата, која FitKit успева да ја преживее благодарение на иновативниот настап и истрајноста. Иновативноста и желбата за успех на FitKit не застанува ниту по пандемијата, двајцата партнери кои до сега 2 пати биле одбивани од ФИТР за инвестиција, доста ентузијастички размислуваат и говорат за интернационализација (веќе работат на проширување во Грција), воведување на нов продукт од 2023 – Studio Management System – кој ќе го продаваат и нудат на сите фитнес и спа провајдери за комплетно дигитализирање на работењето и менаџирањето на членови…
Ретроспективно гледано, низ шега, Јосиф додава и дека е благодарен што ФИТР ги имаат одбиено за инвестиција на продукт кој сега е профитабилен со генерички изговор дека немале солиден тим, затоа што тоа ги натерало да бидат поиновативни.
Ширење и кон B2B: FitKit решава голема главоболка на HR одделите
Покрај моментот што FitKit започна како B2C платформа која на крајните членови им нуди една членарина, се прошири и на B2B поле решавајќи им еден голем сметководствен кошмар на HR одделите на компаниите кои сакаат да понудат екстра бенефит за своите вработени како членство во фитнес центар или теретана, а со оглед на трендовите во ИТ индустријата, таквите фирми сега ги има многу. Наместо куп членарини и документи, FitKit ги консолидира сите работи во една фактура и еден договор со кој HR одделите имаат работа, а системот на кредити овозможува повеќе понуди и пакети. Повеќе за B2B сегментот што го нуди FitKit може да дознаете тука.
Кој е твојот изговор?
На FitKit му требаа 4 години да дојде до 1.000 активни членови, а само 6 месеци од 1.000 на 2.000. Наједноставната лекција што можат FitKit, Ангелина и Јосиф да нѐ научат е дека упорноста се исплати, дали е тоа на поле на лансирање на стартап, справување со проблеми, иновирање или вежбање.
Врз основа на тоа, ако знаеме дека упорноста дава резултати, а и дека со FitKit фитнес платформата може да вежбаме онлајн од дома или во над 140 физички локации во државата – по личен избор и само со една членарина… кој е твојот изговорот зошто не си член на FitKit и зошто не вежбаш активно!? Не треба многу, обиди се да бидеш како просечниот FitKit член кој вежба 11 пати во месецот.
Поддржи го FitKit и започни здрав живот со само еден клик: