Верувале или не, The Sims 4 пали и жари нешто повеќе од една деценија. Развиена од Maxis и објавена од Electronic Arts, The Sims 4 со текот на годините прерасна во најголемата и најдолготрајната игра во серијалот. Оваа трансформација е резултат на континуираната поддршка преку огромен број на дигитални содржини за преземање, кои не само што ги вратија бараните елементи, туку и го проширија светот на играта далеку надвор од првичната замисла.
Обично, додатоците за основната игра се делат во три клучни категории. Експанзиите воведуваат највеќе содржини, додека Stuff паковите се најмалку дарежливи. Game паковите, од друга страна, се трудат да извлечат некоја златна средина помеѓу овие две крајности, нешто што нашироко го покриваме во нашиот серијал Саботна Симс Средба. Enchanted by Nature е деветнаесетта чистокрвна експанзија. По феноменалните претходни три експанзии кои ги проширија љубовните можности, животот после смртта и претпремачките соништа, на ред е да се навратиме во маѓепсаниот свет на природата.

Живот во дивината
Enchanted by Nature е додаток кој се целосно фокусира на животот во природа. Ова е најдобро разработено и претставено преку вештината Natural Living. Карактеристично за вештините и Natural Living се одликува со десет нивоа, овозможувајќи им на симс ликовите да ги задоволат нивните основни потреби на отворено, без зависност од модерните удобности. Тие можат да бараат храна и ресурси, да спијат под отворено небо и да се капат во езера и реки. Доколку ја прочитавте статијата за The Sims 4 Outdoor Retreat, тогаш оваа експанзија е пораздлабочена верзија на пакот.

Како и да е, на почетокот, овој начин на живот носи одредени непријатности, но со напредувањето во вештината, негативните ефекти се намалуваат. На повисоките нивоа се отклучуваат нови интеракции како разговор со природата и медитација во природа. Овие интеракции, колку и да звучи чудно, помагаат во одржување на социјалната и емоционалната рамнотежа. На највисокото ниво, симс ликовите стануваат целосно прилагодени на елементите, ефикасно задоволувајќи ги сите потреби на отворено. За оние кои целосно сакаат да го прифатат овој начин на живот, воведена е и новата аспирација – Nature Nomad. Иако концептот за природниот номад е интересен, прогресијата низ нивоата знае да понуди површна длабочина и предизвик и да не ве премногу импресионира, особено на подолг временски рок.

Нов свет: Инисгрин
Инисгрин е волшебниот нов свет инспириран од ирската и келтската митологија. Оваа бујна, зелена земја е визуелно впечатлива, со архитектура што потсетува на фантастични царства.
Светот е поделен на три соседства. Од една страна, соседството Евердју е магична шума и централно место за самовилите, со домови изградени во џиновски дрвја и скриени локации. Од друга страна, Спрусдери Гроув ќе се потруди да ве импресионира преку хармонична мешавина на природа и цивилизација. Соседството е дизајнирано со силно ирско архитектонско влијание, шармантни паркови и тематски барови. Третото соседство се вика Коуст оф Адмор и се наметнува како живописно крајбрежно гратче со уникатна култура поврзана со бројни гномови.

Самовилска трансформација
Една од, можеби, најинтересните карактеристики во додатокот е можноста симс ликовите да станат самовили. Ова може да се постигне преку уникатен квест, со раѓање во самовилско семејство, или директно во алатката за креирање симс Самовилите имаат широки опции за прилагодување, вклучувајќи различни дизајни на крилја, уникатни тетоважи и додатоци. Но, она што највеќе ќе ве импресионира не е изгледот.
Клучна механика за самовилите е нивната емоционална сила. Оваа сила ги заменува потребите за глад и за одење во тоалет. Силата се троши со користење на магични способности, а се надополнува со апсорбирање емоции од други симс ликови. Но, не е лесно да се биде самовила затоа што прогресијата на се одвива низ пет ранга, отклучувајќи нови способности во четири различни категории: манипулација, емоции, природа и пасивни прилагодувања.

Болести и апотекарство
Како последна серија од значајни надополнувања, проширувањето воведува и нови системи кои влијаат на здравјето и среќата на симсовците. Имено, продолжените негативни емоции можат да предизвикаат нерамнотежа, што доведува до појава на разни болести кои имаат уникатни ефекти. За да се излечат, симс ликовите можат да работат на развивање на вештината Апотекарство и да изработуваат еликсири и лекови. Благодарение на ова, се додава нов слој на управување и предизвик, особено затоа што системот за болести не може да се исклучи во поставките, барен не, сега-за-сега.


The Sims 4 Enchanted by Nature е амбициозно проширување кое нуди длабоко искуство, особено доколку сте фанови на тематики поврзани со фантазијата и природата. Најголемата сила лежи во воведувањето на самовилите како целосно развиен окултен тип, визуелно прекрасниот свет на Инисгрин и новите вештини. Комбинацијата од овие три клучни работи воведува целосно нова свежина во, како што кажавме, децениски стара игра.
Еnchanted by Nature не застранува од формулата која беше претходно воспоставена и применувана низ претходните експанзии. Како резултат, тврдокорните фанови лесно може да гледаат на производот како на силен додаток кој успешно ја реализира тематската визија. Во случај да сакате да создавате магични приказни и да го истражувате животот надвор од конвенционалните рамки на основната игра, ќе наидете на богата содржина за истражување.



Во меѓувреме, не ја пропуштајте можноста да прочитате и за некои други минати експанзии:
- Дружење со домашни миленичиња!
- Летен островски живот!
- Живот низ годишни времиња!
- Снежно бегство
- Селски живот
- Дружба под туѓ кров
- Да се јава коњ е да се лета без крилја
- Развивање еколошка свест
- Паранормално дружење
- Роб на сопствената работа
- Џунгла на асфалт
- Забавување со стил
- Слава по секоја цена!
- Факултетски маки
- Растеме заедно
- Бегство во дигитална дивина
Повеќе детали за играта
- Произведува: Maxis
- Издава: Electronic Arts
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 06 март 2025