Што е саботна симс средба?
Неделна статија замислена да ја информира The Sims заедницата преку детално разгледување експанзии и бројни додатоци за култната симулација.Преку критичка посвета на бројните новитетите поврзани со додатокот, ве известуваме за тоа што најдобро функционира во поглед на механиките и на какви сѐ работи би можеле да наидете за уредување на вашиот дом.
Моментно, The Sims 4 има 17 главни експанзии, 12 game пакети, и 20 stuff пакети. Целта на оваа статија е заеднички да поминеме низ сите нив!
Претходните саботи пишувавме за:
- Дружење со домашни миленичиња!
- Летен островски живот!
- Живот низ годишни времиња!
- Снежно бегство
- Селски живот
- Дружба под туѓ кров
- Да се јава коњ е да се лета без крилја
The Sims 4: Eco Lifestyle
Нашата осма саботна средба целосно ја посветуваме на анализа на експанзија која има за цел да развие свесност за животната средина и да им помогне на вашите симс ликови да се ангажираат за поздраво и позелено утре! Како деветта експанзија за The Sims 4, Eco Lifestyle воведува многу новитети кои, слично на Seasons, се провлекуваат низ (скоро) сите останати светови. Па така, подгответе се да живеете подобро и да го намалите вашиот еко отпечаток така што ќе користите обновлива енергија. Или, пак, дозволете ѓубрето да завладее на улиците и соочете се со последиците. Изборот е ваш (исто како и во вистинскиот живот)!
Еко-свест за несвесни луѓе
Со целосен фокус на екологијата, Eco Lifestyle ви дозволува да навлезете во огромен нов свет и да пробате или да го издигнете или целосно да го упропастите. Evergreen Harbor е преубаво место кое се одликува со три разнолики соседства. Откако ќе се активира оваа експанзија во вашата игра, овој свет, како и поголемиот дел од останатите светови, ќе се менуваат во зависност од еко отпечатокот што го оставаат вашите симс ликови. Па така, доколку не се почитуваат законите на природата и неконтролирано се загадува околината, ќе се давите во смог, ѓубре и болести.
Во поглед на загадувањето, имате три нивоа, односно зелено, неутрално и индустриско. Како што и можеби претпоставувате, индустриското е и највисокото ниво на загадување, пропратено со најдрастични визуелни и гејмплеј промени.
За да се подобри ситуацијата во светот и за да можете да се восхитувате на преубавата поларна светлина (aurora borealis), ќе мора да го намалите вашето штетно влијание така што ќе градите соларни панели, ќе живеете од земјата (со детална посвета на градинарство). Но, за максимален ефект, вашите симс ликови треба да ги засукаат ракавите и да пробаат да ги убедат и останатите членови од заедницата за намалување на заедничкиот еко отпечаток. За да успеете во таквата цел, ќе биде потребно да разговарате и да ја ангажирате заедницата преку таканаречените акциони планови за соседството.
Aкциони планови за соседството се нови правила и прописи кои се спроведуваат во одредени соседства, преку претходно гласање од заедницата. Имате над 20 акциони планови, од кои некои се:
- читање книги и физичка активност, наместо употреба на технологија
- Занимавање со градинарство
- Штедење струја
- Учење музички инструмент
- Рециклирање
- Штедење вода
- Поправање стари предмети
Гласот на народот
Гласањето за најразлични акциони планови за соседството се врши еднаш неделно и штом нешто се усвои, симс ликовите ќе се потрудат да го испочитуваат таквото нешто, или пак ќе се сносат со последиците. Eco Lifestyle знае да биде амбициозна експанзија. Особено ни се допадна можноста да се организира заедницата за да целосно трансформира огромни и запуштени места. Кога ќе се здружат силите, многу работи можат да бидат значително поразлични. Па така, можете да направите центар за одржлива храна, каде одгледувате најразлични растенија и инсекти, или пак центар за рециклирање, преку кој добивате корисни материјали за, на пример, правење свеќи.
За да се значително „подгурнат“ работите, Eco Lifestyle пушта корени и во научна фантастика, со што ви дозволува да експериментирате со напредни технолошки алатки за подобра одржливост, напредни механики на рециклирање и прочистување, како и ред други работи.
За воспоставување правилен баланс со природата, ќе можете да градите и употребувате:
- соларни панели
- ветерни турбини
- колектори на роса
- генератори на електрична енергија
- генератори на атмосферска вода
- моќни ќелии
Со Seasons, ветровите денови ќе генерираат повеќе енергија преку ветерните турбини, облачните денови негативно ќе влијаат на соларните панели, а врнежливите денови ќе допринесат до повеќе вода во колекторите.
Што сѐ ќе најдете во The Sims 4: Eco Lifestyle?
The Sims 4: Eco Lifestyle ќе ви понуди 126 парчиња облека и фризури. Голем дел од облеката е дизајнирана да соодвествува со работни еко акции. Паралелно со ова, ќе можете да поставите и да користите над 180 различни работи, како станица за правење свеќи, но и станици за рециклирање и прозведување најразлични пијалаци. За да заштедите и на простор, ќе можете да поставувате вертикални градини, или пак фарми со инсекти (од кои, наводно, правите вкусни јадење). На располагање ќе имате и нова радио станица која ќе ви помогне за правилно справување со новите особини, аспирации, и вештини. За крај, би споменале и дека имате и две нови типови на смрт, еден нов начин на WooHoo, кој никако не го препорачуваме на хигиеничарите, и, секако, нова занимација во Freelancer одделот, односно чепкање по контејнери и барање корисни работи.
Ако не е скршено, не го поправај
За оние кои сакаат малку поразлична работа, ќе може да навлезат во градење кариера како градежен дизајнер. Оваа работа ви дозволува целосно да се фокусирате на планирање и презентирање идеи за развивање на соседството. Покрај ова, ќе можете да влијаете на останатите членови од заедницата да гласаат за акциони планови кои вие сметате дека се приоритетни, но и да дизајнирате или произведувате најразличен мебел. Со развивање на вештини како логика, практичност, харизма или изработка, во оваа кариера можете да напредувате од комфорот на вашиот дом или пак од канцеларија.
Eко-пријателско општество
Наспроти што би можеле да чуете од останатите, The Sims 4: Eco Lifestyle е чистокрвна експанзија која воведува многу забавни елементи и е топло препорака, особено во комбинација со The Sims 4: Seasons, уште една одлична експанзија за која повеќе можете да прочитате тука!
Дружба без граници
Тоа беше нашата осма статија за една од најпопуларните симулации. Се надеваме дека дел од работите што ги прочитавте ви беа интересни и дека ќе не пречекате и наредната недела каде под лупа ќе ставиме уште едно DLC создадено за моментните летни горештини!
Во меѓувреме, дали знаевте дека The Sims 4 неодамна ја доби 17-та главна експанзија? Целосно фокусирајќи се на љубовта, експанзијата Lovestruck излезе на 25 јуни и, покрај нови романтични механики, симс ликовите ги можат да се подноват и со нова облека и со нови предмети за нивниот дом. Прочитајте ја нашата рецензија тука!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Maxis
- Издава: Electronic Arts
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 4 јуни 2020