По одредена пауза, одново се навраќаме на серијалот кој е замислен секоја сабота да презентира и правилно да ве информира за бројните експанзии поврзани со огромниот The Sims 4 свет. Овојпат се враќаме екстра назад во минатото и целоснос е фокусираме на првата експанзија која излезе за играта. The Sims 4: Get to Work ќе ви покаже дека не е се во игра и забава и ќе ви дозволи да спечалите повеќе пари преку усовршување работни специјализации во едно ново соседство и со арсенал од нови предмети и облека.

Што е саботна симс средба?
Неделна статија замислена да ја информира The Sims заедницата преку детално разгледување експанзии и бројни додатоци за култната симулација.Преку критичка посвета на бројните новитетите поврзани со додатокот, ве известуваме за тоа што најдобро функционира во поглед на механиките и на какви сѐ работи би можеле да наидете за уредување на вашиот дом.
Моментно, The Sims 4 има 17 главни експанзии, 12 game пакети, и 20 stuff пакети. Целта на оваа статија е заеднички да поминеме низ сите нив!
Претходните саботи пишувавме за:
- Дружење со домашни миленичиња!
- Летен островски живот!
- Живот низ годишни времиња!
- Снежно бегство
- Селски живот
- Дружба под туѓ кров
- Да се јава коњ е да се лета без крилја
- Развивање еколошка свест
- Паранормално дружење
The Sims 4: Get to Work темелито го проширува основното искуство во The Sims 4, нудејќи ви можност за првпат активно да учествувате во работниот ден на вапите Симс ликови. Излезено на 31 март 2015 година, оваа проширување воведува три динамични кариери, можност за водење сопствен бизнис, нови вештини и интригантни локации. Црпејќи инспирација од надалеку познатите претходници како The Sims 2: Open For Business и The Sims 3: Ambitions, но и интегрирајќи елементи кои потсетуваат на The Sims 3: Seasons, Get to Work создава богато и повеќеслојно гејмплеј искуство.
Kонтрола врз работното место
Благодарение на Get to Work ќе можете да ги реализирате вашите дигитални амбиции за да станате доктор, детектив и научник. За разлика од стандардните кариери во основната игра, овие професии ви дозволуваат директно да ги следите и управувате вашите симсовци додека се на работа. Секоја кариера нуди уникатно работно место и специфични задачи кои треба да се исполнат за напредок.

Како доктор, вашите ликови ќе стасуваат безброј животи така што ќе работат во болница, ќе дијагностицираат болести, ќе лекуваат пациенти, ќе вршат итни операции, па дури и ќе помагаат при породувања. Доколку се одлучите за кариерата детектив, ќе истражувате мистериозни сценарија, ќе посетувате места на злосторство, ќе собирате докази, ќе испрашувате осомничени и ќе ги приведувате виновниците, доколку, се разбира, успеете да ги фатите. Во случај да првите две кариери не се за вас и сакате да се насочите кон поинтелектуални цели, кариерата научник нуди можност за работа во лабораторија, создавање на иновативни, (читај: откачени) пронајдоци, моќни напивки и технолошки чуда, вклучувајќи и генератор на црвоточина кој води до нови откритија.

Сам свој газда
Покрај активните кариери, The Sims 4: Get to Work им овозможува на Симс ликовите да станат претприемачи и да отворат сопствен малопродажен бизнис. Тука, имате слобода да креирате и прилагодувате најразлични типови на продавници – од пекари со вкусни деликатеси, модерни бутици за облека, уметнички галерии, книжарници, па сѐ до продажба на бројните предмети кои се достапни во играта. Можете да одредување артиклите за продажба, да ангажирате и менаџирате на вработени, како и да стапувате во интеракција со купувачите за да се обезбеди успешна продажба. На крајот на краиштата, кој не би сакал да биде богат? За таа цел, имате на располагање и специјален панел за управување со бизнисот, со што се олеснува следењето на работата, работното време и финансиите.

Креативност и заработка
Експанзијата воведува и две нови вештини кои дополнително го збогатуваат искуството: фотографирање и печење – еден вид проширено готвење. Со вештината фотографирање, симс ликовите можат да создаваат совршени фотографски дела, додека вештината печење им овозможува да подготвуваат и декорираат најразлични вкусни печива и слатки. Овие креации можат или да го разубават домот или да бидат продадени за дополнителна заработка, особено ако поседувате сопствена пекара, односно галерија.

Два нови светови за истражување
Get to Work додава ново, независно соседство наречено Magnolia Promenade. Иако не претставува целосен нов свет, ова соседство нуди четири парцели, од кои три се со веќе изградени продавници. Четвртата е празна, давајќи ви чист простор за да изградите сопствен бизнис по желба. За уште поголема разноликост, доколку решите да ја следите кариерата на научници и го достигнете десеттото ниво од кариерата ќе ви се отклучи можноста за патување до тајната вонземска локација Сиксам. Оваа мистериозна планета е идеално место за средба со вонземјани и пронаоѓање на ретки колекционерски предмети.

Вонземни интеракции
Уште еден возбудлив додаток поврзан со експанзијата е враќањето на вонземјаните. Овојпат, Максис оди чекор напред и ви дозволува да создавате и да играте како вонземјанин, овозможувајќи ви карактеристичен изглед, со можност за различни бои на кожата (сина, зелена, виолетова) и благо светкање кое е очигледно при изразување на силни емоции. Вонземјаните поседуваат уникатни интеракции како што се анализа на личноста на други симсовци, емпатија, бришење на меморија и способност да се маскираат и да изгледаат како обични луѓе. Оваа маска може да се прилагодува преку Create a Sim. Доколку некој Сим ја открие нивната вистинска природа, вонземјанинот може да му ја избрише меморијата и да си продолжи како ништо да не било.

Предмети и облека
Карактеристично за сите експанзии од овој калибар, ќе наидете и на бројни предмети и облека со кои дополнително ќе можете да си го уредувате вашиот дом и симс ликови:



The Sims 4: Get to Work значително го проширува начинот на играње, нудејќи ви можност активно да учествувате во работниот ден на своите симсовци или да ги водите низ предизвиците на претприемништвото. Со новите кариери, вештини, локации и враќањето на вонземјаните, оваа експанзија додава длабочина и разновидност во универзумот на The Sims 4. Аспектите кои се опишани во горните редови се внимателно осмислени и пружаат богати и уникатни алатки за играње. Дефинитивна препорака.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Maxis
- Издава: Electronic Arts
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли