10 коментари 7 мин. читање 13 јули, 2024

Саботна симс средба #1: дружење со домашни миленичиња!

Каква игра е The Sims 4?

Како четврта клучна игра од овој серијал, The Sims 4 продолжува со надградување на урнекот кој беше воспоставен со претходните три игри. Вашата цел е да создавате и управувате со најразлични ликови (симсови), да градите и уредувате пространи домови и да симулирате комплексни секојдневни ситуации.

Излегувањето на играта во сега-далечната 2014 година ги импресионира фановите со минималистичкиот дизајн и значително подобрена графика. На времето, ново-создадениот енџин беше фален за подлабоките можности за создавање ликови и користење бројни алатки, како и поверодостојна рекреација на емоции и длабок систем за искажување на индивидуални ставови.

The Sims 4 е достапна за PC и за конзолите (PlayStation и Xbox)

Под лупа: The Sims™ 4 Cats & Dogs

Нашата прва статија ја започнуваме со четвртата експанзија: The Sims™ 4 Cats & Dogs. Како што кажува самото име, фокусот на оваа експанзија е да ви дозволи да ја негувате вашата љубов кон домашните миленичиња, попрецизно кон темпераментни мачки и послушните кучиња.

Идеално милениче!

The Sims 4 се прослави со комплексната алатка за создавање ликови, а оваа експанзија ви дава уште една алатка на располагање, овојпат насочена кон животните. Преку Create a Pet алатката, можете да го создадете вашето идеално милениче. За создавање на вашето кутре или куче, односно маченце или мачка, имате на располагање арсенал од најразлични раси. На животното можете да му одредите најразлична својства кои ќе го дефинираат понатамошното однесување. За уште подлабоки детали, имате целосна контрола врз бројни аспекти на изгледот. Па така, можете не само да го дефинирате крзното со невообичаени шари, туку и да ги облечете животните во најразлична облека која ќе ги направи да се уште послатки (и соодветно да го претставуваат вашиот животен стил).

И, пред да прашате, не, не можете директно да ги контролирате животните :)

Во The Sims™ 4 Cats & Dogs, вашето милениче е многу повеќе од анимирана декорација. Како што напоменавме, миленичињата се водат од нивни внатрешни интереси и двигатели и на вас се остава што од тоа ќе решите да охрабрите и негувате, а што да пробате да потиснете и обесхрабрите. За да успеете во целта, ќе негувате длабоки односи со миленичињата, ќе се грижите за нив, ќе ги тренирате, или, пак, ќе играте најразлични игри.

Секое животно има три животни стази дефинирани од три животни периоди: младо, возрасно и старо

За бројни незаборавни моменти, ќе можете да си ја направите вашата куќа во целосно нов свет. Експанзијата ви дозволува да уживате во бројни активности на крајбрежните брегови на Brindleton Bay. Уште во првите неколку минути, ќе забележите дека многу внимание се има посветено на осмислување на преубаво место полно со светла и позитивна енергија. Brindleton Bay се одликува со импозантни знаменитости како пристаниште, светилник, парк и бројни патеки и места за социјализација не само со другите симсовци, туку и со другите крзнени пријателчиња.

Со завршување на трите животни циклуси, миленичињата може да умрат

Во новиот свет ќе можете и вие да направите ветеринарна клиника и да се посветите на градење на ветеринарска кариера. За исполнување на оваа благородна цел, ќе можете да ангажирате дополнителен персонал, да ги организирате вашите секојдневни работни обврски, како и да одредувате колку ќе наплаќате за услугите. Кога болеста ќе чукне на врата, вашите миленичиња никако не се имуни и ќе биде потребно да вршите најразлични дијагнози и да ги лекувате со бројни лекови. Во одредени ситуации ќе бидете принудени и да извршувате најразлични операции.

Покрај полесни и потешки болести, во ветеринарните клиники може да се врши и кастрација (ауч)

Ветеринарните клиники функционираат на сличен начин како рестораните во Dine Out. но лекувањето знае да биде долг и сложен процес. Загрижените сопственици доаѓаат по вас и ви дозволуваат да ги направите соодветните проверки и дијагностицирања. Во зависност од комплексноста на болеста, може да биде потребно повеќе време и истражување. Паралелно со ова, миленичињата имаат скала со стрес и верувајте дека никако не би сакале да ја надминете. Доколку успешно го излечите миленичето, вашата клиника добива висока оценка од клиентите и, како директен резултат, ем вашата кариера напредува, ем вие се чувствувате прекрасно. :)

Каква облека ќе најдете во The Sims™ 4 Cats & Dogs?

Со оглед на тоа дека фокусот на оваа експанзија е на миленичињата, The Sims™ 4 Cats & Dogs нуди огромен арсенал од облека со која ќе можете да го истакнете нивниот темперамент. Но, покрај облека за нив, ќе најдете интересна облека и впечатливи фризури и за вашите симсовци!

На располагање имате 183 парчиња облека и фризури!

Какви предмети ќе најдете во The Sims™ 4 Cats & Dogs?

Режимот за градење во The Sims 4 се проширува со импресивни 332 предмети. Развојното студио Maxis има покажано љубов за сите соби во вашиот дом, неисклучувајќи ниедна од нив. Во поглед на миленичиња, ќе наидете на бројни куќички, чинии за храна, места за измет, кутии со играчки, и места за играње. Доколку решите да градите кариера како ветеринар, ќе можете да поставите во вашата клиника бројни маси за истражување и критични операции, како и места за создавање и давање лекови.

Дружба без граници

Тоа беше нашата прва статија. Се надеваме дека дел од работите што ги прочитавте ви беа интересни и дека ќе не пречекате и наредната недела каде под лупа ќе ставиме уште едно DLC создадено за моментните летни горештини! Во меѓувреме, дали знаевте дека полека се поплочува патот за излегување на уште една експанзија? Целосно фокусирајќе се на љубовта, експанзијата Lovestruck ќе излезе на 25 јуни и, покрај нови романтични механики, симс ликовите ги можат да се подноват и со нова облека и со нови предмети за нивниот дом.

Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
10 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top