0 коментари 7 мин. читање

The Sims 4 Businesses & Hobbies:  играње со претприемачки соништа и уметнички стремежи

Зошто да ја играте The Sims 4 Businesses & Hobbies?

  • Неспоредлива контрола врз бизнисите на вашите Симс, прецизно дефинирање на активностите на клиентите, од едноставна малопродажба до сложени часови и услуги
  • Меѓусебно поврзани системи како репутација и задоволство на клиентите, вработување и управување со вработени, доделувајќи задачи и контролирајќи плати
  • Креативни хоби активности каде грнчарството овозможува изработка на разни керамички предмети со опции за прилагодување и можност за совладување на уметноста на Кинцуги. Тетовирањето обезбедува високо прилагодливо искуство со слоевити дизајни и можности за споделување
  • Совладување на вештини и менторство за дополнителни бонуси и приходи, користење на бела табла за држење часови за подучување на вештини
  • Нов свет: Нордхејвен со уникатни фестивалски настани каде што Симс можат да се дружат и да поминуваат време правејќи го она што го сакаат. Нови активности како откривање делови за велосипеди и риболов
  • Над 160 нови парчиња облека и стилови и над 210 нови предмети за градење/купување

The Sims 4 е игра која е позната по огромна библиотека од проширувања, додатоци и пакети со содржини, со што константно се прошируваат можностите на оваа симулација. Неодамна, имавме можност да навлеземе во две прекрасни проширувања кои отвораат целосно нови димензии со симс ликовите. The Sims 4: Lovestruck ни покажа како да ја негуваме љубовта во дигиталниот свет, додека The Sims 4: Life & Death го отвори патот кон истражување на животот после смртта.

Без разлика дали вашите Симсови се стремат кон романтични врски или посмртни авантури, една работа е константна: финансиите се клучни. За да им се помогне на вашите Симсови да ја постигнат финансиската стабилност, неодамна беше објавено ново проширување, фокусирано на зголемување на нивното богатство. The Sims 4 Businesses & Hobbies има за цел да ви овозможи да ги реализирате вашите претприемачки аспирации. Во суштина, проширувањето испорачува робустен и длабоко прилагодлив систем за мали бизниси кој ги одразува омилените механики од минатите наслови на Симс.

Финансиско зајакнување

Една од првите работи кои ви се дадени со проширувањето е неспоредлива контрола врз вашите бизниси, почнувајќи со клучниот чекор на брендирање. Уникатни имиња, икони и описи овозможуваат создавање на навистина различни и извонредни потфати. Ова ниво на персонализација се протега до самото срце на бизнисот, бидејќи можете прецизно да ги дефинирате активностите на клиентите, од едноставна малопродажба до сложени часови и услуги. Флексибилноста да се постават овие бизниси на домашни или јавни парцели беспрекорно ги вткајува претприемачките стремежи во секојдневниот живот на Симс, нудејќи ем креативна слобода ем претходно поставени шаблони за оние кои бараат побрз почеток.

Успехот на овие потфати е управуван од меѓусебно поврзани системи кои создаваат динамично и стратешко искуство за управување. Репутацијата, директно поврзана со задоволството на клиентите, отклучува вредни поволности и влијае на растот на бизнисот, поттикнувајќи ги играчите да обезбедат исклучителна услуга. Како што бизнисот добива повеќе позитивни критики и неговата репутација се зголемува, вие, како сопственик, може да барате повисоки цени, да привлечете поголема база на клиенти и да акумулирате поени за поволности кои дополнително го подобруваат бизнисот.

Покрај ова, во игра влегува и систем за усогласување, спектар на етички пристапи кои влијаат на настаните во играта и пристапот до поволности.

За управување со секојдневните операции, играчите можат да вработат до тројца вработени, вклучувајќи ги и членовите на нивното домаќинство. На овие вработени можат да им се доделат специфични задачи, а нивните плати да се управуваат од сопственикот на бизнисот. Благодарение на ова, се овозможува делегирање и специјализација во рамките на деловната структура. Една од најсветлите точки во оваа проширување е вештачката интелигенција на вработените која е значително подобрена во споредба со претходните итерации, што го прави аспектот на управување поефикасен и наградувачки. Меѓусебно поврзаните системи на прилагодување, флексибилност на местото, репутација, усогласување и управување со вработените создаваат робусна и ангажирана рамка за претприемачко играње во The Sims 4.

Надвор од доменот на бизнисот, The Sims 4 Businesses & Hobbies има за цел да ги збогати креативните животи на Симс. Грнчарството и тетовирањето се главните нови хоби, нудејќи различни патишта за уметничко изразување.

Грнчарството овозможува изработка на различни керамички предмети, од украсни вазни до функционални комплети за чај. Процесот вклучува користење на грнчарско тркало за обликување на глината и печка за печење на готовите парчиња. Со симс ликовите можете дополнително да ги персонализирате креациите преку нанесување на разни глазури. На повисоки нивоа на вештина, Симс можат дури и да ја совладаат јапонската уметност на Кинцуги, овозможувајќи им да поправаат или искористат скршени керамички предмети за да создадат убави и уникатни парчиња.

Тетовирањето обезбедува високо прилагодливо искуство, овозможувајќи слоевити дизајни и споделување преку галеријата во играта. Оваа многу очекувана карактеристика овозможува поставување на тетоважи во слоеви и создавање на целосно прилагодени дизајни. Режимот за цртање тетоважи обезбедува робустен сет на алатки за уметничко изразување, а дизајните можат дури и да се споделат и преземат преку галеријата во играта. Како што Симс ги усовршуваат своите вештини за тетовирање, така тие отклучуваат повеќе печати и матрици.

Проширувањето вклучува и машина за бонбони, овозможувајќи им на Симс да произведуваат слатки задоволства како памучни бонбони, лижавчиња и желе бонбони. Машината за бонбони, меѓутоа, повеќе остава впечаток на дел од готвењето отколку на целосно развиено хоби, што значи дека целокупниот избор се потпира силно на грнчарството и тетовирањето, разочарувајќи ги оние играчи што бараат поширок спектар на активности.

За понатамошно збогатување на искуството при играње, The Sims 4 Businesses & Hobbies воведува механики за совладување на вештини и споделување на знаење. Вашите симс ликови, кои го достигнале врвот на нивните вештини, можат да развијат поволности за совладување на вештини, давајќи им дополнителни бонуси и уникатни способности. Овие поволности нудат долгорочни стимулации за развој на вештини и овозможуваат понатамошна специјализација на Симс. Проширувањето исто така има систем за менторство, каде што вештите симс ликови можат да заработат пари со подучување на други. Ова не само што обезбедува нов извор на приход, туку и поттикнува социјална интеракција и заедница во играта.

За профитирање преку менторство имате на располагање нов објект – белата табла. Симсовците можат да ја користат белата табла за да држат предавања за вештини во кои имаат пристојно ниво, создавајќи настан каде што други Симс можат да се соберат и да ги подобрат нивните способности. Во контекст на мал бизнис, часовите можат да се држат користејќи ја белата табла како социјален настан, овозможувајќи им на сопствениците на бизниси да го монетизираат своето стручно знаење и да им помогнат на клиентите да развијат нови вештини. Посетувањето на предавања исто така е претставено како начин Симс да заработат поволности за совладување на вештини.

Проширувањето The Sims 4 Businesses & Hobbies  ве вовлекува во новиот свет Нордхејвен, визуелно привлечна локација инспирирана од скандинавскиот регион. Неговиот дизајн црпи силно од естетиката на Шведска и другите нордиски земји, прикажувајќи градче сместено околу живописни канали и опкружено со величествени планински пејзажи. Нордхејвен се состои од две различни населби: Гамлвик и Иверстад. Клучна карактеристика на Нордхејвен е можността за уникатни фестивалски настани каде што Симс со заеднички интереси можат да се соберат за да се дружат и да ги вежбаат своите вештини заедно. Овие средби обезбедуваат социјален контекст за ангажирање во хоби и нудат можности за пронаоѓање ментори кои ќе им помогнат побрзо да ги развијат своите способности.

Во новиот свет, Симс ликовите може да се занимаваат со активности како риболов и дури да откриваат делови за велосипеди.

И покрај генерално позитивниот прием, The Sims 4 Businesses & Hobbies не е без свои критики. Иако Нордхејвен нуди визуелно привлечна позадина не можевме а да не чувствуваме одредена празнина, недоволна раздвиженост и недостаток од забавни активности. Ограничениот избор на нови хоби, особено надвор од грнчарството и тетовирањето, е една проблематична точка. Немање соодветна длабочина и интерактивност во новиот свет знае да биде втора. Овие две работи оставаат впечаток дека проширувањето е малку лито на содржини, особено кога ќе се земе во предвид насловот на DLC-то.

Стотици нови парчиња облека и предмети

Вашите симс ликови ќе можете да ги разубавите со над 160 парчиња облека/ стилови. Од друга страна, вашите домови можат да бидат проширени со над 210 најразлични предмети. Добар дел од облеката и, особено предметите, се дизајнирани за да осмислат ве вовлечат во бизнис и креативната атмосфера. Дизајните со тетоважите се особено прекрасни.

Како и да е, она што го има знае да биде сосема доволно за поголемиот дел од оние играчи кои даваат приоритет на претприемачкото играње и козметичкото прилагодување преку тетоважи. Робусните деловни механики и деталните карактеристики на тетоважите се јасни истакнати моменти. Сепак, оние кои бараат поширок спектар на разновидни хоби може да сметаат дека понудите се донекаде оскудни. На крајот на денот, проширувањето несомнено додава значителна длабочина на универзумот на The Sims 4.

Во меѓувреме, не ја пропуштајте можноста да прочитате и за некои други минати експанзии:


Повеќе детали за играта

  • Произведува: Maxis
  • Издава: Electronic Arts
  • Жанр: симулација
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезе на: 06 март 2025
Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

Мени
Заедница
Изглед
To top