10 коментари 6 мин. читање 20 јули, 2024

Саботна симс средба #2: летен островски живот

Минатата сабота се дружевме со бројни миленичиња, прочитајте за нашите авантури тука!

The Sims 4: Island Living

Како седма експанзија за The Sims 4, Island Living излезе во јуни 2019 година и им понуди на сите заинтересирани бројни можности за дигитално уживање во тропските горештини. Проширувањето ви дозволува да се вдомите во светот Сулани и да се опуштите помеѓу чисти плажи, бистри води и корални гребени.

Впечатливо летување

Сите елементи и аспекти во The Sims 4: Island Living се осмислени со цел да ви помогнат да отидете на незаборавно дигитално летување; да заборавите на секојдневните обврски и да ја разбиете монотонијата со најразлични активности на плажа или да го истражувате океанот преку нуркање или кајакарство. Како што напоменавме, сирените се враќаат на голема врата и со проширени можности за интеракција. Покрај тоа што ќе можете да се дружите со сирените, ќе можете и да се спријателите со делфините и заеднички да ги истражувате бистрите водени површини.

А, кога ноќта ќе падне, ќе можете подобро да се запознаете со локалното население и со нивните најразлични локални традиции, како фестивали. Тука-и-таму, нема ни да заборавите да ги направите и пробате нивните традиционални јадења (читај: скара!) и пијалаци, како и да се впуштите во проникливи разговори за древните настани на нивните предци. Ви здосадија летните активности и печалење пари преку различни (хонорарни) работи? Во The Sims 4: Island Living можете да бидете и сирена!

Конзерваторичка кариера

Но, не е само игра во The Sims 4: Island Living. Дури и во дигиталниот свет на The Sims, постои реална потреба за имање работа и печалење пари. А, кога веќе работите нешто, подобро е да го работите она што го сакате. На тој начин, работата лесно може да стане еден вид забавна игра полна со можности за социјализација. Новата конзерваторичка кариера ќе ви го дозволи токму тоа: да се забавувате додека работите.

Чистењето на плажите значително влијае на ефектот кој се остава врз островот. Можете да напредувате низ три новоа и да специјализирате во клучни области за зачувување на флората и фауната на островот Сулани. Паралелно со ова, можете и да специјализирате во риболов, или пак во нуркање. Во случај да не се пронајдете во ова, можете да станете спасител и, на тој начин да допринесете за поголема безбедност помеѓу локалците.

Рај на земјата

Сулани е преубаво магично место полно со забавни активности. Покрај бројните работи воведени со основната игра и останатите експанзии, The Sims 4: Island Living ќе ви дозволи да купувате и користите работи кои ви се потребни за на плажа, да седите покрај логорски оган, да користите најразлични кануа, да уживате на лежалки или пак да поставувате замки за риби, како и да разгледувате бројни тезги со храна.

Кога ова нема да е доволно, ќе можете и да правите најразлични песочни скулптури, да си се лулате или пак да возите скутери на вода! Нема-што-не-може да се прави во Сулани. За пофалба е начинот на кој е осмислен окејанот, флуидните анимации и суптилните промени на бои кои се карактеристични за одредени периоди во денот. Пет години подоцна, The Sims 4: Island Living и понатаму нуди удобен дигитален рај.

Каква облека ќе најдете во The Sims 4: Island Living?

Create a Sim режимот ќе ви дозволи да ги „дотерате“ вашите Sims ликови со 136 парчиња облека, од најразлични костими за капење, па се до симпатични, тропски декоративни украси.

Какви предмети ќе најдете во The Sims 4: Island Living?

Build Mode, од друга страна, се одликува со 182 предмети за најразлични соби. Посебен акцент се дава на предмети кои се традиционални и карактеристични за островите и бројните народи кои се наоѓаат таму.

Дружба без граници

Тоа беше нашата втора статија, додека првата можете да ја прочитате тука. Се надеваме дека дел од работите што ги прочитавте ви беа интересни и дека ќе не пречекате и наредната недела каде под лупа ќе ставиме уште едно DLC создадено за моментните летни горештини! Во меѓувреме, дали знаевте дека полека се поплочува патот за излегување на уште една експанзија? Целосно фокусирајќе се на љубовта, експанзијата Lovestruck ќе излезе на 25 јуни и, покрај нови романтични механики, симс ликовите ги можат да се подноват и со нова облека и со нови предмети за нивниот дом.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Maxis
  • Издава: Electronic Arts
  • Жанр: симулација
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезе на: 20 јуни 2019
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
10 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top