Верувале или не, The Sims 4: Life & Death е седумнаесетта главна експанзија за The Sims 4, без да се сметаат бројните дополнителни game и stuff pack-ви, како и мини kit-ови. Доколку сте фанови на оваа симулација, тогаш дефинитивно се храните добро во последната деценија. По неодамна излезената експанзија за пронаоѓање вистинска љубов, овојпат акцентот е на смртта. Според студиото Maxis, смртта е само почеток кој означува нова серија од предизвици. Но, дали The Sims 4: Life & Death има доволно свежи идеи кои би можеле да загарантираат пријатен престој? Или, пак, се работи за бајата авантура која се гуши во нереализиран макабр потенцијал?
Зошто да ја играте оваа експанзија?
– Сакате да искусите подлабоко искуство како дух– Имате потреба да градите кариера како асистент на Смртта или пак како гробар
– Има луѓе кои во вистинскиот живот многу ви имаат погрешено и сега сакате да направите симс лик како нив за да можете да ги умрете без ден, да ги мачите, душа да им вадите и до бескрај да ги преколнувате.
Живот преку смрт
Како што кажува насловот, The Sims 4: Life & Death е експанзија која пружа можности за поинтимно запознавање со смртта и водење нов живот надвор од вашето физичко тело. За да успеат да понудат забавно искусто, развојното студио Maxis се има потрудено да осмисли целосно нов посмртен систем. Овој систем, како што ќе прочитате подоцна, се одликува со комплексни подсистеми и механики, отворајќи им на играчите целосно нови можности за играње со живот, или, во овој случај – смртта.
Претходно, духовите играа одреден улога, но не беа детално разработени. Во The Sims 4: Life & Death, духовите се целосно разработени, на сличен начин како што беше направено со вампири и врколаци. Сега, духовите имаат дрво од вештини кои се отклучуваат како играте во играта. Овие паранормални вештини им дозволуваат на симс ликовите кои се духови да можат да прават најразлични работи, како да поседуваат одредени музички инструменти, да кренат симс во воздух за да истресат нешто драгоцено, и слично. Дел од овие способности се злобни, а дел се со добри последици кои влијаат позитивно на благосостојбата. Некои од способностите се помеѓу овие две екстремни точки и се сметаат како неутрални.
Во зависност од тоа дали правите добри или злобни дела, ќе можете да отлучите еден вид ултимативна способности. Чисто за пример, доколку сте злобен дух, ќе дојде момент кога ќе можете да поставите клетва на негого. Тоа лице ќе има проблем со извршување и на најосновните работи, често чудејќи се како може да е толкав баксуз и како е можно ништо да не му оди од рака. Не се за потценување ни добрите способности бидејќи ви дозволуваат да искажувате благослови, да продолжувате живот и да правите живите симс ликови да се поефикасни. Но, нема да лажеме, добро е да се биде злобен во The Sims 4: Life & Death. Ова никако не значи дека сте семоќни. Секој дух е ограничен од кондицијата со која располага.
Патување на душата
Како целосно нова механика во The Sims 4: Life & Death е системот Souls Journey каде се води сметка колку е симс ликот, жив или мртов, задоволен со „животот“ кој го води. Патувањето на душата е претставено како полукруг од цели кои треба да ги завршите. Со секое успешно завршување на одредена цел добивате неколку корисни предности и станувате еден чекор поблиску до ултимативната цел – да станете преродени. Одновото раѓање ви дозволува да се родите во куќа која вие ќе ја одберете и да изгледате онака како што вие сакате. Ни се допадна оваа механика и сметаме дека ќе е особено корисна за сите оние кои не сакаат целосно да се збогуваат со некој лик, но, некако сметаме дека можело многу повеќе да се прошири системот и да се понудат покомплексни можности.
Собирање души или копање гробови?
Интересно и, сосема неочекувано, The Sims 4: Life & Death се одликува со две нови кариери. Едната кариера ќе ви дозволи да играте како асистент на смртта и да собирате души, додека другата е помалку спектакуларна и ви дозволува да печалите за парче леб преку копање гробови.
Grim Reaper кариерата е целосно активна. Тоа значи дека во реално време ги извршувате работните обврски. Си имате канцелари на посебно мистично место. Покрај вршење најразлични активности во канцеларијата, ќе се случува да одите на различни места за да собирате души, ќе ги тешите најблиските на починатото лице, а и ќе средувате папирологија. Да, да, не е се забавно ни кога имате супер кул работа.
Втората кариера не е активна и се заснова на испраќање на вашиот симс лик на работа и чекање да се врати. Сепак, оваа кариера се расчленува на две подкариери и пружа солидни можности за печалење пари, како и неколку забавни активности поврзани со десетте надградливи нивоа. Надвор од ова, имате и нова вештина која е поврзана со проучување на смртта. Оваа вештина поплочува пат за интересни можности, како способност да зборувате на мртви јазици.
Погребите се голема работа во The Sims 4: Life & Death. Иронично, доста е слично како системот со организирање свадби. Имено, организирате кога да почне настанот, одбирате кој може да дојде, дури и можете да платите актери кои ќе дојдат на погребот и ќе глумат дека се тажни. Во организирање на настанот, имате и голема слобода во поглед на тоа како да изгледа местото во кое се наоѓате. Бројни нови предмети ќе се погрижат за тоа. По погребот кој, патем, е пропратен со нови активности кои се соодветни за испраќање лице, можете и да поставувате споменици. Додека ликовите се живи, ќе може и да напишат тестамент, со јасни инструкции што да се прави со телото или некое милениче, кој да наследи нешто, каде да се донираат дел од парите, и слично.
Што друго ќе најдете во The Sims 4: Life & Death?
– Два нови начини за умирање и три нови начини за, ахем, вуху– Имате и нова колекција од 26 тарот карти
– Ќе наидете на мистериозен трговец кој продава ретки предмети
– Одредени крипти можете да истражувате
– Може да имате ново милениче – врана! Никако не препорачуваме да ја провоцирате
– Откако ќе почине некое лица, останатите блиски членови ќе поминуваат низ подолга фаза на жалење
– Можност да правите гробишта
Стотици нови парчиња облека и предмети
Како шлаг на тортата, ова експанзија е многу повеќе од нови механики. Вашите симс ликови ќе можете да ги разубавите со над 150 парчиња облека. Од друга страна, вашите домови можат да бидат проширени со над 170 најразлични предмети. Добар дел од облеката и, особено предметите, се дизајнирани за да осмислат макабр атмосфера поврзана со окултното и паранормалното.
Кога ќе се земе се во предвид, The Sims 4: Life & Death е една од подобрите експанзии за The Sims 4. Тимот се има потрудено да воведе исклучително многу новитети и значително да ги прошири долго-посакуваните аспекти поврзани со смртта. Во случај да сте со години фанови на оваа игра, тогаш The Sims 4: Life & Death ќе знае како да ве забави со месеци и месеци.
Во меѓувреме, не ја пропуштајте можноста да прочитате и за некои други минати експанзии:
- Дружење со домашни миленичиња!
- Летен островски живот!
- Живот низ годишни времиња!
- Снежно бегство
- Селски живот
- Дружба под туѓ кров
- Да се јава коњ е да се лета без крилја
- Развивање еколошка свест
- Паранормално дружење
Повеќе детали за играта
- Произведува: Maxis
- Издава: Electronic Arts
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 31 октомври 2024