Што е саботна симс средба?
Неделна статија замислена да ја информира The Sims заедницата преку детално разгледување експанзии и бројни додатоци за култната симулација.
Преку критичка посвета на бројните новитетите поврзани со додатокот, ве известуваме за тоа што најдобро функционира во поглед на механиките и на какви сѐ работи би можеле да наидете за уредување на вашиот дом.
Моментно, The Sims 4 има 17 главни експанзии, 12 game пакети, и 20 stuff пакети. Целта на оваа статија е заеднички да поминеме низ сите нив!
Претходните саботи пишувавме за:
- Дружење со домашни миленичиња!
- Летен островски живот!
- Живот низ годишни времиња!
- Снежно бегство
- Селски живот
- Дружба под туѓ кров
- Да се јава коњ е да се лета без крилја
- Развивање еколошка свест
- Паранормално дружење
- Роб на сопствената работа
- Џунгла на асфалт

Како само времето лета. Пред цели девет години, The Sims 4: Get Together ги импресионира фановите со втората експанзија за популарната симулација на живот, The Sims 4. Лансиран на 10 декември 2015 година, а подоцна и за конзоли на 11 септември 2018, овој пакет воведе сосема нова димензија на социјалната интеракција, фокусирајќи се на групните активности и создавањето заедници. Get Together се смета за еден од најдобрите проширувања, поставувајќи се како духовен наследник на омилените пакети од минатото како The Sims 2: Nightlife и The Sims 3: Late Night, но со уникатен и модерен пристап.

Забава во клубови
Во сржтта на оваа експанзија се наоѓа иновативниот систем на клубови, кој ви овозможува да создавате и да управувате со ваши социјални групи. Оваа функција, на времето понуди неверојатно ниво на контрола и персонализација. Како лидер на клуб, вие ги поставувате правилата: одредувате кои активности се пожелни, а кои се забранети за членовите кога се заедно. Можете да дефинирате и специфичен стил на облекување, омилено место за состаноци и услови за зачленување.
Кога членовите на клубот се собрани, тие автоматски ги следат овие правила, што создава уникатни сценарија и можности за игра.
Покрај создавањето сопствени клубови, вашите Симови можат да се придружат и на веќе постоечките, како што се модерниот клуб Paragons или гурманскиот Upper Crusts. Со учество во активностите, отклучувате поени кои може да ги искористите за специјални поволности како тајни ракувања, социјални бонуси и други надградби кои го прават вашиот клуб уште поексклузивен и помоќен.

Ново место за журкање
Експанзијата ќе ве пресели и на целосно ново место кое е инспирирано од северноевропската архитектура и пејзажи. Виненбург ги освојува симс ликовите со живописни населби, камени градби и модерни локации. Поделен на четири главни населби, овој свет ви дозволува да навлезете во руралната област Windslar, историскиот стар град Olde Platz, модерниот центар Lykke Centre и мистериозниот остров со антички рушевини, The Crumbling Isle.
Светот е полн со нови локации за истражување, вклучувајќи шармантни кафулиња, модерни дискотеки, традиционални пабови и атрактивни природни базени покрај карпите. Овие места служат како совршена сцена за клубските состаноци и новите социјални активности.

Нови активности, вештини и објекти
Get Together носи и две клучни нови вештини: танцување и диџејство. Благодарение на можноста да ги развивате овие вештини, вашите Симови можат да ги импресионираат сите останати така што ќе ги покажат нивните танцувачки способности на подиумот, но и да ги предизвикаат други симсовци на епски танцови битки. И да, точно претпоставувате, за некого овие активности се неодоливо слатки, а за други се крајно кринџ. За среќа, доколку спаѓате во втората категорија, ќе можете да се псоветите на диџејство. Со оваа вештина можете да ја контролирате атмосферата на забавата од професионална диџејска кабина, пуштајќи различни музички жанрови како House, Hip Hop или Drum ‘n’ Bass.

Пакетот вклучува и голем број нови објекти кои поттикнуваат групна забава. Па така, ќе може да се собирате на полноќни собири и да се впуштате во специјален огнен танц откако ќе направите оган на отворено. Платформата за скокање во вода ќе ви дозволи да изведувате импресивни скокови во базен, а масите за фудбалче и пикадо ќе пружат нови можности за натпреварување меѓу пријателите преку играње две култни, класични игри. Новите плакари ќе пружат и ново место за WooHoo, а еспресо барот ќе ви дозволи да ангажирате бариста и да пружате нови можности за кафенисување.

За да се надополни темата на експанзијата, воведени се две нови особини. Dance Machine ги прави симс ликовите да обожаваат да танцуваат и да се полнат со позитивни емоции кога се на забави. Insider, од друга страна, прави одредена група симсовци да уживаат да бидат дел од ексклузивни групи и да се најсреќни кога се опкружени со своите пријатели од клубот. Новата аспирација, Leader of the Pack, ги води вашите симсовци низ процесот на создавање и водење на најуспешниот клуб во градот, наградувајќи ги со особината Natural Leader, која им овозможува побрзо да заработуваат клубски поени.
Во играта ќе најдете и најразлична облека и предмети кои се првенствено осмислени да дадат посебна димензија на темата поврзана со клубови, танцување, диџејство и, кажано со еден збор: журкање!



Впечатливо журкање
The Sims 4: Get Together е суштински додаток за играчите кои ја ценат социјалната компонента на играта. Системот на клубови е длабок и флексибилен, нудејќи речиси бескрајни можности за креирање приказни и уникатни искуства. Светот Виненбург е еден од најубаво дизајнираните светови во The Sims 4, а новите вештини и активности внесуваат свежина и забава во секојдневието на вашите Симови. Иако е фокусиран на групна игра, овој пакет успешно ја збогатува целокупната игра, правејќи го социјалниот живот на Симовите подинамичен и позначаен од кога било досега.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Maxis
- Издава: Electronic Arts
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли







