Што е саботна симс средба?
Неделна статија замислена да ја информира The Sims заедницата преку детално разгледување експанзии и бројни додатоци за култната симулација.
Преку критичка посвета на бројните новитетите поврзани со додатокот, ве известуваме за тоа што најдобро функционира во поглед на механиките и на какви сѐ работи би можеле да наидете за уредување на вашиот дом.
Моментно, The Sims 4 има 17 главни експанзии, 12 game пакети, и 20 stuff пакети. Целта на оваа статија е заеднички да поминеме низ сите нив!
Претходните саботи пишувавме за:
- Дружење со домашни миленичиња!
- Летен островски живот!
- Живот низ годишни времиња!
- Снежно бегство
- Селски живот
- Дружба под туѓ кров
- Да се јава коњ е да се лета без крилја
- Развивање еколошка свест
- Паранормално дружење
- Роб на сопствената работа


The Sims 4: City Living е третото проширување за популарната The Sims 4. Проширувањето беше официјално најавено на 12 септември 2016 година, а пуштево во продажба на 3 ноември 2016 година. Доколку никогаш не сте го провериле оваа DLC, City Living ве носи директно во срцето на динамичниот градски живот, воведувајќи нови концепти како живеење во станови и луксузни пентхауси, како и можност за присуство на различни градски фестивали. Сите овие механики првенствено се замислени да се одвиваат во новиот свет наречен Сан Мишуно. За потребите на експанзијата, талентираното студио Maxis црпи инспирација од претходни успешни наслови како The Sims 2: Apartment Life и The Sims 3: Late Night, но исто така вклучува и елементи од The Sims 2: Nightlife, The Sims 3: World Adventures, The Sims 3: Showtime и The Sims 3: Seasons, нудејќи богато и повеќеслојно искуство.

Во прегратките на Сан Мишуно
Централно место во City Living зазема новиот свет, градот Сан Мишуно. Овој урбан центар е дизајниран со силно влијание од модерни светски метрополи како Токио, Сан Франциско и Њујорк, притоа инкорпорирајќи културни елементи од Индија, Кина, Јапонија и Мароко низ своите улици и архитектура. Градот е поделен на четири уникатни населби: пазар, уметнички кварт, модна област и Аптаун. Сан Мишуно нуди вкупно 18 парцели на кои се распоредени 21 станбена единица, овозможувајќи повеќе семејства да живеат во иста зграда. Иако ентериерот на становите може целосно да се прилагодува според желбите на играчот, надворешноста на зградите останува непроменлива. На овој начин, се создаваат можности за поголем фокус на животите на станарите и секојдневните драми кои се одвиваат помеѓу нив.

Живот во стан
Живеењето во стан воведува нова динамика во играта во споредба со традиционалните резиденцијални парцели, како, на пример, плаќање кирија, расправање поради бичава, посетување на соседите, па дури и давање клуч на доверливи пријатели, овозможувајќи им слободен влез во секое време. Становите во Сан Мишуно доаѓаат со однапред дефинирани карактеристики на парцелата, кои можете да ги менувате. Сепак, некои станови имаат и специјални, заклучени карактеристики што не можат да се отстранат, најчесто поради специфични објекти или појави (како штетници) кои се дел од самата структура на станот. Важно е да се напомене дека опцијата за изнајмување на резиденцијални единици не е достапна за становите во Сан Мишуно, а самите станови како тип на живеалиште се ограничени само на Сан Мишуно и подоцна воведениот свет Евергрин Харбор.

Луксуз на врвот
За оние кои бараат поголема приватност и луксуз, Сан Мишуно нуди три пентхауси. Тие се поставени на врвот на декоративни згради и немаат ограничувања надвор од големината на самата парцела, што значи дека можат да бидат срушени и повторно изградени, слично како и другите градби на стандардните парцели. За разлика од становите, во пентхаусите може да живее само едно семејство, што гарантира целосна приватност без проблематични соседи. Сепак, други Симсовци можат да ги посетуваат пентхаусите користејќи го лифтот.

Животот овде не се разликува драстично од животот на обична парцела, но за негова функционалност, мора да, подразбирливо, поставите лифт, канта за рециклирање и поштенско сандаче. Доколку пентхаусот е дефиниран како јавна парцела, лифтот е неопходен за ликовите да можат да се движат низ зградата. Посетителите ќе доаѓаат на овие јавни парцели на ист начин како и на другите јавни локации во останатите светови. Пентхаусите, освен во Сан Мишуно, се достапни и во световите Брајтчестер и Сиудад Енаморада.

Градски фестивали
Една од најинтересните новини во City Living се градските фестивали. Постојат пет различни фестивали кои се одржуваат циклично на секои две недели во различните дистрикти на Сан Мишуно. Се работи за забавни и креативно осмислени фестивали кои се засновани на различни теми. Па така, ќе наидете на фестивал на хумор и шеги, фестивал на романтиката фестивал на зачините и посебен пазар кој оставаме самите да го откриете.

Информации за претстојните фестивали, нивните активности, натпревари и распоред, можете да најдете на огласните табли во станбените згради или на динамичните информативни знаци поставени низ Сан Мишуно. Кога некој фестивал треба да започне, се слуша карактеристичен џингл и се појавува известување. Ова известување исто така нуди можност за телепортирање на Симовите до локацијата на фестивалот, доколку се наоѓаат во друга населба. Фестивалските објекти и активности се појавуваат во населбата каде што се одржува фестивалот и исчезнуваат по неговото завршување.

Нови кариерни можности
City Living воведува три нови кариери: критичар, политичар и инфлуенсер на социјални медиуми. Секоја од овие кариери нуди по две гранки за специјализација. Карактеристично за овие кариери се интерактивните работни задачи, каде симс ликовите добиваат задачи кои ги водат на различни локации низ светот.

Доколку симсот работи во една од овие три професии, еден час пред почетокот на работното време, на телефонот се појавува известување со аларм. Играчот тогаш може да избере дали ликот ќе оди на работа, ќе работи од дома или ќе земе слободен ден. Ако се избере опцијата за работа од дома, играта генерира две случајни задачи кои Симот треба да ги заврши за да добие подобрување на работните перформанси, што се додава на платата на крајот од денот. Незавршувањето на овие задачи резултира со разочарување кај шефот и губење на работните перформанси.

Нови објекти и интеракции
Експанзијата носи и низа нови објекти и активности кои го збогатуваат секојдневниот живот на Симовите. Покрај можности за играње на кошаркарско игралиште, ќе наидете и на простор за улични изведувачи, штандови за храна, улична галерија, говорници, па дури и караоке машини и играчки конзоли. Паралелно со ова, ќе наидете и на нови особини и карактеристики, но и нови радио станици и телевизиски програми, вештини и аспирации.




The Sims 4: City Living успешно го пренесува хаосот, возбудата и разновидноста на урбаниот живот во светот на The Sims. Со воведувањето на станови, пентхауси, динамични фестивали и нови кариери, оваа експанзија нуди значително освежување и проширување на гејмплејот. Сан Мишуно е живописен и културно богат свет кој повикува на истражување, а новите механики поврзани со живеењето во зграда додаваат слој на реализам и нови предизвици. Иако некои аспекти, како што е неможноста за уредување на надворешноста на зградите, можеби нема да им се допаднат на сите играчи, севкупно City Living претставува солиден додаток кој им овозможува на Симовите да искусат еден сосема поинаков начин на живот.







