Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот.
.мк стартап на месецот [ноември, 2023]:
Што е Boksy?
“Boksy има визија да стане платформа каде што семејствата ќе можат квалитетно да го поминат своето време кога се пред екраните. Со истражување и работа во ова поле веќе неколку години, знаеме дека децата сѐ помалку читаат. Тоа е драстично изразено по појавата на дигитализацијата. Најголемиот скок се случува по дигитализација на наставните програми во европските држави, па така дојдовме до идеја за Бокси”, вели Ивана Каралиева Петреска, ко-основач на Rething.За Ивана Каралиева Петреска и Димитар Најденов, ко-основачи на ИТ компанијата Re:Thing, а потоа и на стартапот Boksy – првичната бизнис идеја била едноставна: како да се создаде нова потреба, и притоа таа да биде корисна за македонското општество.
Пред да дојдат до бизнис идејата за Boksy пак, Ивана и Димитар долги години работат заедно како колеги во домашна компанија, каде го учат занаетот за правење на софтверски продукти по европски стандарди.
“Бевме колеги во претходната фирма, каде работевме во маркетинг тимот. Најчесто работевме на софтверски продукти – 90 проценти беа мобилни апликации кои ги лансиравме и во државата и надвор од нејзе, при што главниот фокус беше на скандинавскиот пазар. Се зближивме преку работата и станавме добри другари. Потоа, спонтано низ работата и предизвиците се договоривме дека сакаме да започнеме наша претприемачка приказна,“ раскажува Ивана.
Сето тоа што го научиле таму, охрабрени од одличната колегијална дружба, потоа решаваат да го применуваат и во сопствен бизнис. Првиот клиент бил веќе договорен пред формирање на тимот, а истиот доаѓа од Шведска, земја која подоцна станува еден од нивните главни пазари.
“Првиот клиент веќе го имавме договорено уште пред да започнеме, всушност тоа беше апликацијата Boksy, но за Шведска. Тогашниот клиент беше издавачка компанија која имаше потреба од дигитализација. За само неколку дена го смисливме концептот за Boksy, што во тоа време беше апликација за деца,“ додава Димитар.
Откако некое време работат на развивање на продуктот за шведскиот пазар, тамошниот клиент, откако ќе ја увиди нивната посветеност и заинтересираност за проектот, се одлучува да им го даде продуктот за да можат самите тие да го развијат во Македонија – и во тој момент започнува развојот на првата мобилна апликација која на македонската публика ќе им овозможи едно дигитално искуство за читање и слушање на книги.
“Заедно донесовме тактики и стратешки чекори за продуктот и некако природно дојде тој момент за клиентот да ни рече дека сето ова оди во вистинската насока и дека можеме самите да го работиме Boksy,“ вели Ивана.
Развивање на дигитална читачка култура како цел
Главниот проблем кој Ивана и Димитар сакаат да го решат е како децата да се мотивираат повеќе време да поминуваат во читање на книги на своите телефони, а помалку во играње на најразличните игри и гледање на YouTube и TikTok видеа, што е мода кај децата денес.
“Голем предизвик е тоа што Македонија нема читачка култура, и тоа е она што сакаме да го изградиме. Децата знаат за ТикТок и Јутјубери, но на пример не знаат за Робинзон Крусо, или пак други книги,“ вели Димитар.
Дополнителниот проблем пак, е како тие книги да се стават во рацете на децата, но не физички, туку преку нивните телефони и преку еден иновативен пристап.
“Сфативме дека доколку ги земеме книгите, ги префрлиме во PDF формат и потоа ги ставиме во мобилна апликација – сепак нема ништо да се случи. Да му дадеш на дете да чита книга на телефон во PDF, тоа нема да се оствари. Потоа, со таа логика сфативме дека на децата им требаат игри, едукација, некаква мотивација за читање. На крајот дојдовме до моментот дека децата исто така треба да бидат наградувани за читањето со тоа што ќе добиваат поени кои потоа ќе можат да ги користат за купување на разни гифт картички и слично,“ раскажува Димитар.
Така, во тој момент главната идеја е дека доколку детето седи 10 часа на телефон, барем три од тие часа да може да ги помине продуктивни, преку слушање или читање на книги.
“Поборник сме на тоа дека штетно е да седиш пред екран се додека тоа време е лошо потрошено. Но ако времето се користи продуктивно тоа може да биде и квалитетно, децата, па и возрасните да научат вокабулар, и сето тоа ни помогна бидејќи влеговме со многу пасија,“ потенцира Ивана.
Од тука па натаму, Boksy ги развива и останатите компоненти на својата апликација, вклучувајќи ги оние за возрасната читачка публика.
“Градевме и развиваме во фази. Најпрво тоа беше со детската апликација, ја подобрувавме нејзе, па потоа видовме дека постои простор и за модел за возрасни. Го додадовме и делот на возрасен профил, односно апликацијата за слушање и читање книги, што стана и модел за целата фамилија. Потоа, тука дојде и сервисот за претплата, нешто налик Netflix, каде што можеш да слушаш и читаш книги,“ се присетува Ивана, додавајќи дека детската апликација сепак се покажала како основата за успешниот модел што денес го има Boksy.
Проблемите со кои се соочиле биле многу – од како да се изведе начинот на плаќање, соработки со издавачките куќи, до пронаоѓањето на вистинскиот дизајн за апликацијата. Но, една од најважните стратегии за пласирање на успешен продукт на пазарот, како што потенцира Ивана, е тоа тој постојано да биде тестиран на самиот пазар, за тимот потоа што е можно поскоро да ги добие повратните информации од корисниците кои се неопходни за подобрување и прилагодување на продуктот.
“Излегуваме брзо на пазар, тестираме, и гледаме што побрзо да добиеме повратни информации за да можеме да го подобриме продуктот,“ вели Ивана.
Сето ова се покажало како доста успешен пристап за Boksy, за што сведочат и самите бројки кои ги постигнува стартапот во рок од две години. На месечно ниво тие имаат повеќе од 500 активни корисници, а севкупно повеќе од 10 илјади. Во моментов работат со 23 издавачки куќи во Македонија и имаат преку 10 илјади книги на македонски и англиски јазик, а присутни се и на пазарот во Шведска.
Продолжена рака, а не конкуренција
Уште еден од низата предизвици со кои и денес Ивана и Димитар со соочуваат е во тоа како да им објаснат на издавачките куќи во Македонија дека Boksy не им е конкуренција, туку уште еден канал преку кој тие можат да ги пласираат своите книги.
“Првата работа е што издавачите, скоро сите од нив, немаат договори со авторите за дигитална дистрибуција на нивната содржина. Втората работа е што се многу скептични, сметаат дека ќе им пропадне бизнисот со печатени книги, па некогаш гледаат на нас како на конкуренција. Но ние не сме конкуренција, туку само уште еден извор преку кој можат да ги пласираат своите книги,“ објаснува Димитар.
“Доста е бавна таа индустрија и треба време да се сфати дека дигиталниот продукт не пречи на продажбата на физичките книги. Дури има и луѓе кои ги читаат дигиталните книги а потоа ги купуваат и во физичка форма за да си ги имаат дома – така што едното со друго не се исклучува,“ додава Ивана.
Ваквите стигми се обидуваат да ги решат преку моменталните кампањи кои ги водат, но и и преку партнерствата и новите услуги кои тие ги нудат токму за самите издавачки куќи.
“Соработуваме и со индивидуални автори на детска или возрасна литература, сакаме да имаме и таков тип на соработка. Дополнително, аудио книгите се уште се предизвик – за да се сними квалитетно аудио треба да се квалитетно студио, дикција, за да се додадат или тргнат одредени звуци, сето тоа е скапо и воопшто не е евтино да се продуцира една аудио книга. Кај нас тоа оди бавно, па затоа ние и ова го нудиме како сервис за да можеме што поскоро да дојдеме до тој тренд и тој да биде достапен и на македонски јазик,“ раскажува Ивана.
Предизвиците не ги спречуваат плановите за раст
Искуството од шведскиот пазар и тамошните предизвици пак, е основата за успехот кој Boksy го постигнува денес во Македонија. Како за пример, таму се соочиле со конкуренти чии апликации постојат десетици години и кои исто така поседуваат и свои издавачи, односно ги поседуваат самите книги кои ги имаат во апликациите.
Одговорот на Boksy на ова било да се оди со конкурентни и ниски цени – нешто што се покажало како доста успешно само шест месеци по лансирањето на продуктот на шведскиот пазар. Дополнително, тука се и лекциите кои ги научиле за тоа како да се постават на македонскиот, а потоа и на балканскиот пазар.
“Излеговме на пазар, се боревме со конкуренција којашто е многу понапред од нас, на пазар каде што сме на седмо или осмо место. Но тука сме први со детската апликација и со тоа знаење и искуство што го собравме од пазар којшто е многу поразвиен од тука, сега можеме да постигнеме многу повеќе, да им помогнеме и на издавачите да се дигитализираат и на крајните корисници да имаат одличен производ,“ вели Ивана.
Иако, како што вели Димитар, патот сега го одат подолго, сепак тоа е правилниот пат – а следната дестинација се балканските земји.
“Новиот пазар за кој се надеваме дека ќе го освоиме е Албанија, тоа е еден интересен пазар каде има голема читачка култура и каде издавачките куќи се поразвиени и посовремени, сакаат да се дигитализираат. Понатаму тука се и Србија, Црна Гора, Хрватска, односно целиот Јадрански регион го гледаме како следниот чекор за експанзија,“ објаснува Димитар.
Она што е важно според Ивана пак, е да се води баланс кога станува збор и за растот, но и за моменталните оперативни процеси низ кои минува компанијата.
“Кога има голем раст на многу пазари, тоа за многу брзо време станува и неодржливо. За да пораснеме ќе треба и инвестиција, така што ќе се обидеме да ги балансираме овие работи и да одиме според она што е приоритетно,“ потенцира таа.
Двајцата пак, се согласни дека во Македонија треба да се сменат многу работи за да се дојде до еден вистински развој на стартап екосистемот.
За Димитар, тоа е промената на менталитетот и прифаќањето на фактот дека за да се дојде до успех треба време и трпение. За Ивана, тоа е вербата во процесот на личното градење.
“Без разлика колку е добрата школата што си ја завршил, не е само тоа што го носиш на маса – каков код ќе напишеш или каква маркетинг стратегија ќе напишеш. Треба да си дел од тимот, да соработуваш со луѓето, да видиш како функционира една компанија. Во Македонија има многу иновативен и паметен народ, и има поединци со брилијантни идеи. Но, дури кога повеќето ќе престанат да гледаат само на она материјалното како нешто што е најважно, тогаш ќе можат и да напреднат и да растат и во знаење, и во плата, и во се останато.“ заклучува Ивана.
Читајте онлајн: www.Boksy.mk
Прочитај ги и останатите .мк стартап на месец приказни:
- Paket.mk – местото каде што одиш да пазариш без да носиш кеси
- AirCare по 120.000 долари инвестиција и TechStars менторство пивотираше во EarthCare.ai [стартап на месецот]
- Стартап на месецот: Братската врска позади Influencers Club и визијата за доминација на инфлуенсерскиот маркетинг
- Стартап на месецот: UpShift – стремеж да се постане најдобрата HRtech компанија во светот
- Microtica со инвестиција од 350.000 долари ќе го освојува DevOps пазарот [.мк стартап на месецот]
- Pixyle AI – стартап базиран на вештачка интелигенција доби инвестиција од 1 милион евра [.мк стартап на месецот]
- Македонската Airport Briefing ќе ја користат 10.000 пилоти на Lufthansa Group [.мк стартап на месецот]
- FitKit – доказ дека упорноста секогаш се исплати [.мк стартап на месецот]
- FinqUp – .мк fintech стартап со Робин худ идеологија и големи амбиции [.мк стартап на месецот]
- Концептива – тимот кој нуди револуција во HR едукација со Coach [стартап на месецот]
- Почетоците на Howitzer, .мк стартап кој доби инвестиција од пола милион долари [.mk стартап на месец]