Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот. AirCare беше прогласен за Стартап на месецот во мај, 2023 пред посетата на TechStars акцелераторот во Берлин а текстот го објавуваме сега поради неоправдани логистички причини за кои јавно се извинуваме на основачите. Статусот .мк Стартап на месецот го доделивме на AirCare. Но, по тромесечното искуство во TechStars, AirCare пивотираше во EarthCare.ai и статијата е ажурирана да го рефлектира тоа.
.мк стартап на месецот [мај, 2023]:
МојВоздух > AirCare > EarthCare.ai
МојВоздух е апликација која им е добро позната на сите граѓани кои сакаат да знаат што дишат, особено за време на зимските денови кога квалитетот на воздухот во македонските градови е од катастрофални размери. Апликацијата која буквално покрена протести и ја отвори темата за загадувањето во државата слободно може да ја наречеме најпопуларната македонска мобилна апликација со над 1 милион преземања. Во јули 2019-та МојВоздух, фокусиран на B2C сегментот, се ребрендираше во AirCare со цел полесен пласман на глобален пазар, проширувајќи се иницијално во околните балкански земји а потоа и низ светот, вклучувајќи ја и САД каде што се популаризираше за време на пожарите во Калифорнија.
Апликацијата има над 100.000 рецензии со 5 ѕвезди на App Store и Google Play, а за стартапот и нивната мисија имаат пишувано медиуми како Guardian, Associated Press, BBC, Forbes и многу други.
Основач е Горјан Јовановски, на кој подоцна како ко-основач ќе му се приклучи најверниот школски другар Драган Гелевски.
Во мај, во конкуренција со 700 други, AirCare стана дел од 12-те стартапи во овогодинешната генерација на TechStars – една од најреномираните стартап програми во светот – и присуствуваше на тримесечна посета во Берлин. А покрај менторството, TechStars во AirCare инвестираа и 120.000 US долари во pre-seed рунда.
Неколку факти за TechStars
1. TechStars е најголемиот pre-seed инвеститор во светот со портфолио од 3.700 стартапи вредно 98.4 милијарди US долари.2. TechStars е и организатор и иницијатор на Startup Weekend иницијативите.
3. TechStars во портфолиото има 20 компании кои се со статус на еднорози како Digital Ocean, TradingView, Zipline, SendGrid…
Благодарение на искуството во TechStars, AirCare пивотираше во EarthCare.ai.
Што е EarthCare.ai?
EarthCare нуди трансформирање на начинот на кој бизнисите пристапуваат до податоци за животната средина и климата што практично им дава поддршка при носењето на бизнис одлуки прилагодливи на климатските промени. EarthCare.ai нуди сопствени решенија за податоци од NASA, ESA, EPA, EEA и сл. во реално време, вклучува и историска анализа и подготовка на податочните сетови и за machine learning обработка, а сето тоа го нуди преку унифицирана климатска контролна табла.
Потребата за пивотирање во овој нов концепт кој се фокусира на B2B секторот доаѓа за време на престојот во Берлин и добиеното менторство, каде што заедно со едни од најбрилијантните умови во стартап светот, Горјан и Драган ги согледаа ограничувањата кои ги имаат со AirCare, или како што и самите велат:
“Согледавме дека имаме популарна апликација која нуди корисни податоци за загадувањето и им помага многу на луѓето. Корисниците ја обожаваат. Меѓутоа многу малку од нив се подготвени да платат за таква апликација и можностите за раст се ограничени.” – раскажува Горјан.
Додека будно ги следиме чекорите на EarthCare.ai и ги очекуваме нивните успеси, како и во секоја од стартап приказните кои ги раскажуваме во серијалот Стартап на месецот, ќе се осврнеме на основачите, нивната инспирација и поттикот (читај: лудоста) за влегување во стартап светот како и приказната за раните почетоци на бизнисот…
План за инженерска кариера од мали нозе…
Одлуката да стане ИТ инженер „кога ќе порасне“, Горјан Јовановски ја донел уште од школската клупа во основно, а сo програмирање ќе почне во 7-мо одделение кога листајќи го Ентер списанието ќе најде туторијал за Visual Basic. Концептот на практично учење преку туторијали совршено ќе се спои со неговата потреба од акција, љубопитност и креативност па во следните години ќе експериментира со куп алатки и веб проекти преку кои ќе ги усовршува своите инженерски способности – клучни за идниот развој на МојВоздух AirCare EarthCare. :)
Во своите средношколски денови Горјан ќе го реализира и својот прв „стартап“ – Кино.мк – агрегатор за кино проекции, а истовремено волонтерски ќе се приклучи и на Mozilla Foundation во напорите за промоција на Firefox како прелистувач во Македонија и на Балканот – само за потсетување дека во 2012-та, Firefox ја води битката да го тргне корпоративниот Internet Explorer од тронот.
Со сите овие Mozilla активности како делење на CD-а со Firefox на плоштадите во Скопје и Куманово, Горјан ја осознава моќта на делување преку заедница и колку таа е клучна за активна промена на едно општеството…
“Тоа со Mozilla траеше добри три години, сѐ до моментот на доаѓањето на Chrome на сцена. Кога излезе Chrome луѓето некако изгубија мотивација…” – се потсетува Горјан при нашиот разговор. “Имавме супер заедница на Балканот – MozBalkan, организиравме настани насекаде, конференции и куп други активности преку кои стекнав многу пријатели…”
Како благодарност од Mozilla фондацијата, негово име ќе се најде на споменик издигнат пред нивното седиште во Сан Франциско.
Со ургенции до Google Play и iOS верзија
За време на студиите на ФИНКИ (прва генерација), Горјан добива желба да изучи мобилно програмирање и отпочнува со нова серија туторијали на YouTube.
“Додека читав туторијали за мобилно програмирање бидејќи на факс тогаш немаше таков предмет, по грешка го пронајдов сајтот на Министерство за животна средина и си дадов предизвик да направам апликација којашто не е web view, и од тука започнав да чепкам по податоците кои МЗС ги нуди…” – споделува Горјан за како се создал случајно концептот за МојВоздух.
Претходното искуство со data scraping од Кино.мк се покажува како ептен корисно во тие моменти и во 2016-та година Горјан за само недела дена ќе ја спакува првата верзија од МојВоздух, визуелизирајќи ги податоците за аерозагадување кое ги нуди сајтот на Министерството на животна средина и апликацијата ќе ја објави на Play Store.
Но, за да може да го направи тоа, морал да ургира кај своите родители, бидејќи за Developers account на Play Store треба да се платат $25 со кредитна картичка која ја немал тогаш.
“Во тоа време немаше баш голема свесност за аерозагадување, имаше еден еко монитор поставен од Град Скопје кај споменикот на Мајка Тереза, но по првиот протест, уредот до ден денес е “на сервис”. При лансирање на првата верзија од Мој Воздух, не бев свесен дека имаме толку голем проблем – со другари романтизиравме дека Скопје мириса на Банско – бидејќи погрешно го толкувавме тој мирис на смог и горење на дрва и други работи.” – споделува Горјан.
По лансирањето на апликацијата, тој ќе продолжи да го работи проектот на страна, како свое хоби или како што вели самиот како активистички проект, без идеја дека ова еден ден ќе премине во сериозен бизнис.
Бидејќи тогаш знаел да куца само апликации за Android, МојВоздух била и достапна само за Android. А iOS верзијата ќе дојде дури по некое време кога Горјан ќе реши да побара помош од другар кој е iOS девелопер за да ја направи апликацијата достапна и за iPhone корисниците.
Зошто развој на две платформи кога постои Flutter
Иритиран од тоа што паралелно се развиваат две различни верзии за една иста апликација, кои поради тековните студентски обврски на двајцата девелопери не се синхронизирани, Горјан ќе си стави на својата агенда задача да пронајде решение на овој проблем… при истражување за како да го унифицира развојот, за време на конференција на Google во Мајами ќе се запознае со концептот на Flutter, кој ќе се покаже како правиот избор што ќе ја вози апликација до ден денес.
Инженер со силен активистички порив
Познавајќи го Горјан низ годините, очигледно е дека во носењето на скоро сите одлуки кај него доминира неговата желба за промена на статус кво состојбите и подобрување на општествените состојби во кои има интерес. Активистичкиот порив доминира кај овој ИТ инженер, нешто што е вистинска реткост во овој наш ИТ свет во кој повеќето знаат совршено да искуцаат на тастатура што е она што треба да се направи, а ретки се они кои ќе засукаат ракави и ќе се фатат тоа да го реализираат, особено во оној надворешен, вистински свет.
Силна уредничка претпоставка и верување е дека без овој активистички порив, присутен кај Горјан уште кога делел Firefox ЦД-а по плоштади, немаше да го имаме денешниот успех на овој стартап, кој пред сѐ е развиван за потребите на поддршка на општеството во битката со загадувањето, а не за остварување профит или лична корист. Природна реакција е ако некој од вас кои го читате ова каже дека Горјан е само позер на социјалните медиуми со цел промоција на апликацијата и заработка. Меѓутоа, реалноста за оние што го знаат е поинаква. Горјан е активист во вистинска смисла на зборот.
Тоа лесно се докажува преку неговиот активен удел во протестите за аерозагадување, со тоа што го одржувал Мој Воздух и кога не му носел ниту денар, преку хуманитарните акции каде што ги троши парите од премиум корисниците на AirCare…
За оние што не веруваат на зборови, во прилог неколку фотографии:
Тој активистички порив е истиот оној кој ќе го прелаже Горјан и да ја ко-основа коалицијата на екоактивисти Зелен Хуман Град и да стане советник во Град Скопје со цел да ослободи вело-патеки, да придонесе кон заштита на животна средина и да наметне системи за мониторинг. Тука сме согласни дека тешко ќе успее во таа идеја за време на оваа политичка анархија што владее, но ќе му дадеме кредит за трудот…
Две глави се помудри од една
При развојот на Мој Воздух, кој низ годините станува сѐ попопуларна апликација, Горјан ќе наиде на куп предизвици и проблеми кои варираат од DDoS напади кои ќе направат огромни сметки на AWS, проблеми со MySQL базата, политички препукувања дека апликацијата лажира податоци, одбирање на соодветен хостинг, решавање на багови, справување со нестабилни владини мерни станици па сѐ до развивањето модели за профитабилност и понатамошно скалирање…
Сите овие маки Горјан со цел да добие второ мислење, а и да си олесни на душата, ги споделува постојано со својот средношколски другар Драган Гелевски со кој четири години делеле клупа, а од кој многупати има и побарано логистичка и ИТ помош за Мој Воздух, особено за време на додипломските студии во Амстердам кога му требало некој во Скопје да трча за соработки и партнерства.
Таа потреба од дополнителна помош се интензивира кога Горјан оди на пракса во The Next Web, а уште повеќе кога се вработува во Booking во Амстердам.
Време за партнерство
Во 2020-та, AirCare ќе започне да генерира некаков приход преку реклами, доволно за Горјан да одлучи да го напушти Booking и да се пресели назад во Скопје со целосен фокус на овој бизнис. И тоа само неколку дена пред да се официјализира COVID-19 пандемијата во март.
“Работењето во Booking на почетокот беше супер – си го искачуваш корпоративното скалило сѐ до оној момент кога сфаќаш дека е токму тоа – корпоративно скалило и согледуваш дека имаш минимални можности за личен развој, треба да ги играш корпоративните игри, да се ‘тепаш’ за позиции и слични игри.. и си кажав тоа е тоа, искачам и ќе работам на Мој Воздух каде што се развија планови за ширење…” – Горјан говори за своето искуство во Booking каде што помина неколку години како front-end девелопер.
Во Скопје ќе добие покана од Seavus Accelerator да се приклучи во нивната стартап акцелераторска програма поддржана од ФИТР. Во тие моменти Горјан ќе одлучи да му понуди партнерски удел на Драган и тимски да продолжат во развојот на Мој Воздух…
Драган е човек кој слично на Горјан, од мали нозе го интересирало ИТ инженерството. Уште во прво одделение се има запознаено со Turbo Pascal каде што ги искуцал првите линии код во животот. Но поради ограничени финансиски можности морал да ја прекине класичната инженерска патека – студирање на ФИНКИ и пракси во ИТ компании – и да се вработи во фабрика. И тоа во фабрика за хемикалии бидејќи, како што вели Драган, со висок ризик на работа, доаѓаат и повисоки примања.
Во следните четири години ќе работи и паралелно ќе студира на академија во SEDC за програмирање, а по завршувањето, ќе се вработи како девелопер во iBorn. Околностите и карактерните особини на Драган кај него развиваат чувство за одговорност и сериозен пристап кон работите, нешто што ќе биде препознаено од SEDC кои по одредено време ќе го повикаат да биде и предавач и ментор на академијата.
“Со Горјан имаме многу доверба еден во друг, имаме соработувано и со Mozilla Foundation, имаме правено сајтови во средно и не сме луѓе што ќе го зезнат другиот. Знаеме дека заедно можеме многу работи да завршиме. Немало ситуација во која еден од нас го ставил другиот во ситуација која не е поволна. Тоа беше најпримамливата работа што ме натера да се приклучам на AirCare. Знаев дека нема да има ниту една секунда каде што ќе помислам дали е ова ОК за мене и дали Горјан мисли да ме зезне… сепак, компанија не се почнува со секого.” – споделува Драган запрашан зошто решил да го прифати предлогот.
Глобално ширење бара глобален брендинг
Едно од првите размислувања кое ова дуо ќе го направи е како да го променат името, бидејќи Мој Воздух не е соодветно име за проширување на глобален пазар. Откако ќе пропаднат експериментите со лансирање како The Air App – термин кој при пребарување на Google се губи во море од авио компании и е многу лоша идеја од SEO перспектива, по неколку итерации Горјан и Драган ќе се одлучат за AirCare.
Како прв пазар за лансирање надвор од Македонија ќе ја одберат Холандија. Но, овој чекор ќе го прогласат како грешка за многу кратко време бидејќи во Холандија нема загадување и луѓето немаат потреба од ваква апликација.
“Тоа беше смешно, лансиравме во Холандија и многу брзо ја тргнав бидејќи таму воздухот е чист. По ова, одлучивме да одиме во Србија како нов пазар.” – се смее Горјан.
Глобалното лансирање земја по земја го тераат дури ja посетуваат Seavus Accelerator програмата, која од нив не барала никакви удели, туку било пред-акцелераторска програма за потенцијална идна инвестиција. За време на оваа програма, дечките учат како да основаат фирма и да ги официјализираат работите, односно како да се подготват за инвестиција – која иако им била најавена од Seavus Accelerator, истата се нема остварено поради блокадата на средства што ФИТР ја наметнал во тоа време.
Ако падне, падне…
Во 2021-та доаѓа одлуката AirCare да се прошири и во САД, по целосно проширување низ Европа.
“Првиот нов пазар надвор од Европа беше зацртано да биде Америка. Имав голем страв дали ке издржи технологијата бидејќи се работи за многу податоци… и тој страв постана некако infinite loop. Од време на време стигаа мејлови од корисници кои бараа верзија и за во САД, но кога стигнаа повеќе такви мејлови во еден ден… едноставно одлучив: пуштаме, ако падне, падне…” – ја раскажува Горјан одлуката за ширење во САД.
Системите не паднале, а Горјан и Драган со овој потег ќе разберат дека анализа-парализа особено за стартап е многу опасна работа и ќе се охрабрат за поголеми предизвици. Да почекале малку повеќе, ќе го имаат пропуштено моментот на огромни пожари во Калифорнија, кои ги натерале луѓето да бараат апликации за загадување. Без потрошен денар за реклами, благодарение и на тоа што имаат добро оптимизирано име, AirCare доаѓа до бројка од 200.000 корисници во САД за краток период.
Кога Google ја брише AirCare… три пати!
За време на првите пандемски месеци, AirCare ќе го удоволи барањето на Министерство за здравство да помогнат во пренесување на бројките за COVID-19 заразени директно преку својата апликација.
Ова ќе се покаже како огромна грешка за Горјан и Драган…
Во екот на пандемијата, Google ќе се соочи со еден куп апликации кои ќе го искористат Covid за монетизација на своите апликации. Во паника да се справи со тоа, Google носи одлука сите апликации кои не се под регистриран државен акаунт а монетизираат, да ги отстрани од Google Play.
“Стигна мејл од Google дека ни е избришана апликацијата. Магично, некој стиснал копче и ни ја избришал апликацијата за која јас дадов отказ во Booking и одлучив да ја развивам. Огромна паника настана. Пуштивме dispute барање, меѓутоа немаше одговор…” – со очигледно нервозна реакција Горјан ги раскажува овие моменти. “Тука почнав да барам луѓе македонци по Google со цел да најдеме начин да се објасниме дека не правиме ништо погрешно, но сепак го тргнавме тоа со ковидот.”
Збунети од тоа како 6 годишен труд магично може да исчезнe од интернет, со многу маки наоѓаат решение. Дури и МИОА се вклучува во испраќање на барање до Google, со објаснување дека Владата го има побарано тоа од AirCare… Long story short, по две недели Google ја враќа апликацијата на Play Store а како спомен AirCare добива бројка на изгубени премиум корисници.
Овој кошмар ќе се повтори по два месеци, но вториов пат, Google не само што ќе ја избрише апликацијата, туку ќе го суспендира и целиот девелопер акаунт на Горјан поради “Previous Violations.”
“Уште еден шок. Ние ништо немаме сменето од претходното враќање, немаме ништо веќе со КОВИД и се случува ова. Кога побарав да ми дадат повеќе информации бидејќи реално со ова губиме премиум корисници, од Google креваа рамења и ми рекоа дека не можеле да ми кажат зошто се случило тоа.” – дополнува Горјан.
Верувале или не, процесот ќе се повтори уште еднаш – третпат и тоа пак по два месеци. Каде што поради несоодветни системи и интерни процедури на Google, апликацијата повторно ќе биде избришана и недостапна уште две недели. Уште една тура изгубени премиум корисници и гратис стрес.
По овие киксови на Google, AirCare ќе продолжи да работи во нормален мод без никаква поврзаност со Ковид бројките.
Што по TechStars и со $120,000?
Уште пред одењето во TechStars, Горјан и Драган во разговорот ни раскажуваа дека моделот на заработка од реклами и приходот од премиум претплатници има свои лимити и дека започнуваат да се префрлаат на B2B сегментот.
“B2C е OK и има стабилен приход, меѓутоа B2B е сегментот во кој сакаме да одиме и кој го гледаме дека ќе ни овозможи да растеме како фирма.” – споделува Горјан.
Во TechStars како што спомнавме, предизвикани од менторите, Горјан и Драган ќе го пивотираат B2B моделот на AirCare во EarthCare – без притоа да ја изгасат B2C апликацијата или да ја ребрендираат. AirCare останува достапна како и досега, меѓутоа фокусот на овие двајца ко-основачи се свртува целосно на B2B сегментот и наоѓање начини за монетизација на огромните податоци за климатските промени кои ги имаат.
А она што инвестицијата од $120,000 ќе им го овозможи е да оформат соодветна канцеларија и тим, и најважно ќе им овозможи одреден runway во кој ќе може да работат исклучиво на развој на EarthCare. Покрај Горјан кој е полно работно време посветен на ова, сега истото ќе го направи и Драган, кој до овој момент работел две работи…
@Горјан и @Драган, чекаме новости за големи успеси!
Дознајте повеќе за AirCare на: www.GetAirCare.com
Повеќе за EarthCare на: www.EarthCare.ai
Прочитај ги и останатите .мк стартап на месец приказни:
- Стартап на месецот: Братската врска позади Influencers Club и визијата за доминација на инфлуенсерскиот маркетинг
- Стартап на месецот: UpShift – стремеж да се постане најдобрата HRtech компанија во светот
- Microtica со инвестиција од 350.000 долари ќе го освојува DevOps пазарот [.мк стартап на месецот]
- Pixyle AI – стартап базиран на вештачка интелигенција доби инвестиција од 1 милион евра [.мк стартап на месецот]
- Македонската Airport Briefing ќе ја користат 10.000 пилоти на Lufthansa Group [.мк стартап на месецот]
- FitKit – доказ дека упорноста секогаш се исплати [.мк стартап на месецот]
- FinqUp – .мк fintech стартап со Робин худ идеологија и големи амбиции [.мк стартап на месецот]
- Концептива – тимот кој нуди револуција во HR едукација со Coach [стартап на месецот]
- Почетоците на Howitzer, .мк стартап кој доби инвестиција од пола милион долари [.mk стартап на месец]