Стартап на месецот: Paket.mk – местото каде што одиш да пазариш без да носиш кеси

Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот.

.мк стартап на месецот [октомври, 2023]:

Местото каде што одиш да пазариш без да носиш кеси – вака Драган Јосифовски би и го објаснил својот бизнис, стартапот Пакет.мк, на својата баба. Истовремено, она кон што Драган се стреми со Пакет.мк е нешто многу поголемо – а тоа е да ги промени потрошувачките навики за неделно пазарување кај македонските купувачи.

Како што објаснува Драган, во моментов целта на Пакет.мк е да постане вистинската алтернатива за она неделно пазарење на кое сите сме навикнати.

“Купувајќи онлајн, купувачите заштедуваат време, добиваат на удобност, ултимативно добиваат и финансиска корист, бидејќи времето е трошок, а преку онлајн пазарувањето купувачите можат да донесат и порационални одлуки,“ објаснува Драган, кој е основач и извршен директор на Пакет.мк.

Македонскиот стартап периодов е актуелен и по инвестицијата од 300 илјади евра од бугарскиот инвестициски фонд Eleven

Но како Пакет.мк доаѓа до моментот да добие ваква инвестицијата?

Инспирација најдена на улица

Идејата за бизнисот се развивала подолго време, а инспирацијата кај Драган доаѓа за време на неговото живеење во Лондон.

“Лондон беше градот каде што можеше да видиш е-трговија на улица – одиш по градот и гледаш десетици камиони на брендови како што се Tesco кои доставуваат намирници на купувачите. Тоа беше еден културен шок кој што те тера да помислиш зошто кај нас не постои ваков сервис.“ споделува Драган.

Дополнително, неговата допирна точка со е-трговијата е и од многу порано – преку правењето на аматерски веб-продавници базирани на теми преку кои го заработил својот прв џепарац. Тоа што било значајно за него во тој момент е всушност искуството коешто Драган ќе го стекне во тој период, кое ќе се покаже како клучно за отпочнување на сопствен бизнис. Како комбинација од сето ова доаѓа, во 2018 година се раѓа првичната идеја за Пакет.мк и многу набрзо првата верзија од продавницата, која Драган целосно сам ја има изработено, со мала помош од ИТ форумот каде што ја нашол скриптата за поврзување со Casys.

“Во Македонија 60 проценти од личниот доход во просек се троши на намирници, податоков беше и дополнителен сигнал дека ова е вистинската работа.  Друго, намирниците се добри за е-трговија бидејќи се случуваат репетитивно, а овој бизнис има висок коефициент на репетитивност.“ објаснува тој. 

На почетокот Драган добил доста симпатии и поддршка од луѓето околу него – а најголемите предрасуди и сомневања пак ги добил од, како што вели, оние што размислуваат како “просечниот македонски бизнисмен”. 

“Многу е тешко на некого да му објасниш дека ова го правиш за нешто што можеби ќе донесе пари за 5 или 10 години, и дека не правиш нешто што ќе ти донесе профит за две недели. Генерално отпорот доаѓаше од таквата средина.“ раскажува тој.

Од оперативен аспект пак, според Драган тука се проблемите од типот на пристапот до талент во делот на маркетинг, до луѓето со искуство, вештини и желбата да се биде дел од тим кој ќе ги смени потрошувачките навики во земјата.

Првата верзија на Paket.mk од 2018 година
Првата верзија на Paket.mk од 2018 година

Првата нарачка – две гајби пиво со 300 денари попуст

Првата верзија на Пакет.мк се базира на соработка со ланецот на маркети Зур преку која Драган ги обезбедува своите залихи, а првата трансакција доаѓа истиот ден кога сајтот ќе се пушти во продукција…

“Првата трансакција се случи истиот ден – дадов купон за прва нарачка и еден човек купи две гајби пиво со 300 денари попуст. Тоа беше разочарувачки, односно не беше баш идеалниот купувач како што јас го замислував. Следните трансакции беа од страна на семејството и пријателите, а после неколку такви почнаа да се јавуваат и вистинските купувачи,“ раскажува Драган. 

Тие вистински купувачи всушност го отпочнуваат и развојот на Пакет.мк – и како што вели Драган, за да се дојде до ова пред сѐ клучна била довербата од луѓето со кои што соработувал. Првите нарачки, како вистински стартап основач, ги доставува Драган.

“Јас ги правев првите достави бидејќи тоа е дел од процесот и учиш како да го оптимизираш и поставиш бизнисот. После една недела дојде и првиот доставувач, после неколку месеци и вториот, и така почна да се создава и останатиот дел од тимот.“

Сега, Пакет.мк работи со десетина доставувачи и има бројка од 6.000 активни корисници, а севкупно 16 илјади корисници од своето постоење и приходи од над милион евра.

Нормално, со растот доаѓаат и проблемите и предизвиците, а за Драган еден од најголемите проблеми што трае и денес е неможноста да се плаќа во готово – нешто што го бараат голем дел од корисниците. 

Технологијата како база за огромниот раст на компанијата

Низ годините Пакет.мк развива повеќе верзии на својот сајт, а во 2019-та тие се селат и во поголем магацин и обезбедуваат самостоен асортиман на производи. За време на КОВИД-19 пандемијата, пак, компанијата прави бум и постигнува раст од 400%.

“Сакам да користам технологија кога можам и каде можам, па дури и да не е толку исплатлива. Уште од првиот ден, првата нарачка беше доставена по истиот систем на достава како што е и сега. Воведовме WMS (Warehouse Management System) решенија кога имавме само по 20-тина нарачки дневно, кога и веројатно можеби немаше ни потреба од такво решение. Но секогаш сум го гледал бизнисот, дури и ако имаше само една нарачка, како да е голем бизнис.“ вели Драган.

Ваквиот пристап довел до тоа секој корисник да го добие ултимативното онлајн шопинг искуство – можноста да остави фидбек, да следи до каде е нарачката и слични други детали од CX кои што ги имаат големите светски бизниси. Според Драган, употребата на технологија на Пакет.мк му ја дало и можноста лесно и брзо да ги скалира своите операции.

“Скалирање во трговијата е многу тешка операција и многу малку бизниси успеваат лесно да скалираат поради тоа што како што растат бизнисите, така експоненцијално се зголемуваат и трошоците. Во нашиот случај ние се покажавме како бизнис кој може лесно да скалира, врз основа на одржување на задоволство на купувачите, одржување на квалитет итн. Таа технологија ние веќе ја имавме имплементирано и кога се случи експлозијата со КОВИД-19 регрутиравме поголема екипа и започнавме да ја користиме оваа технологија на вистински начин.“ споделува тој.

Во стартап ги делиш маките, а не профитот

После периодот на раст, Пакет.мк доживува и уште една трансформација, а тоа се должи на влегувањето на вториот основач во стартапот, Душко Јордановски. Како што раскажува Драган, запознавањето со ко-основачот Душко дошло доста случајно – преку заедничко учество на панел на конференцијата Pitch.Match.Grow на PwC само година дена пред здружувањето, но и како што и потоа се покажало и мошне природно. 

Драган Јосифовски и Душко Јордановски

“Имавме неколку состаноци и сфативме дека Душко може да ја донесе онаа вредност во Пакет.мк која што одамна ја барав. После неколку месеци остваривме и финансиска рунда, го формиравме технолошкиот тим и почнавме со она што го нарекувам Пакет 2.0.“ раскажува Драган. 

Според него, една од главните работи за успешен стартап е тој да има повеќе основачи, па така моментот кога Душко се приклучува кон тимот доаѓа како големо олеснување од технички аспект и пред сѐ помош во поглед на севкупното функционирање. 

“Функцијата на основачот е една многу тешка улога. И доколку не можеш да го поделиш тој притисок, тие главоболки, тие идеи со некој друг, на долг период тоа е доста тешко. Мене ова ми олесна бидејќи конечно имав некој со кого без ракавици можам да разговарам за сите проблеми, да се бараат решенија итн. Технички исто така беше доста од помош бидејќи дојде време кога требаше да фокусирам голем дел од моето внимание таму, па така ова ми беше од огромна помош бидејќи Душко има големо искуство со поставување на процеси, скалирање, растење на тимот, и слични аспекти од водење на стартап.“ раскажува Драган.

Тоа што двајцата имаат не само слични визии, туку и вредности, е голема предност за понатамошниот развој на Пакет.мк.

“Можеби имате различна визија во некој период од бизнисот, но ако имате слични вредности и отвореност кон нови идеи, визиите ќе се приближат и ќе се спојат во една визија која што ќе биде најдоброто решние во тој момент.“ вели Драган.

Во еден стартап екстремно лесно се прават грешки бидејќи работите некогаш се движат брзо, а кога се движите брзо лесно можете да отидете во погрешен правец, додава тој. Во тие моменти пак, она што е клучно е до тебе да имаш основач со кого ќе можеш да ги споделиш ваквите потешкотии и да изнајдеш соодветни решеинија. 

“Кога долго се движиш во погрешен правец можеби нема да имаш време да се вратиш назад. Па така таа корективна функција на партнерството и имањето на повеќе основачи е многу важна – тоа го сфатив и претходно така што воопшто немав предрасуди и едвај чекав да имам уште некој со кој заедно ќе го градиме бизнисот.“ 

Оставајќи ја конкуренцијата зад себе

Во изминатите години конкуренцијата за Пакет.мк доаѓа од големите маркети кои се присутни во Македонија и се обидуваат со сличен пристап да го освојат пазарот, пласирајќи своја онлајн продавница. Сепак, она што го охрабрува Драган е дека нивниот сопствен пристап е доста уникатен и дека истиот не може да биде реплициран од страна на останатите конкуренти. 

“Секогаш бев убеден дека останатите кои влегуваат на пазарот нема да бидат подобри од нас, бидејќи нема да го имаат тој фокус, нема да го имаат знаењето кое што го имаме ние, нема да ја имаат таа желба за успех. Сега нема толку конкуренти, бидејќи повеќето излегоа од пазарот.“ раскажува Драган.

Допочнително, во 2021-та, потпомогнати од страна на неколку ангели инвеститори, Пакет.мк започнува да развива и софтвер кој ќе помогне во скалирањето на растот во Македонија, но исто така на компанијата ќе и овозможи да добие вредност и во регионален контекст – односно нешто што ќе може да се реплицира и во други држави. 

Инвестицијата како катализатор

За ваквиот подвиг од огромна помош ќе биде и инвестицијата од Eleven, која што не е само финансиска, туку на Пакет.мк му дава и многу други можности. Бугарскиот инвестициски фонд во минатото има направено инвестиции во неколку регионални компании со висок раст како што се бугарските Payhawk, Gtmhub и Dronamics и има значително добра мрежа на контакти.

“Парите се еден аспект од инвестицијата, нормално е дека парите се потребни за секој стартап доколку сака да развие одредена индустрија – а ние ја развиваме оваа индустрија која што не постои во Македонија, и која ја создаваме преку менување на потрошувачките навики. Од друга страна, да се има инвеститор како Eleven значи да се има пристап до вредна мрежа на знаење и контакти. Тука се партнерите во Eleven и инвестициските тимови кои работат со компаниите и овој момент е навистина значаен за нас. Тука е мрежата на основачите кои се дел од таа фамилија и со кои можете да разменувате искуство, контакти, да ги споделувате проблемите, да наоѓате решенија, да ги споделувате сличните визии – сето тоа е инспиративно и дава мотивација за желба за дополнителен раст.“ потенцира Драган.

Развивај локално – делувај глобално

Кога станува збор за натамошниот развој на Пакет.мк, визијата на Драган е за ширење на активностите на стартапот зад границите на Македонија, пред сѐ поради тоа што локалниот пазар е мал и истовремено има големи ограничувања и проблеми.

“На македонскиот пазар присутни се проблемите како и во сите останати индустрии во земјата – пазарот не расте сам од себе, куповната моќ расте бавно, населението старее итн. Но од друга страна потрошувачките навики се менуваат и се имаат променето многу низ овие последни години.“ вели Драган.

Па така, за три години од сега, неговите очекувањата се дека Пакет.мк ќе биде присутен на уште најмалку три поголеми пазари во регионот. 

“Мислам дека сме некаде блиску до границата кога ќе се створи таа критична маса на луѓе коишто имаат развиени потрошувачки навики и ќе се создаде тој сноубол ефект каде што се повеќе и повеќе луѓе ќе купуваат онлајн. Дури и за една година од сега работите ќе бидат многу поразлични и ќе има многу повеќе купувачи кои ќе пазаруваат онлајн.“ заклучува Драган.


Пазарете онлајн: www.Paket.mk

Прочитај ги и останатите .мк стартап на месец приказни:

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments