Овој текст е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап кој е на пат кон успехот.
.мк стартап на месецот [август, 2023]:
UpShift е американскo-македонски стартап основан во 2016-та година чија примарна цел е да поврзува човечки ресурси со бизниси во САД.
Практично, Upshift преку својата платформа и дефинираните критериуми им овозможува на компаниите да огласат флексибилни, хонорарни работни позиции за кои е потребно физичко присуство а од друга страна на кандидатите им овозможува на лесен начин да дојдат до хонорарна работа која соодвестува со нивните способности.
Во своето седум годишно постоење, платформата за пронаоѓање работна сила на Upshift ја искористиле повеќе од 150.000 кандидати и над 1.600 бизниси во повеќе од 25 градови во САД, меѓу кои и познати корпорации како Hard Rock Hotel & Casino, American Airlines Arena, Kroger, Victoria’s Secret, SixFlags, InterContinental Hotels Group и други.
Стартапот има добиено 8.4 милиони долари инвестиции. Во seed инвестицискиот циклус во 2019 собраа 1.3 милиони од два инвеститори – Data Point Capital и Rev1 Venture, во 2020-та во Series A на постоечките инвеститори се приклучува и Indeed каде што Upshift добива уште 2.8 милиони долари, а во Series B во октомври, 2022-ра повторно во нова рунда се зајакнува со уште 4.3 милиони.
Основачи на компанијата се Александар Пантич, Никола Јордановски и Стив Аневски, кои преку интересни околности се имаат споено и ја имаат отпочнато оваа стартап авантура која денеска функционира со Александар и Стив на чело во оперативното седиште во САД, додека целиот развој и оддржување на техничкиот дел го предводи Никола во улога на CTO од Скопје.
Од пиво муабет до компанија
Надвор од алгоритмите и платформите се крие една подлабока приказна – приказна за човечката поврзаност, амбиција и стремеж кон претприемништво. Ова е интервју со еден од основачите на UpShift во која тој појаснува зошто UpShift е повеќе од само платформа за вработување…
За Upshift, сé започнува во 2015-та година, која што за некои не изгледа така многу одамна, но за Никола Јордановски тој почеток тогаш и последователните настани изгледаат светлосни години далеку со оглед на што сé се има случено во меѓувреме…
„Не само светлосни години, туку комплетно други времиња, друга култура, сé е друго од тогаш, но клучните вредности на компанијата и тие што сме – јас, Алекс и Стив – апсолутно сме истите од 2015-та. Имено, тројцата имавме друга компанија – Kinetic Solutions, која што многу славно-неславно заврши, но благодарение на истата се роди идејата за UpShift…„ – раскажува Никола.
За Никола, дипломиран инженер на ФИНКИ со претприемачки дух подготвен да ја зграби секоја шанса за успех – од продажба на лимонади во основно, продавање на есеи по социологија во средно до ко-основање на гејминг студио на факс и работа на work-and-travel во Америка – почетокот на Upshift е збир од клишеа.
На крај на 2014-та, на многу случаен начин, Никола се запознава со туристот Алекс во Кино Карпош во Скопје, каде што буквално после неколку пива, решаваат да отпочнат соработка, односно да основаат компанија за веб дизајн и развој. „50-50, let’s do this” бил договорот, а Алекс лета утредента назад за Америка и го отпочнува својот дел – пронаоѓање клиенти во САД, со примарен таргет македонска дијаспора.
Така се основа Kinetiq Solutions, компанијата која е клучна за првото поглавје на Upshift.
Клиентско-партнерски односи
Еден од првите клиенти во Kinetiq Solutions е Стив Аневски, сегашниот СЕО и ко-основач на Upshift, чијашто идеја и е имено овој стартап, а соработката отпочнала со тоа што Никола и Алекс му правеле сајтови за неговите тамошниот фамилијарен угостителски бизнис.
“Стив е македонец во Америка, ние сме македонска компанија тука, Алекс е од Србија…. наши сме и некако доаѓаме до реализација заедно да го тераме бизнисот. Стив воодушевен, се приклучува и купува удел во Kinetic Solutions, а јас и Алекс цели во прашалници реагираме со: Што? Некој сака да купи дел од компанија која прави веб страни за мали бизниси!?„ – додава Никола.
Стив како менаџер на повеќе спортски барови и ресторани постојано се соочува со потребата од луѓе за работа, особено на флексибилен кадар кој може да дојде да помогне при поголеми настани или прослави, а имањето удел во ИТ компанија ќе му го олесни патот за реализација на идејата што ја има. Па така, во не баш дефинирана улога на партнер-клиент, Стив со Kinetiq отпочнува реализација на платформата за наоѓање кадар тогаш наречена Pinch, која Никола и Алекс брзо ја преименуваат во Upshift, како што велат од причина што “не сакаш да гуглаш Pinch“.
“Стив е доволно стратешки паметен да знае дека ако го направи тоа [н.з. откуп на удел во Kinetiq] ќе има екипа за понатамошната идеја, а многу брзо потоа, неславно-славно или славно-неславно завршува Kinetiq Solutions.” – споделува Никола.
Бидејќи пронаоѓањето нови клиенти за развој на софтвер или веб сајтови не оди баш лесно за Kinetiq, дури ниту флаерите разделени по американски компании не помагаат, тимот сфаќа дека со Upshift имаат продукт кој има голем потенцијал.
“Со реализирање на проектот полека почнуваме да сфаќаме дека UpShift е нашата нова идеја и цел, додека паралелно го работиме софтверот ја разработуваме идејата, а истовремено Kinetiq Solutions преживува во некој формат. И додека Upshift отпочнува како само еден од проектите кој на страна ги работиме, многу брзо капираме дека треба да превземеме уште еден голем ризик.” – вели Никола.
R.I.P. Kinetiq, Hello UpShift
Како реприза од 2014-та година, во 2015-та Алекс пак лета назад за Америка и 24 часа подоцна отвара компанија со име Upshift, со што се наметнува потребата да се заборави Kinetiq и славно да се признае дека обидот за етаблирање на ИТ компанија од таков калибар не успеа…
„Обидот дефинитивно не успеа, треба исто така славно да се признае дека грешките ги научивме и дека ќе отвориме нова компанија, ќе почнеме нова стартап приказна која што ќе биде UpShift и дека ќе ја направиме овојпат на правилниот начин. Ако има правилен начин, а јас мислам дека нема… едноставно треба да почнеш.” – се потсетува на научените лекции Никола.
Додека во САД се формира Upshift и се поставуваат темелите за денешниот успех на овој стартап, почетоците не се баш сјајни, бидејќи немањето на иницијален капитал, неуспехот со Kinetiq значи дека тимот во Македонија кубури со финансии и опстојување преку работа на фриленс проекти, за да може буквално да се покријат месечните трошоци.
„Ние навистина имаме неколку филмски приказни, притоа мислам и на тоа дека не можевме ни доручек да си дозволиме во тоа време, па одевме во хотели на клиенти на free buffet, бидејќи секој цент беше битен да се вложи во UpShift и во приказната, за да можеме да стигнеме каде што сме сега.„ – додава Никола.
И тука се согледува разликата и пожртвуваноста, помеѓу тоа да се работи услужна дејност или да се работи на свој продукт.
„Сега многу родителски звучи ова, но сериозно на почетокот се чувствуваме како да имаме дете, имајќи во предвид дека ова е пред 7 години и најверојатно не знаевме ништо подобро освен овие клишеа што ги гледавме и читавме ама испадна дека ако си со вистинските цели мотивиран, тогаш стварно е така како што раскажуваат славно тие филмови, серии и книги”. – раскажува Никола.
Брз раст во индустрија која тежи милијарди
Upshift практично е spin-off кој целосно ја врти приказната и фокусот на целиот тим, а свесно или несвесно, ги вмешува и во една индустрија која во САД тежи милијарди долари, т.н. економија на тезги (англиски: gig economy).
Стартапот доаѓа до профитабилност во првите три години од своето постоење, секако чекорејќи како и секој стартап – по тежок, трнлив но возбудлив пат. Upshift примарно навлегува во лесните индустрии како угостителство, производство, дистрибуција, бидејќи потребата од обука и вештина во тие сектори е на минимално ниво.
Бизнис тимот во САД ги наоѓа клиентите и ги разработува физичките локации каде што всушност се врши регрутирањето и селекцијата на кандидатите преку тестови и интервјуа, а девелопмент тимот во Македонија комплетно ја развива платформата базирана на PHP (Laravel), AWS, ReactJS, како и React Native.
Кога Glassdoor и Indeed чукаат на врата
Благодарение на профитабилноста, конзистентноста и добра тимска структура, UpShift се појавува на радарот на едни од најзначајните компании во индустријата за регрутирање на кадар – јапонската Recruit Holding која е сопственик на сајтовите Indeed.com и Glassdoor.com. По неколку месечното меѓусебно кокетирање Recruit Holding инвестираат сума од 4 милиони долари во UpShift и отпочнуваат соработка.
„Аналогијата дека имаме дете, а со таа инвестиција сметајте дека тогаш детето го запишавме во средно училиште, бидејќи компанијата како таква, порасна многу брзо и време беше да стане посериозна.” – споделува Никола.
Инвестицијата од 4 милиони резултира во тектонска промена во компанијата што се случува во 2021-ва година. Од UpShift денеска говорат дека имаат причина на која се особено горди а е поврзана со инвестицијата. Тоа е задржување на голем удел од сопственичката струкутра на компанијата, кое останува до ден денес 89% на вработените во UpShift, што значи дека секој вработен има акции во компанијата, и покрај тоа што во стартапот има инвеститори, а бил дел од акцелераторска програма каде што морале да отстапат проценти.
Но мулти-милионска инвестиција од сериозна корпорација бара и сериозна структура и репортирање.
„Инвестицијата наметна нов стил на работа – од работи кои треба да ги кажеш до работи кои не смееш да ги кажеш, бидејќи интересот на инвеститорите е ставен на маса, кој едноставно гласи вака: Ви дадовме 4 милиони, сакаме да има правила на игра кои што не се толку нестандардни. И апсолутно, ова беше буквално стандардизирање на една инвестиција, но за нас беше и малку збунувачки… ние сме герила инженери, правиме сѐ како што треба, но од денес за утре. И така сфативме дека ова треба да се структуира, инкорпорира за да можеме да функционираме и растеме скалабилно напред. Притоа имајќи на ум дека вториот фонд кој што инвестираше во нас – Data Point Capital, или вака попластично да кажам на Леонардно ди Каприо фондот, беше еден од најголемите партнери во целиот раст што до ден денес го имаме и со кого соработуваме.” – вели Никола.
Пандемски предизвици и пад од 90%
Целиот вртоглав раст на Upshift, зајакнат со голема инвестиција од сериозни партнери се соочува со глобалниот предизвик: Covid-19 пандемијата, која за стартап кој заработува со тоа што поврзува луѓе да одат да работат за локални бизниси – всушност значи целосен застој на операцијата.
Имајќи на ум дека беше забрането движење во Америка, како и во Македонија, буквално целиот бизнис во рок од 24 часа паѓа за 90 и нешто проценти.
„Благодарение на разумноста на инвеститорите, сето тоа беше без никакви драми. Бордот на директори кажа ОК, ова е проблемот со кој што се соочуваме. Но, имаме концепт…па така во 2021 отворивме нова компанија Pure Tech, зошто сфативме дека имаме голема инфраструктура кај што продаваме, па истите тие луѓе од индустриите како хотелиерство, фабрики, центри за испорака и слично, сега треба некој да ги чисти и дезинфицира. Стапивме во контакт со една британска компанија, нарачавме контејнери од производи и на истите овие бизниси почнавме да им продаваме такви услуги, со тоа што праќавме луѓе но и продававме препрати за дезинфекција.” – се присетува Никола на предизвикувачките денови.
На овој начин, UpShift реализираше пандемски пивот со цел да избегне целосен колапс, а потегот и успеа на компанијата да ја преживее пандемијата. Ова зборува и за фактот дека во стартап светот некогаш е потребно да се донесат драстични одлуки со голем ризик со цел да се премости одредена криза. Но и за духот на претприемништво кој што можеби тогаш во тој критичен миг на пандемија беше погласен од самиот UpShift. Она што фасцинира е што новата компанија Pure Tech, родена од нужда, потоа славно е продадена.
„Сакаме да останеме верни на тој претприемачки дух внатре во компанијата. На тим на кој ќе им се раѓаат само нови идеи, тим кој ќе наоѓа нови проблеми и ќе наоѓа уште подобри решенија за тие нови проблеми. Инсистирам на тоа компанијата да го одржува тој отворен дијалог, каде што може цело време да тврдиме дека може да се подобриме за овие фактори или едноставно имаме нова бизнис линија која што можеме да ја искористиме со сегашнава инфраструктура. Претприемачкиот дух и реченица ‘ах ова ние го правиме цело време вака’ не одат една со друга”
Ова покажува дека зад UpShift е тим кој е подготвен да иновира постојано. Тим кој се држи верно на тоа што ги прави посебни, а тоа е дека се група од луѓе кои што обожаваат да решаваат проблеми. Дали тоа се проблемите со кои што продуктот се соочува или има увид дека може поинаку да резултира со некое друго решение, небитно…. тие се континуирано на висока вибрација да се мисли проактивно.
„Комфорт зоната е еден од најголемите непријатели кога станува збор за растење на компанија или да речеме, ОК имаме позитивен прогрес од 2%, 3%, да влеземе во некој комодитет каде што денот ќе ни биде едноставно полежерен со мисла е сега ни е време да се одмориме, е една од полошите работи што може на една компанија да се случи. Цело време треба да бидеме на прсти за да може да пробаме да скокнеме што повеќе…”
Квалитетот на прво место
Оваа компанија има и внатрешен систем на јасна комуникација и оддржување на ниво на квалитет. Техничките тимови работат со реални рокови, без притисоци, во атмосфера во која е цел да се дадат добри резултати и е најважен квалитетот. Центрите за регрутирање го следат истиот тој стил – со ригорозна селекција на кандидати и тестирање, со цел да може да понудат на бизнисите кадар кој е соодветен за позицијата.
„Можеби дел од културата на тројцата основачи е да сме ригорозни самите со себеси, па некако тоа се транзитираше и во начинот на кој што ги бираме UpShift-ерите, или луѓето кои што работат на платформата, а тоа се следните неколку процеси. Едниот треба да се направи некој квиз, онлајн, каде што има банални прашања, но не и толку банални прашања- од типот дали би пиел пиво на работа? Тој тест го поминуваат само 18%. Потоа, имаме лично проверување на веродостојноста на човекот што стои позади тие документи или во превод мора физички кандидатот да дојде во една од нашите канцеларии низ САД. Потоа добива кориснично име и лозинка за да може да ја користи апликацијата, значи не може вие да се регистрирате на платформата и веднаш да почнете да ја користите. Третиот чекор е тие позадински проверки што ги правиме со ФБИ преку платформата Checker, проверуваме по матичен број дали е во некаква форма кривично или правно гонет… и тие ги одбиваме веднаш. После имаме тестови за користење на дрога и наркотици и слично, така цело време има некој филтер, некое сито, кое што не носи до само квалитетни корисници.”
UpShift-ерите работат од пакување на продукти, до носење од едно место на друго, од возење на виљушкар, до чистење на простори, од внесување на податоци во Excel табели до пософистицирани административни операции. Најчесто во големи корпорации на кои им требаат, може и само еден, но фрекфентно вработен човек, до стотици дневно.
Денес во компанијата работат 122 вработени, со примарна канцеларија во Скопје но и распространети низ целиот свет, почнувајќи од Бали, Турција, Полска, Португалија, Јужна Африка, до Египет, Пакистан, Велика Британија и САД се разбира.
Што ако…
Никола во повеќе наврати зборува колку влијаел неговиот престој во САД за да го зајакне тој претприемачки дух…
„Првото патување во САД ми беше со Ј1 програмата, каде што имав огромна среќа да добијам пракса како програмер, во ресортот каде што работевме, да ги контролирам саатите кои што ги внесуваат вработените. Менаџерот, кој што ми беше имено и првиот менаџер во мојот живот, на мои 19 години, ме научи многу работи. Однесување на состаноци, однесување со клиенти, тогаш во ресортот научив многу како треба да се однесуваш со почит, како клиентот е секогаш во право и слични некои мали, мали работи кои што понатаму, кога се вратив тука и со Kinetiqсфатив дека истото можам да го имплементирам како услуга при правење на веб страните. При градењето на UpShift веќе бев опкружен со луѓе коишто имаат успеано во неколку свои компании. Тоа опкружување гледајќи како тие функционираат за да прогресираат во нивната компанија, во професионален и личен живот, ми беше толку многу мотивирачки што едноставно решив дека нема да излезам од тој начин на размислување и ќе го донесам тука со мене и во Скопје. Таа трка кон што подобро, таа трка кон тоа дека никој не ти должи ништо, никој нема зошто да ти даде нешто и многу битно, да не се преокупирам што кажал некој, или еј види некој го направи ова, некој го направи она, туку да гледам јас што можам да направам бидејќи е многу лесно да се критикува на празно, а многу е тешко да седнеш да направиш нешто, кај мене станаа начин на живот. И тој начин на размислување имав среќа да го стекнам многу рано, во тие почетни години.”
Што ќе се случеше, ако Никола не се појавеше на таа пијачка со Стив?
Што ако разочарувањето со Kinetic завршеше со став дека не вреди нов обид во претприемништво?
Што ако… што ако….
Искористувањето на дадените шансите е клучна перцепцијата на еден претрпиемач. Никола има една мантра во која верува, а тоа е што секој си ја креира својата среќа преку секојдневните одлуки.
„Некаде прочитав дека има четири типа на среќа. Едниот тип беше… доволно долго си во кутијата за да евентуално се удриш од ќошот, така да ако mindset-от ти е тебе дека доволно добро ќе ја играм играва, додека не го најдам тоа кое што можеби ќе ме донесе до овде. И верување во истото. И давање шанса од типот ќе одам на пиво со Алекс и изјавување, дека утре ќе отвориме компанија заедно.”
UpShift е успешен американско-македонски стартап чија идеја според основачите не е ни 10% реализирана. Нивната прва сетирана цел, таму назад во 2016, дека ќе бидат најголемата компанија за човечки ресурси во економијата на зделки, по нивната дефиницијата “The largest HR tech company in the world” сѐ уште е на агенда…
Дознајте повеќе за платформата на: https://upshift.work
Прочитај ги и останатите .мк стартап на месец приказни:
- Microtica со инвестиција од 350.000 долари ќе го освојува DevOps пазарот [.мк стартап на месецот]
- Pixyle AI – стартап базиран на вештачка интелигенција доби инвестиција од 1 милион евра [.мк стартап на месецот]
- Македонската Airport Briefing ќе ја користат 10.000 пилоти на Lufthansa Group [.мк стартап на месецот]
- FitKit – доказ дека упорноста секогаш се исплати [.мк стартап на месецот]
- FinqUp – .мк fintech стартап со Робин худ идеологија и големи амбиции [.мк стартап на месецот]
- Концептива – тимот кој нуди револуција во HR едукација со Coach [стартап на месецот]
- Почетоците на Howitzer, .мк стартап кој доби инвестиција од пола милион долари [.mk стартап на месец]