Нема ништо лошо во сеење апсолутен хаос, особено кога тоа се прави со стил. Ако некој верува во ова, тоа е развојното студио ORYgames. Со нивната игра, Aether, девелоперите се трудат да прикажат вртоглава bullet hell акција во цела ретро-инспирирана слава.
Позајмувајќи трик-два од Risk of Rain и, можеби, Wizard of Legend, Aether повеќе се фокусира на делот со акцијата. Наместо оружја, ликот со кој играте влече од деструктивната моќ на елементите и сее смрт со манипулација на огин, лед, вода, метал, и уште четири други елементи.
Aether е игра со едноставни механики кои се тешки за совладување. Како што е карактеристично за roguelike жанрот, секој ран го започнувате на една мапа и давате сѐ од себе да издржите што е можно повеќе. Во зависност од избраниот елемент, вашиот лик има еден основен напад. Што повеќе напаѓате и убивате суштества – толку повеќе искуствени поени собирате. Кога ќе соберете доволно, поените ги инвестирате и во полнење на вашето здравље и во отклучување дополнителни магии.

Како за почеток, ние го избравме елементот огин и по стандардното фрлање огнени топки, можевме да инвестираме поени во фрлање огнен метеор, поставување огнени столбови, активирање разорна експлозија во нашата близина, и слично. Покрај стандардни непријатели, во секој свет, односно мапа, имате најразлични светилишта.

Со активирање на светилиштата, го повикувате мини-босот кој, доколку го уништите, ќе ви понуди да изберете едно од три понудени надградби (како поголеми шанси за критички погодоци, поголема брзина, повеќе искуство, почесто активирање на магиите, и слично). Овие способности, како и магиите кои ги отклучувате се активни само за ранот во кој се наоѓате и подразбирливо, потребно е да почнете од нула, доколку бидете убиени.

Во наредниот свет ќе можете да се префрлите само доколку го најдете главното светилиште. Откако ќе го повикате и уништите босот кој е клучен за мапата, ќе се отвори портал и ќе можете да се префрлите во друг свет. Графиката можеби е едноставна, но плени со уникатните светови, солидните анимации и респонзивноста со елементите. Непријателите се разнолики, имаат различни шеми на движење и арсенал од предизвикувачки напади.

Покрај напаѓање на непријателите, ќе можете и да избегнувате напади – механика која е клучна доколку сакате да издржите подолго. Во вашата мисија, ќе ве охрабрува и динамичната музичка подлога која се одликува со препознатливи ретро-инспирирани тонови. Но, порано или подоцна ќе морате да се вратите во хабот. Таму, ќе можете да ги потрошите вашите тешко-спечалени фрагменти за отклучување некој нов елемент и започнување нов ран со нови напади, магии и способности. Звучи познато, нели?

Aether е во раниот пристап на Steam и чини само 300 денари, но, доколку и понатаму не сте сигурни дали е ова игра за вас, ве покануваме да го проверите демото и да се подружите во Survival режимот кој ги отклучува сите 8 елементи и нуди над 42 вештини, над 20 различни непријатели и над 80 реликти низ три уникатни мапи.

Во случај да ја купите играта, ќе ви биде отклучен и режимот Ascension, бројните босови, како и дополнителни вештини, ефекти, реликти и мапи. Девелопетите работат и на Siege режимот кој е еден вид tower-defense, како и на PvP режим преку кој можете да си ги тестирате вашите сили (и рефлекси!) против вашите пријатели. Кога сме кај ова, важно ни е да потенцираме дека Aether е целосна co-op игра и силно се охрабрува играње со уште 1 до 3 други пријатели (забавата со други лица е на значително повисоко ниво, но нема да ви е здодевно ни доколку навлезете во играта сами).



ORYgames ќе работи на играта од 6 до 12 месеци. Цената на финалниот продукт ќе биде повисока.
Повеќе детали за играта
- Произведува: ORYgames
- Издава: ORYgames
- Жанр: Action Roguelike, Bullet Hell, Hack and Slash, 2D
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 14 ноември 2023







