Македонскиот FACTUM AI направи дигитален адвокат со кој сака да ја освои Европа 

0 коментари 8 мин. читање

Правото не е професија во која промените се случуваат преку ноќ. Адвокатите, судиите и правните служби со децении се потпираат на слични работни процеси: пребарување закони, читање судски одлуки, проверување правни толкувања и поминување часови во подготовка на документи. Вештачката интелигенција (ВИ), пак, сега ветува дека значителен дел од оваа работа може да се заврши за неколку минути.

Но, постои еден проблем. Во правото, погрешен одговор не е само непријатност, бидејќи тој може да значи изгубен судски спор, финансиска штета или сериозни последици за клиентот.

Па така, македонскиот стартап FACTUM AI се позиционира токму на пресекот помеѓу можностите на вештачката интелигенција и специфичните барања на правната професија. Компанијата веќе четири години ја развива истоимената платформа, која им овозможува на правниците да пребаруваат законодавство, судска пракса и сопствени документи, да добиваат одговори со конкретни правни референци и да генерираат документи приспособени на нивните потреби.

Но она што во 2022-та година започна како алатка за адвокати, денес прераснува во пошироко решение за компании од финансискиот, осигурителниот и други регулирани сектори. А амбицијата веќе не е само да се освои домашниот пазар, туку да се најде место и во европската LegalTech индустрија.

КОВИД пандемијата го носи првиот производ 

Приказната на FACTUM AI започнува за време на пандемијата на КОВИД-19, кога двајца од основачите на компанијата, Димитар Чуковски и Петар Димовски, работат на решение што треба да им помогне на адвокатите да ги наплаќаат своите консултантски услуги.

Првичниот производ, сепак, не се продавал како што очекувале. „Имавме голема желба за стартап, а ВИ не беше сè уште добро развиена, но идејата беше таа ВИ да може да има увид во документите на правниците и да им ги олесни работите“, објаснува Чуковски.

Потоа, оваа првична идеја прераснува во градење на производ кој ќе им овозможи на правниците полесно да управуваат со својата работа, а во подоцнежна фаза и да користат вештачка интелигенција за анализа на сопствената документација.

Тимот потоа почнува да внесува закони и да експериментира со можностите на технологијата. Во развојот се вклучува и третиот основач Методиј Ристоманов, правник кој подоцна станува задолжен за правната експертиза и усогласеноста со регулативите.

Тимот на FACTUM

Токму неговата реакција им дала дополнителна потврда дека идејата има потенцијал. „Имавме некои останати пари, некои 5-6 илјади евра од еден претходен грант со кои вложивме во тој ВИ и едноставно на мускули го истуркавме целиот продукт“, вели Чуковски.

Развојот не бил лесен. Пазарот почнал да се менува, се појавувале нови конкуренти, а интересот за генеративната вештачка интелигенција растел. Во еден момент забележале дека и други компании почнуваат да развиваат слични функционалности.

Но, наместо да го гледаат тоа исклучиво како закана, конкуренцијата им послужила како поттик. „Конкуренцијата не е секогаш лоша работа, бидејќи тоа нè мотивираше да излеземе на пазарот, а ако немавме конкуренција можеби уште ќе го правевме продуктот“, потенцира Чуковски.

По околу една година развој, FACTUM AI официјално е лансиран во Македонија во 2024 година, а следната година компанијата почнува да го освојува и српскиот пазар.

Правен приправник со положен правосуден испит

Најголемиот предизвик за тимот не бил само да направи ВИ модел што може да одговара на правни прашања, туку да создаде систем на кој правниците ќе можат да му веруваат.

Генеративните модели имаат познат проблем со халуцинациите, односно способноста да произведуваат уверливи, но неточни информации. Во правото, ова е особено сериозен недостаток. FACTUM AI затоа е развиван како специјализирана платформа, обучена за работа со законодавство и правни извори, наместо како обичен четбот кој се потпира на општо знаење.

„Најголем предизвик на почетокот беше халуцинацијата на ВИ моделите кога најчесто се користеа за правно истражување. Мислам дека со самото тоа што успеавме алатката секогаш да биде проверлива и со релевантни извори, да прочита закони, извлече релевантни членови итн, беше успех“, објаснува Ристоманов.

Во разговорот, тимот ја опишува платформата прилично едноставно: како правен приправник кој веќе го положил правосудниот испит. „FACTUM е всушност приправник со положен правосуден испит, на кратко така би го опишале“, додава тој.

Тоа е интересна споредба, бидејќи ја поставува технологијата во улога на помошник, а не на замена за адвокатот. Таа може да го забрза пребарувањето, да ги организира информациите и да подготви првична верзија на документ, но одговорноста за правната процена и конечната одлука останува кај човекот.

Според Ристоманов, првичната идеја била FACTUM да биде наменет исклучиво за адвокатската професија. Но, со текот на времето станало јасно дека потребата од ваква алатка е многу поширока.

„Апсолутно секоја компанија, особено оние што се со порегулирани дејности, на пример фармација, градежништво, инженерски фирми, банки, осигурителни компании итн., или во најмала рака има HR сектор, си наоѓа некаква примена“, објаснува Ристоманов.

Имајќи го ова предвид, производот почнал да се позиционира и како решение за интерни правни служби, компании и институции. Денес, околу 60 проценти од корисниците доаѓаат од правниот сектор, додека останатите се од други индустрии.

Амбиција за глобална експанзија

Зад развојот на производот стои и прилично брза деловна еволуција. Во октомври 2024 година, компанијата имала годишен повторлив приход (ARR) од околу 7.000 евра. Следната година оваа бројка достигнала 100.000 евра, додека за 2026 година целта е приближување до 400.000 евра ARR.

Според основачите, во последните 12 месеци компанијата остварила трикратен раст на приходите во Македонија и Србија, и во моментов има повеќе од 400 клиенти кои плаќаат за услугата.

Растот донел и промена во начинот на кој функционира компанијата. Ако во почетокот основачите морале да бидат директно вклучени во речиси секоја активност, денес тимот брои околу 15 луѓе во Македонија и Србија.

Во јануари годинава компанијата пораснала од четири на околу десет вработени во Македонија, што било првата сериозна фаза на организациско проширување. Васко Карангелески, кој на тимот му се приклучува на почетокот на 2026-та како Chief Revenue Officer, помага во воспоставувањето на посериозна продажна структура.

Неговото приклучување кон тимот се случува во период кога компанијата веќе почнала да размислува за Србија како следен пазар. „Не беше само продажбата, во јануари отидовме од четири на десетина луѓе во Македонија, и тоа беше првата фаза, ги поставивме системите, и сега имаме мерливост, имаме анализа на податоци, дисциплина во работењето“, објаснува Карангелески.

Оваа промена можеби не звучи толку возбудливо како развојот на нова ВИ функционалност, но е една од најважните фази за секој стартап. Да се направи добар производ е едно, а да се создаде компанија што може да го продава, поддржува и развива без основачите постојано да интервенираат е сосема друга работа, потенцираат и самите основачи.

„Градењето на продуктот беше оној убав период, меден месец на некој начин, а потоа учиш како да го избуткаш, учиш право, програмирање итн., да менаџираш со тимот, учиш да работиш со минимални ресурси“, се присетува Ристоманов.

Македонија како добар почеток, но и ограничување

Следниот предизвик е експанзијата. FACTUM AI веќе работи на два пазара, Македонија и Србија, но излезот на европскиот пазар носи сосема поинакви правила на игра.

Правниот софтвер е особено сложен за интернационализација. За разлика од многу други SaaS производи, каде што основната функционалност може релативно лесно да се пренесе од една земја во друга, правната технологија бара детална локализација.

Законите, судските системи, регулативите и правната терминологија се различни. Компанијата наведува дека платформата веќе опфаќа 28 легислативи, што е дел од стратегијата за пошироко географско присуство.

„Правниот сектор е попредизвикувачки отколку другите бидејќи системите се различни, потребна е локализација за сето тоа и доста се помачивме за да ова биде една сеопфатна правна алатка во тек со развитокот на дигиталното доба“, објаснува Ристоманов.

Но, покрај технологијата и локализацијата, постојат и многу попрактични проблеми. Еден од нив е наплатата. Како компанија регистрирана во Македонија, FACTUM AI се соочува со ограничувања при интеграцијата на глобалните платежни решенија.

„Наплатата ни е најголем проблем, ако можевме со Stripe или нешто друго ќе беше одлично. Само поради тоа што сме од Македонија има големо влијание, и само ако го имавме овој проблем решен ќе беше многу поинаку“, вели Чуковски.

Ова е еден од оние проблеми кои ретко се појавуваат во презентациите за стартап екосистемот, но имаат директно влијание врз можноста на една компанија да расте надвор од домашниот пазар. Маркетингот во странство е поскап, конкуренцијата е поголема, а потенцијалните клиенти веќе имаат пристап до алатки развиени од компании со значително повеќе капитал.

Димитар Чуковски

Во LegalTech индустријата, имиња како Harvey и Legora покажуваат колку брзо се развива глобалниот пазар. FACTUM AI не може да се натпреварува со нив во поглед на инвестицискиот капитал, но се обидува да најде предност преку локалното знаење, специјализацијата и разбирањето на правните системи во регионот.

„Како самофинансирана компанија не можеме да вложуваме премногу, и целта ни е да го убедиме потенцијалниот клиент зошто нашиот продукт е подобар од тој на конкуренцијата или од тоа што веќе го користат“, потенцира Чуковски.

Инвестиција и освојување нови пазари

FACTUM AI сега се наоѓа во поинаква фаза од онаа во која бил пред две или три години. Производот е на пазарот, има база на клиенти, воспоставена е организациска структура и постојат мерливи резултати.

Следниот чекор е да се обезбеди инвестиција која ќе овозможи побрза експанзија и понатамошен развој. „Сега бараме инвестиција, да ги освоиме новите пазари и да продолжиме со продуктот“, вели Димовски.

Компанијата во изминатиот период поминала низ повеќе програми и иницијативи во домашниот стартап екосистем, меѓу кои Startup Weekend, ФИТР, Founder Games и Startup Revolution AI конференцијата. Од тимот велат дека овие искуства, но и препораките од постојните клиенти, им помогнале да го развијат производот и да стигнат до нови корисници.

FACTUM AI на Web Summit 2026

Посебно интересен е начинот на кој се менувал односот на адвокатите кон вештачката интелигенција. Во првите месеци, значителен дел од работата на тимот била едукација на потенцијалните клиенти. За некои адвокати, првата средба со генеративната ВИ воопшто била преку FACTUM.

Денес, според основачите, скептицизмот постепено се заменува со страв дека оние што не ја користат технологијата ќе заостанат зад конкуренцијата. Но, за FACTUM AI, најважната лекција од досегашниот развој можеби е дека добрата технологија не е доволна за успешен бизнис. „Научивме да менаџираме со луѓе, сè е предизвик, научивме дека продажбата е најбитна и дека тоа е основата на секој бизнис“, порачува Димовски.

Сега, пак, следува тестот што го чека секој стартап кој ќе успее да го надмине домашниот пазар, односно дали моделот што функционира во Македонија и Србија може да се повтори во многу поконкурентната европска средина.

Напишано од

Бојан е фриленс новинар кој повеќе од една деценија обработува теми од областите на технологијата и бизнис во земјите од Западниот Балкан. Неговите стории се објавувани во глобални медиуми како што се Foreign Policy, Wall Street Journal, ZDNet и Oxford Analytica.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед