Во време кога хартиените книги ги менуваме со дигитални, Boksy.mk е апликација која треба да го приближи читањето до најмладите. Бокси е мобилна апликација која содржи е-книги и аудио книги за деца, креирана од страна на тимот на ИТ компанијата ReThing и е поддржана од Фондот за Иновации – Стартапувај 3.
Иако апликацијата во Македонија е достапна од пред некоја недела, во Шведска Boksy постои веќе 2 години. Тимот зад развојот на шведската апликацијата е од Македонија, а со помош на желбата да го локализира успеа да пронајде начин како да го донесе продуктот и во нашата земја.
Идејата зад Boksy е освен да биде едукативна апликација, да биде платформа на која времето поминато пред екранот нема да биде залудно потрошено.
“Бокси има визија да стане платформа каде што семејствата ќе можат квалитетно да го поминат своето време кога се пред екраните. Со истражување и работа во ова поле веќе неколку години, знаеме дека децата сѐ помалку читаат. Тоа е драстично изразено по појавата на дигитализацијата. Најголемиот скок се случува по дигитализација на наставните програми во европските држави, па така дојдовме до идеја за Бокси”, вели Ивана Каралиева Петреска, ко-основач на Rething.
Цела библиотека на Boksy е достапна за 199 денари
Не е никакво изненадување што Boksy не е бесплатна апликација. За пристап до содржината е потребна месечна претплата од 199 денари. Со претплатата на корисниците им е овозможен пристап до целата библиотека. На платформата е достапнa и повеќе од доволно содржина да ја оправда претплатата, а креаторите веќе најавуваат дека нова содржина ќе биде додавана постојано.
За да ги мотивираат децата да читаат, креирана е своевидна гејмификација. Како што децата читаат, така собираат поени во самата апликација. Со тие поени, се натпреваруваат на лидерборд, по што следат награди кои се изненадувања. Поените може да се искористат и во Бокси шоп – каде што има аватари и други додатоци за нив. Тоа е уникатен дел за секој корисник и секој може да го персонализира аватарот по сопствена желба.
Секојдневно додаваме нови книги. Темпото и динамиката ќе зависи од издавачките куќи со кои соработуваме. За да биде оваа апликација успешна, ни требаат многу книги и затоа е многу важно колку брзо нашите издавачки куќи ќе се адаптираат и вклучат. Само за споредба, во Шведска имаме над 20.000 наслови во Boksy.se и соработуваме со скоро сите издавачки куќи. Меѓу насловите таму ги имаме и насловите на Дизни.
Додавањето на содржина секако е клучно за платформата, но и за сите слични апликации. Динамиката колку често или редовно се додава содржина ќе ги задржи, или ќе ги натера претплатниците да ја напуштат платформата. Креаторите на апликацијата барем засега се ревносни во додавањето на нови содржини. На македонските читатели им се достапни:
- „Светот на Биби“,
- повеќе забавни сликовници,
- авантуристички приказни,
- едукативни книги,
- басни,
- поучни четива од светот на животните,
- „Стела и Сани“,
- „Дневникот на едно шмокле“,
- „Ешка и Ешко“,
- „Јазовецот Итре“,
- „Мимбо Џимбо“
- и уште многу други книгички кои можат да се пролистаат на Бокси.
Дополнително нови книги се додаваат постојано, а динамиката во случајот не зависи исклучиво од тимот зад апликацијата.
Boksy треба да биде апликација во која ќе може да ужива целото семејство. Засега ова во некој степени и е овозможено. Сепак за иднина се најавени надградби кои ќе овозможат уште поголема заедничка интеракција.
“Во блиска иднина може да се очекуваат многу предизвици за читателите – колку повеќе ќе читаат толку повеќе награди ќе има. Исто така, работиме на тоа да обезбедиме содржина и за повозрасните, така што оваа апликација би била Netflix за книги – и родителите и децата ќе си имаат свој профил за да си ги читаат омилените книги.”
Апликацијата е достапна за преземање од App Store и Play Store и е компатибилна со паметни телефони и таблет компјутери.