Зошто да му пружите шанса на додатокот?
- Универзален систем на династии: Градење на семејно наследство со хиерархија во кој било свет.
- Политика и скандали: Од механики за изнудување, преку прикривање па се до забранети романси кои директно влијаат врз репутацијата на династијата.
- Носталгични семејства: Враќање на култните семејства Кап, Монти, Ландграб и Дример (ако сте ги играле првите игри тогаш точно знаете со кого си имате работа).
- Вештина за мечување: Нова активност која се користи за решавање конфликти – дуелите никогаш не биле позабавни.
- Тајни премини: Функционални градби кои служат за шпионирање, но и ново место за, ахем, WooHoo.
- Нова бизарна смрт: Смрт предизвикана од расипан часовник.
- Локален пазар: Нова парцела каде тргувате со ексклузивни предмети на маси за распродажба.
- Временски ограничен Grand Bundle: Доколку се купи пакетот до 15 март ги добивате и дополнителните колекции за чајанки и филмска мода.

Со своето дваесет и прво издание, The Sims 4 добива значајно проширување насловено како Royalty & Legacy. Содржајната експанзија ја збогатува основната симулација со сложени системи на политички интриги и управување со семејното наследство. Згора на тоа, добивате и дополнителни дигитални содржини кои ќе ви послужат или да организирате елегантни чајанки или пак да го привлекувате вниманието со мода која е директно инспирирана од класичната кинематографија. Благодарение на ова, Royalty & Legacy значително го менува секојдневието на вашите симс ликови и го пренасочува фокусот од обичните животни цели кон градење на моќни семејни лози и освојување на високи титули.

Крвтта не е вода
Најважното нешто од проширувањето Royalty & Legacy е системот на династии. Самиот систем е осмислен суштински да го менува начинот на кој управувате со семејствата. Имено, секој симс лик сега може да основа или да се приклучи на династија. Како дел од династијата, главната цел е одржување на заедништвото и градење на престиж преку посветеност кон специфични семејни вредности. Па така, улогата на глава на семејството носи сериозни одговорности и моќ, не како Спајдермен, туку како правото за избор на наследник или прогласување на одредени членови за отпадници и нивно прогласување за персона нон грата.
Меѓусведска интеграција на династиите
Една од најдобрите карактеристики на системот со династии е тоа што титулите и династиите не се ограничени само на новиот свет Ондарион. Напротив, вашите симс ликови можат да владеат и да го шират влијанието независно од местото во кое се наоѓаат. Но, доколку решите да пуштите корени во Ондарион, ќе наидете на преубаво и прекрасно дизајнирано место кое на прекрасен и автентичен начин ќе ви дозволи да ги реализирате вашите династиски амбиции. Апсолутно задоволство беше да се истражува секое делче од светот и да се пробаат сите активности кои ги има тука.

Игра на тронови?
Но ако мислевте дека единствените нови маки ќе ви бидат поврзани со семејното управување, тогаш почекајте да започнат борбите за статус преку новата кариера базирана на благородништвото. Крајната цел на кариерата е буквално освојување на испразнетиот трон на Ондарион. Таквото нешто воопшто нема да биде лесно бидејќи се бара внимателно балансирање помеѓу желбата да го освоите обичниот народ, но и да ја добиете поддршката од другите аристократи.
За да напредувате низ оваа кариерна скала, потребно е да излезете на крај со бројни ривали кои, за ваша среќа, можат да бидат отстранети преку политички притисок, лукаво разоткривање на нивните тајни или преку директни дуели. А, кога сме кај дуели, на располагање имате и целосно нова вештина која е баш за таа цел! Вештина за мечување активно се користи во овие конфликти и претставува клучен механизам за одбрана на сопствената чест и позиција.

Влијание од сенките
Приказната, односно наративот во Royalty & Legacy очигледно црпат голема инспирација од култните The Sims Medieval и The Sims 2. Враќањето на лорот за добро познатите семејства како Кап, Монти, Дример и Ландграб несомнено ќе разгорат силна носталгија, а и ќе го пополочат патот кон конплексна политичка сцена и интриги. Скандалите, кои произлегуваат од забранети романси или појава на тајни потомци, создаваат откачена драма која, како што напоменавме, директно влијае врз угледот на династијата. Оние кои сакаат да работат од сенките, пријатно ќе бидат изненадени и од новата аспирација Social Puppeteer. А социјалениот манипулатор одлично оди рака-под-рака со уште една механика поврзана со изнудување. Така да, доколку самите веќе не заклучивте, има што да се прави во Royalty & Legacy!

Во горните редови споменавме на кратко за новиот регион, а овојпат би сакале подлабоко да навлеземе во дизајнот на Ондарион и неговата импресивна естетика. Самиот свет е поделен на три различни населби – Дамбеле, Вердемар и Белакорде. Овие раскошни резиденции се збогатени со детални нови објекти како таписерии со семејни дрва и, секако, маѓепсани огледала. А, доколку уживате во економијата и истражувањето, воведен е новиот тип на парцела кој се води под името Community Market. Се работи за локален пазар каде што симсовците можат да ги користат новите маси за распродажба и да тргуваат со ексклузивни колекционерски предмети (како мечевите на Ондарион или новите видови риби). Во комфорот на вашиот дом, ќе можете да се опуштате и преку две нови радио станици, во зависност од тоа дали сте расположени за валцер или, пак, афробит.

До 15 март, ќе можете бесплатно да ги зграпчите и два дополнителните мини пакети. Од една страна, колекцијата наменета за солариум и чајанки нуди елегантни предмети кои овозможуваат организирање на префинети собири со деликатни сетови за чај. Од друга страна, модниот додаток инспириран од класичните филмови обезбедува соодветна гардероба од која ќе ви љубоморат сите комшии. Но, што е со предметите кои се клучен дел од експанзијата?

Какви изгледи и предмети ќе најдете во The Sims™ 4 Royalty & Legacy Grand Bundle?

The Sims™ 4 Royalty & Legacy Grand Bundle содржи над 510 нови предмети!
Она што ќе најдете е:
- Royalty & Legacy експанзијата (464 предмети): Главниот фокус на овој додаток вклучува 219 предмети за креирање и уредивање ликови. Покрај фризури и круни па се до аристократска облека, имате и 245 предмети за градење и уредување, со, подразбирливо, акцент на архитектура и мебел за градење палати.
- Regal Treasures дигитален додаток (3 предмети): Ексклузивна бонус содржина која вклучува круна, кукла за вежбање и фенер.
- Tea Time Solarium Kit (25 предмети): Пакет фокусиран на градење и уредување елегантни простории за чајанки, со големи прозорци, стаклени покриви и маси за банкети.
- Silver Screen Style Kit (25 предмети): Пакет за креирање ликови инспириран од класичниот холивудски гламур, вклучувајќи накит, елегантни чевли и винтиџ облека.

Со максимален фокус на кралското семејство и наследството, Royalty & Legacy претставува амбициозен чекор кон поструктуриран начин на играње во долгогодишниот The Sims 4. Интеграцијата на династиите, политичките борби и скандалите одлично се надоврзува на основните механики. Благодарение на ова, вие се здобивате со алатки за создавање сложени приказни од кои се цедат бројни интриги и предавства. Згора на ова, присуството на фантазиски елементи само додава дополнителна доза на шарм во целиот реалистичниот пристап кон менаџирањето на семејствата. Royalty & Legacy е проширување кое бара посветеност и стратешко планирање, но за возврат нуди богато, носталгично и слоевито искуство кое значително ја освежува играта.




Ве интeресира за претходните The Sims проширувања? Прочитајте преку нашиот серијал, Саботна симс средба:
- Дружење со домашни миленичиња!
- Летен островски живот!
- Живот низ годишни времиња!
- Снежно бегство
- Селски живот
- Дружба под туѓ кров
- Да се јава коњ е да се лета без крилја
- Развивање еколошка свест
- Паранормално дружење
- Роб на сопствената работа
- Џунгла на асфалт
- Забавување со стил
- Слава по секоја цена!
- Факултетски маки
- Растеме заедно
- Бегство во дигитална дивина
- Окултна социјализација со вампири и врколаци
- Авантура во џунгла

Повеќе детали за играта
- Произведува: Maxis
- Издава: Electronic Arts
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 06 март 2025







