Саботна симс средба #18: Окултна социјализација со вампири и врколаци

Што е саботна симс средба?

Неделна статија замислена да ја информира The Sims заедницата преку детално разгледување експанзии и бројни додатоци за култната симулација.

Преку критичка посвета на бројните новитетите поврзани со додатокот, ве известуваме за тоа што најдобро функционира во поглед на механиките и на какви сѐ работи би можеле да наидете за уредување на вашиот дом.

Моментно, The Sims 4 има 19 главни експанзии, 12 game пакети, и над 20 stuff пакети. Целта на оваа статија е заеднички да поминеме низ сите нив!

Претходните саботи разгледувавме:

Натприродна забава

Натприродните содржини во The Sims серијалот отсекогаш ни биле омилени. Паметиме колку бевме импресионирани од Makin Magic експанзијата за првата игра. Од тогаш наваму, секоја нова The Sims игра се раздлабочува со интересни натприродни елементи. Како најдолговечна игра, The Sims 4 има разработувано многу натприродни теми, но никогаш ги нема детално чепнато врколаците и вампирите. Овие два гејм пакови се замислени да ви дозволат да зачекорите во светот на натприродното, да одберете да сте тим Џејсон или тим Едвард и целосно да го разбудите животното во вашите симс ликови, независно од тоа дали се работи за волк или лилјак.


Пакетот Vampires беше објавен на 24 јануари 2017 година, додека Werewolves пристигна пет години подоцна, на 16 јуни 2022 година.

The Sims 4 VampiresThe Sims 4 Werewolves

Елеганција и проклетство во Заборавената Долина

Пакетот Vampires ве вовлечува во готска атмосфера, нудејќи ви можност да ги трансформирате вашите Симс ликови во бесмртни суштества на ноќта.

Алатката за создавање симс ликови добива значителни проширувања, овозможувајќи детално креирање на вампири – од бледа кожа и светкави очи до застрашувачки деформации на лицето. Клучна иновација е таканаречената темна форма, односно алтернативен изглед што вампирот го презема кога користи моќи или е разгневен. Покрај создавањето нови вампири, постоечките Симс ликови можат да бидат претворени преку каснување, по што следи транзициски период исполнет со негативни расположенија.

Највечатливиот новите кој се испорачува со овој пакет е системот поврзан со моќи и слабости, кој функционира како дрво на вештини. Како што напредувате во вампирскиот ранг, така вашите ликови отклучуваат натприродни способности како супер брзина, контрола на умот и трансформација во лилјак. За да се одржи балансот, секоја моќ бара избор на соодветна слабост. Се работи за интересни „слабости“ кои многумина нема ни да ги протолкуваат така. Имено, имате ранливост на сончева светлина, нетолеранција на лук или потреба за спиење исклучиво во ковчег – ваквото нешто само ви дозволува поверно да бидете вовлечени во лорот.

Потребите на вампирите, меѓутоа, се драстично изменети, што е подразбирливо. Гладот е заменет со жед за плазма, која се добива од други симс ликови или од специјални плазма овошја. Енергијата, пак, е заменета со вампирска енергија, која се троши со користење моќи и изложување на сонце. Вампирите се бесмртни, не стареат и се имуни на болести, но можат да умрат од несреќи или од целосно губење на енергија на сонце.

Пакетот го воведува новиот свет, Заборавената Долина – мрачно место обвиено во магла, со постојан самрак, идеално за вампирските жители. Атмосферата е визуелно впечатлива, но многу играчи не беа премногу импресионирани од ограничениот број на парцели и недостатокот на скриени локации и активности. Но, и покрај ова, светот одлично се надоврзува на лорот и пружа одлична локација за љубителите на вампирите.

Прифаќање на дивината во Мунвуд Мил

Додатокот Werewolves се одликува со фокус кон дива и примарна енергија, нудејќи ви можност да ја прифатат или, пак, да се борат со вашиот внатрешен ѕвер и неодоливиот повик на дивината.

За да ги направите вашите симс ликови фанови на месечината, имате на располагање повеќе патишта до ликантропија: создавање преку почетното мени, барање да бидете претворени од некој кој веќе е врколак, каснување од разбеснет врколак или раѓање во врколачко семејство. За пофалба е деталното уредување на врколаците, со што Create a Sim системот е значително раздлабочен, особено алатките за дизајнирање на крзното, кои овозможуваат слоевито боење и цртање, слично на системот за миленици од пакетот Cat and Dogs.

Волците со социјални животни и, како такви, можат да се приклучат на една од двете глутници. Од една страна, The Moonwood Collective се стремат кон хармонија и самоконтрола. Од друга, The Wildfangs ја слават својата и се гордеаат на нивната дива природа. Секоја глутница има своја хиерархија, правила и ривалства. Постои и можност да се биде и волк самотник, но припаѓање во една од глутниците е, спроед нас, подобрата опција. Пакетот е исклучително богат со лор, кој го откривате преку книги, истражување на тајни тунели и интеракција со жителите. Внимателно разработената митологија открива длабок историски конфликт меѓу врколаците, вампирите и волшебниците.

Новиот свет, Мунвуд Мил е поранешна индустриска населба со уникатна атмосфера. Иако има помалку парцели од заборавената долина, тој се чувствува многу пожив и поинтерактивен, со бројни скриени локации, подземни тунели кои нудат уникатни искуства и повеќе можности за истражување.

Клучна иновација кај врколаците е механиката поврзана со бесот. Имено, бесот се зголемува преку одредени дејства и е под влијание на темпераментите – пасивни особини кои го прават врколакот подложен на бес во специфични ситуации (на пр. кога е гладен или изложен на гласни звуци). Кога бесот ќе го достигне максимумот, врколакот неконтролирано беснее. Ваквото нешто е особено добро и забавно реализирано, поставувајќи темели за неколку интересни интеракции и неочекувани пресврти.

Werewolves доби исклучително позитивни критики и често се смета за еден од најдобрите гејм-пакети за The Sims 4. Пакетот се одликува со освежителна длабочината на играњето, деталното прилагодување, интерактивниот свет и богатата митологија.

Кога ќе се споредат двата пакета, се забележуваат јасни разлики. Во однос на длабочината на играњето, Vampires нуди статичен, но стратешки систем на моќи и слабости, додека Werewolves има динамичен систем на бес и темпераменти со подлабоко и понепредвидливо дрво на способности. Во дизајнот на светот, Заборавената Долина е визуелно впечатлива, но помалку интерактивна во споредба со Мунвуд Мил, кој иако е помал, нуди повеќе тајни и активности. Во поглед на прилагодувањето на ликовите, Werewolves дефинитивно се истакнува повеќе со алатките за крзно кои нудат повпечатлива контрола, додека Vampires ја има уникатната темна форма. Лорот е најсветлата точка во додатоците, откривајќи дека вампирите и врколаците имаат долга историја на конфликт, што се рефлектира во нивните инстинктивни негативни односи во играта, со вкоренет анимозитет од двете страни.

И двата пакета нудат извонредни и уникатни натприродни искуства, но се наменети за различни типови играчи. The Sims 4 Vempires е идеален избор за играчи кои ја сакаат класичната готска естетика и наративи, преферираат поконтролирано и стратешко управување со моќите и уживаат во создавање приказни за бесмртност, елеганција и проклетство. Од друга страна, The Sims 4 Werewolves е подобар избор за оние кои бараат подлабоки, покомплексни и подинамични механики на играње, уживаат во истражување на богата митологија и интерактивни светови и сакаат невидено ниво на прилагодување на изгледот на своето суштество.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Maxis
  • Издава: Electronic Arts
  • Жанр: симулација
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments