Nioh 3: Изострени сетила и инстантни одлуки во светот на сенките

во гејминг

Souls-like жанрот продолжува да пали и жари неуморно. Низ годиниве произлезе огромен број на крајно предизвикувачки игри кои ги ставаат сите гејмерски мазохисти на седмо небо. Но, за да самиот жанр разбие едно исто монотоно напредување, развојните студиа се континуирано се соочуваат со комплексниот предизвик да наметнат свежи концепти врз препознатливите основните механики. Најновиот амбициозен проект на јапонското студио Koei Tecmo е еден таков сериозен обид кој максимално се залага да го редефинира овој деликатен баланс. На сцената, Nioh 3 настапува како директен наративен наследник на претходните две игри, нудејќи впечатливо визуелно и техничко искуство кое ги надминува сите ограничувања кои беа препознатливи за серијалот. 

Благодарност до CD Media за отстапениот клуч за рецензијата

Патување низ малку поразлична историја

Дејството во Nioh 3 е сместено во еден од најпроблематичните периоди од јапонската историја. Во првата половина на седумнаесеттиот век, вие сте втурнати за време на проблематичен конфликт кој се заснова на политичките превирања и борбата за превласт. Како легитимен наследник на Токугава, инстантно станувате вовлечени во брутална семејна војна предизвикана од помалиот брат, чија опсесија за моќ го води кон фатален сојуз со натприродни, демонски сили.

За да се спасите од она што личи како сигурна смрт, ќе ја искористите скриената моќ за да патува наназад низ времето, трудејќи се, притоа, да ја спречите катастрофата која произлегува со масивен, брутален напад. Механиката на манипулација со времето е паметно искористена и ви овозможува длабинско истражување на неколку различни историски епохи. Благодарение на ова, кампањата ви овозможува интеракција со познати војсководци и митолошки интерпретации на реални историски личности. Но, наместо целосно линеарно напредување, пријатно ќе бидете изненадени и од значајна етичка дилема која ќе ви овозможи да ја одредите конечната судбина на главниот антагонист. Иако фокусот во Nioh 3 не е првенствено на приказната, она што го има е за пофалба и бројните меѓу-секвенци се трудат максимално да ве вовлечат во уникатниот свет. 

Истражување и светилишта

Што се однесува до самиот дизајн на околината, во тројката ќе забележите поширок, континуиран простор и значително поголема слобода на движење. Доколку не се плашите од често умирање и покажете висока истрајност и упорност, тогаш светот ќе ве награди со масивни, меѓусебно поврзани и квалитетно осмислени зони.

Наспроти што би можеле да помислите, не се жртвува препознатливата густина и опасност на непријателските средби туку само се создава чувство на органска транзиција помеѓу различните локации. Вo Nioh 3 строго се препорачува истражувањето на просторот околу вас. Таквото нешто е интимно поврзано со зајакнувањето на ликот, дозволувајќи ви да пронаоѓате различни скриени суштества и да решавате просторни загатки кои директно влијаат врз капацитетот на ресурсите за лекување и преживување.

Подразбирливо, светилиштата и понатаму функционираат како значајни точки за зачувување на напредувањето и брзото патување. Она што е поразлично во овој поглед е тоа што сега за да ги активирате често се бара да имате претходно направена целосна чистка од доминантните закани во областа. Така да, на вас се остава дали да избере алтернативни патеки за собирање подобра опрема пред повторно да се обидете да совладате одредена пречка.

Уникатна акција

Акцијата е, според многумина, најважниот аспект кај ваквите игри, а Nioh 3 има акциони механики кои апсолутно ќе ве воодушеват. Се работи за суштински реструктуриран двоен борбен систем кој немилосрдно бара ем координација и ем континуирано прилагодување. За да се извлечете од битките, потребно е да балансирате помеѓу самурајскиот и нинџа стилот. Преминот од едниот во другиот стил е инстантен и може да се менува во кој било момент за време на битките. Самурајскиот пристап се заснова на директна конфронтација, ригорозно управување со енергијата и нанесување масивна штета преку измерени удари кои, доколку правилно се темпираат, враќаат дел од издржливоста.

Наспроти ова, нинџа стилот жртвува дел од одбраната, но нуди исклучителна агилност и уникатна механика на избегнување преку илузии. Благодарение на илузиите кои се создаваат, се овозможува безбедно позиционирање зад непријателскиот грб. Но, слично на системот за враќање на енергијата кај самурајот, и илузиите кај нинџа стилот бараат брзи рефлекси и темпирање за да не се потроши енергијата од која максимално зависите. Како што може да забележите, се работи за исклучително комплексен систем кој е дизајниран да функционира само преку флуидна синергија на двата стила. Nioh 3 има фер, но стрмна крива на учење и не можете да напредувате ако не ги внимателно користите овие специфични предности.

Интензивни системи за ризик и награда

Од одредени специјални зони во Nioh 3 се цеди психолошки и тактички предизвик. Се работи за алтерирани зони каде правилата за преживување се драстично потешки. Доколку навлезете во овие димензии, непријателите добиваат енормни засилувања, а секој удар трајно го намалува максималниот капацитет на вашето здравје. Во овие ситуации, принудени сте да ја напуштите пасивната дефанзивна тактика и да применувате екстремно агресивен стил. Во спротивно, нема да можете да си го повратите здравјето.

Би можеле да се запрашате зошто, тогаш би сакале воопшто и да навлегувате во овие области. Покрај очигледниот предизвик, примарната цел во корумпираните области е физичко лоцирање и уништување на централните извори на демонската енергија. Успејте во ова, и ќе се здобиете со трајно зголемена моќ на духовите кои ве придружуваат. А, доколку навистина сакате да живеете опасно, би можеле да пробате да користите оружја кои се уникатни за зоните. Иако овие оружја се одликуваат со разорни вештини, истите бараат данок во крв и ви го намалуваат здравјето дури и при правење на најмалата грешка. Светот во Nioh 3 е преубав, но мора да заслужите доколку сакате да бидете во него. 

PS5 блаженство

Верзијата што ја тестиравме на PS5 Pro воодушевува со запрепастувачки добра техничка изведба, импресионирајќи со својата стабилност и визуелна острина. Вчитувањето на масивните околини е буквално инстантно; по секоја смрт, за секунда сте назад во акцијата, што е клучно за одржување на концентрацијата. Бидејќи Nioh 3 е игра базирана на обиди и грешки, елиминирањето на долгите екрани за вчитување значително помага да не го изгубите фокусот. Втора, исклучително важна карактеристика на оваа верзија е предноста што ја нуди самиот контролер. Дури и по толку години, DualSense на Sony останува вистински „game-changer“, додавајќи нов слој на физичка интеракција преку прецизните хаптички вибрации и адаптивниот отпор на копчињата при користење различни оружја.

Доколку поседувате слушалки што поддржуваат просторен звук, лесно и прецизно ќе ги лоцирате невидливите опасности. Акустичните сигнали се од витално значење во зоните со намалена видливост, а имплементираната технологија на PS5 драстично ја изострува способноста да го одредите правецот и оддалеченоста на противникот пред воопшто да го здогледате. За пофалба се и звучните ефекти во битките, кои служат како сигурни индикатори за успешно изведени потези. Очигледно е дека во Nioh 3 е посветено огромно внимание на овие детали, сè со цел да ви се овозможат совршени услови за носење инстантни одлуки во дел од секундата.

Свето тројство

Најновиот проект на Team Ninja е, без сомневање, значаен исчекор и фантастична еволуција во Souls-like жанрот. Преку извонредниот дизајн на околината и комплексниот борбен систем кој бара постојана адаптација, чедото на Koei Tecmo нуди длабоко искуство кое максимално ги наградува трпението, прецизноста и аналитичкиот пристап. Nioh 3 останува игра наменета само за најхрабрите – за оние кои се подготвени на постојан танц од обиди и грешки. Доколку на немилосрдната тежина и суровите механики гледате како на шанса за усовршување, тогаш несомнено ќе уживате во техничката супериорност и длабочината на системот за прогресија. Сите овие елементи го прават овој наслов извонредно остварување кое не само што го освежува, туку и целосно го редефинира жанрот.

Повеќе детали за играта

Оценка

  • Вкупна оценка: 8.7
  • Приказна: 8
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 8
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments