Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот.
.мк стартап на месецот [декември, 2023]:

Првичната идеја за Challenger била мошне едноставна – преку вежбање да се дојде до гратис пиво, и ова е концептот со кој тогашните ентузијасти, а денес претприемачи Стефан Алексиќ и Теодора Чижбаноска одат на Startup Weekend 2018 во Скопје. Таму тие го освојуваат третото место за проектот кој потоа прераснува во нешто многу поголемо.
На стартап викендот Стефан и Теодора се запознаваат и со третиот член на тимот, Олга Рајчиќ, која себеси се опишува како “сѐ што не е ИТ во компанијата“. Олга на еден начин е оној бизнис компонент во ентитетот кој денес фунционира под името GreenIT и нуди решенија насочени кон зелена економија и општествена одговорност, а меѓу нив и како производ и Challenger.
“Првичната идеја беше ‘сакам да одам на вежбање и за тоа да добијам пиво’. Со таа идеја отидовме на Стартап Викенд, каде што ја презентиравме идејата и таму ни се приклучи Оља. Работевме на идејата некои 58 часа и тогаш ја конципиравме првата верзија за Challenger. Потоа помина околу половина година додека почнавме да работиме на кодот,“ раскажува Стефан, чија првична цел и мотивација за стане дел од Challenger била да се надогради како девелопер и да го испроба и усоврши својот код.

Што всушност е Challenger?
Низ годините апликацијата има повеќе верзии и форми, но во самата основа тоа е алатка која ги мотивира корисниците да пешачат и возат велосипед, и за тоа да добиваат награди од локалните бизниси кои спонзорираат одреден предизвик и даваат попуст на своите услуги или производи.
Според ко-основачите, нивната тогашна цел била да се намали загадувањето и да се поттикне позитивното однесување кај луѓето, а сето ова да се направи преку ИТ индустријата како катализатор на овој процес.
Од мотивациска алатка до мерење на емисии и загадување
Во годината која следи идејата за Challenger се менува и усовршува, а истовремено се менува и самиот концепт околу тоа дали Стефан, Олга и Теодора ќе продолжат како компанија, невладина организација, или пак нешто трето.
“Уште не знаевме што ќе бидеме – од мотивациска алатка сакавме да мериме СО2, чекори, бидејќи во тој период беше актуелно загадувањето и па тоа ни беше селинг поинт, да правиме нешто добро преку одржливи методи за транспорт. Но не знаевме дали тоа ќе биде компанија, или пак невладина организација, па исто така се мислевме околу ова,“ вели Стефан.
За Олга, она што во тој момент било најважно е тоа што како тим успеале да дојдат до некаков тип на модел за развивање на бизнис.
“Од сите идеи најмногу ми се допадна таа идеја, им пријдов и реков дека сакам да бидам дел од тимот. Сакав да го поминам тоа искуство на хакатон бидејќи можеби не можеш да направиш бизнис за 58 часа, но можеш да смислиш како да дојдеш до креирање на приходи, и тука беше мојата мотивација за учеството на стартап викендот,“ вели Олга.
Првиот чекор напред кој потоа го прави Challenger, а истовремено е и насока за тоа каде треба да се движи, e добивањето на грант од 10 илјади долари преку еден повик за зелени идеи. Тогаш тимот го добива и четвртиот член, програмерот Симон Јаневски.
“Најдовме еден повик за зелени идеи каде што аплициравме, добивме прво место и грант од 10 илјади долари. Во тој момент моравме да направиме фирма, производ и тогаш, во 2019-та, му пристапивме на Симон како програмер. Со ова добивме и една нова можност за учење и развивање на тогашната верзија на продуктот,“ објаснува Стефан.
За Симон пак, мотивацијата да стане дел од тимот е енергијата и моментумот кој што е присутен, и нешто што само по себе му дава охрабрувањето дека ќе може да работи на нешто што може да направи разлика во општеството.
“Тргнавме од идејата дека можеби некој кафич ќе даде попуст на кафе ако имаш одреден број на зелени поени – и така ги споивме двете работи, бизнисите со луѓето кои што се еко свесни и сакаат да ги трошат своите тешко заработени зелени поени,“ раскажува Симон.

Предизвиците со првата верзија и влијанието на КОВИД-19
Првите предизвици со кои се соочува Challenger не се од техничка природа, туку повеќе од креативна – приморани се да излезат со идејата во медиумите бидејќи се соочуваат со нелојална конкуренција која сака да им го ископира продуктот.
“Излеговме во медиуми уште пред да имаме продукт – имавме две причини. Прво, тоа го направивме поради тоа што бевме победници на неколку натпревари и сакавме да ја презентираме сопствената идеја. Втората причина беше тоа штп дознавме дека бевме ископирани од една голема корпорација која слушнала за идејата. Тука го немаше моментот на тоа да дојдат и да не поддржат, туку сакаа само да ја земат идејата. За жал поради немање доволно соработка во екосистемот, се појави и ваков проблем – знаевме со кој буџет располагаат и кога апликацијата ќе излезе на пазар, па сакавме да покажеме дека идејата е наша,“ раскажува Олга.
Истовремено, ова се покажува како и добра тактика за да изгради брендот и луѓето во Македонија да слушнат за Challenger и да бидат свесни за нивната апликација.
“Многу работевме на ова, одевме на настани, за да развиеме мрежата и да дојдеме до малите бизниси кои веруваа во зелениот маркетинг канал. Тоа беа помлади сопственици кои бараа нови начини за тоа како да ги промовираат своите бизниси. Идејата беше да добијат нови клиенти за нивниот бизнис кои што се совпаѓаат со нивните вредности и се еко освестени,“ додава Олга.
Во март 2020-та година, тимот е подготвен да ја лансира и првата верзија од апликацијата. Но, ова е и периодот кога во Македонија и на светско ниво почнуваат да се применуваат рестрикциите на движење поради почетокот на КОВИД-19 пандемијата. Па така, самите рестрикции поставуваат и ограничување на користењето на Challenger како апликација.

“Во март 2020 бевме подготвени да излеземе со првата верзија, но веднаш потоа почна карантинот и забраните за движење, така што во тој момент ќе беше погубно да ја лансираме апликацијата,“ објаснува Симон.
Но, ваквите случувања служат и како нова мотивација за пивотирање, па така тимот осмислува нов концепт – оној на Challenger дома.
“Тогаш дојде до пивотирањето и ја преработивме аплицикацијата за да може ги наградува оние корисници кои ќе седат дома и нема да го напуштаат тој радиусот предвиден за време на карантините. Имавме и функционалности преку кои корисниците моќеа да добијат екстра поени доколку не се во карантин, но сепак не излегуваат од своите домови,“ раскажува Симон.
Како резултат, во рок од еден месец апликацијата доживува бум и зголемен број на корисници.
“Во тие денови, за рок од еден месец добивме публицитет за Challenger дома, интервјуа, контакт до интересни фирми, како и 30-40 илјади корисници на апликацијата,“ додава Стефан.
Трета среќа и пивотирање за успешната формула

Охрабени од ваквиот успех, во септември 2020-та тие ја лансираат онаа верзија во која се состои првичната идеја на Challenger. Но, тука повторно следи едно назадување.
“Со Challenger кој излезе во септември 2020-та година доживеавме дебакл, и работите не испаднаа како што очекувавме. Се уште беше во периодот на короната, мерките почнаа да се олеснуваат но сепак постоеја и тоа влијаеше врз апликацијата. Корисниците не ги искористуваа купоните и поените, па тогаш сфативме дека ќе мора пак да пивотираме. Во тој период бевме доста демотивирани и разочарани,“ вели Олга.
Во третото пивотирање, како што објаснува Симон, голема улога игра и самиот пазар.
“Неколку компании не исконтактираа и рекоа дека идејата за Challenger е супер и дали тие можат да го направат истото, но само за нивната компанија, односно да биде од затворен тип. И тогаш сфативме дека вакви натпревари се многу пофункционални и покомпетитивни во помала група на луѓе што ги познаваш, отколку во голема група на луѓе кои не ги познаваш,“ вели Симон.
Па така, самото натпреварување станува навистино интересно кога си со пријатели или колеги, и тогаш за тебе станува многу поинтересно да ги победиш. Оваа идеја потоа ги насочува да се фокусираат кон помали тимови и кон B2B.
За Олга, во тој момент исто така проработел и инаетот за да се успее, па оттука и дополнителната мотивација за да се пивотира.
“Таа алатка, како што беше така смислена, не функционира на овој лимитиран пазар каде што особено малите фирми не се подготвени да платат за маркетинг и се уплашени од нови технологии и нови пристапи на продажби и доаѓање до клиенти,“ вели таа.
Потоа, тимот почнува да ги контактира оние ИТ компании кои сакаат да добијат еден поинаков начин на публицитет.
“Видовме како реагираат вработените во компаниите, и сето ова се покажа како успешно. Сега сме присутни во 5 држави од регионот, имаме 20 клиенти, и 40 компании како партнери во различни кампањи. Стратешките соработки се оние кои не движат понапред и преку нив стигнавме до повеќе компании и започнавме со различни иницијативи како што на пример е Триглав Зелената лига, еден од проектите во Македонија кој се покажува како доста успешен,“ објаснува Олга.
Од “убаво е да се има“ до “треба да се има“

Денес, тимот на Challenger се состои од 5 основачи (петиот основач е Митко Орцев), еден фул тајм вработен и 12 хонорарци. Освен во Македoнија, присутни се и на пазарите во земји како што се Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, но и подалеку, во земји како Ерменија.
Како што расте тимот, така растат и предизвиците за функционирањето и организирањето на самата работа. Сепак, според Симон, она што го движи тимот напред е заедничката визија за она што треба да се постигне и достигне како цел.
“Сега функционираме демократски, одлучуваме со мнозинство, односно за била која одлука треба да се согласат најмалку тројца. Најголемиот проблем беше достапноста на сите во секое време, многу тешко беше за да можеме сите во исто време да бидеме достапни – не сме имале креативни разлики или пак разлики во визијата, но главен проблем беше за тоа сите да сме достапни и да седнеме да одлучиме за нешто,“ вели тој.
Лекциите коишто ги научиле од стартап екосистемот во Македонија, пак, се многу и се такви кои им даваат дополнителна насока за тоа каде треба да се движат.
“Можеби најголемата лекција беше дека иако Македонија не е многу богат пазар, има многу компании кои се присутни тука како дел од поголеми компании надвор, и е дефинитивно добро место за да се започне. Но во овој момент, сепак дојдовме на некое ниво на кое македонската стартап сцена сепак е понемоќна да ти помогне. Ако имаш идеја, тука многу лесно ќе најдеш знаење, иницијални мали грантови за да те однесат понатаму, но кога ќе дојдеш до делот за вистинско скалирање тука почнуваат потешкотиите за да се бараат пари од акцелератори, инвеститори итн,“ додава Стефан.
Тимот досега има добиено една инвестиција од ангел инвеститорот и претприемач Димитар Силјановски, а нивната понатамошна цел е да станат и “доволно големи“ за да бидат забележани од страна на VC фондовите.
“Главната цел е да бидеме присутни на 6-8 пазари, раст на бројот на клиенти, и со инвестиција која ќе ни помогне во скалирањето. Од убаво е да се има, нашиот продукт да прерасне до нешто што добро е да се има и треба да се има,“ вели Олга.
Најновата верзија на апликацијата пак, ги зема сите знаења, искуства и лекции од претходните верзии.
“Фокусирана е на Б2Б, на компаниите кои сакаат да организираат натпреварувања меѓу вработните. Најбитната разлика е дека претходно меревме пешачење и точак, а сега сите тие можности се неограничени, со тагови, геолокации, QR кодови итн,“ објаснува Симон.
Истовремено, оваа верзија ќе им дозволи на компаниите тие самите да го искреираат продуктот врз основа на сопствените желби и можности.
“Ќе им дозволиме на компаниите тие да си играат со продуктот и да одлучуваат какви активности ќе бидат – независно дали тоа се зелени предизвици, предизвици за општествени активности итн, и им даваме алатка и начини тие да ја позиционираат апликацијата според нивната култура на работење,“ заклучува Олга.
Дознај повеќе: Challenger.mk
Прочитај ги и останатите .мк стартап на месец приказни:
- Стартап на месецот: Boksy ја гради дигиталната читачка култура во Македонија
- Paket.mk – местото каде што одиш да пазариш без да носиш кеси
- AirCare по 120.000 долари инвестиција и TechStars менторство пивотираше во EarthCare.ai [стартап на месецот]
- Стартап на месецот: Братската врска позади Influencers Club и визијата за доминација на инфлуенсерскиот маркетинг
- Стартап на месецот: UpShift – стремеж да се постане најдобрата HRtech компанија во светот
- Microtica со инвестиција од 350.000 долари ќе го освојува DevOps пазарот [.мк стартап на месецот]
- Pixyle AI – стартап базиран на вештачка интелигенција доби инвестиција од 1 милион евра [.мк стартап на месецот]
- Македонската Airport Briefing ќе ја користат 10.000 пилоти на Lufthansa Group [.мк стартап на месецот]
- FitKit – доказ дека упорноста секогаш се исплати [.мк стартап на месецот]
- FinqUp – .мк fintech стартап со Робин худ идеологија и големи амбиции [.мк стартап на месецот]
- Концептива – тимот кој нуди револуција во HR едукација со Coach [стартап на месецот]
- Почетоците на Howitzer, .мк стартап кој доби инвестиција од пола милион долари [.mk стартап на месец]








