Правни работи

Услови за користење на IT.mk

Последно ажурирање:

Стапување во сила: 7 август 2026 Со пристапување, регистрација или користење на IT.mk и неговите сервиси, корисникот потврдува дека ги прочитал и ги прифаќа овие Услови за користење, Политиката за приватност и правилата за конкретниот сервис. IT.mk е интернет платформа управувана од Друштво за интерактивни веб медиуми ИВМ Нетворк ДООЕЛ, ЕМБС 6341810, ЕДБ МК4017008502980, со адреса на бул. Партизански Одреди бр. 14, 1000 Скопје, Република Северна Македонија. Контакт: [email protected], 02 3224 582. Овие услови се применуваат на сите сервиси на IT.mk. За одредени сервиси важат и дополнителни правила наведени во соодветниот таб. Доколку постои разлика помеѓу Општите услови и правилата за конкретен сервис, предност имаат правилата за конкретниот сервис, освен кога задолжителните прописи предвидуваат поинаку.

Општо

Основни правила што важат за сите IT.mk сервиси.

1. Користење на IT.mk

IT.mk ги опфаќа порталот, Форумот, Огласникот, IT.mk/Маркет, IT.mk/Кариера, IT.mk/Индекс, IT.mk/Мапирање, PRO членството и други постоечки или идни сервиси достапни преку IT.mk. Корисникот се обврзува сервисите да ги користи законски, одговорно и без да ги нарушува правата на IT.mk, другите корисници или трети лица. Забрането е користење на IT.mk за:

  • незаконски активности;
  • измама, phishing, malware или други злоупотреби;
  • закани, вознемирување или дискриминација;
  • објавување туѓи лични или доверливи информации без основ;
  • нарушување авторски, сопственички или други права;
  • автоматизирано преоптоварување или попречување на сервисите;
  • неовластено тестирање или искористување безбедносни слабости.

2. Кориснички профил

При регистрација корисникот е должен да доставува точни информации и да ја одржува безбедноста на својата сметка. Корисникот е одговорен за активностите направени преку неговата сметка. Не е дозволено:

  • користење туѓ профил без дозвола;
  • претставување како друго лице или компанија;
  • лажно претставување како член на тимот на IT.mk;
  • отворање дополнителни профили со цел избегнување ограничување или забрана.

IT.mk може да ограничи, суспендира или затвори профил во случај на прекршување на правилата, злоупотреба, безбедносен ризик или активност што може да предизвика штета на IT.mk, неговите корисници или трети лица.

3. Модерација

IT.mk го задржува правото да:

  • отстрани или измени содржина;
  • премести или затвори тема;
  • ограничи одредени функционалности;
  • суспендира или затвори профил;
  • спречи повторна регистрација;
  • преземе други разумни мерки за заштита на платформата и заедницата.

Мерките може да бидат преземени и без претходно известување кога ситуацијата го бара тоа.

4. Корисничка содржина

Корисникот останува носител на правата врз содржината што ја создава и потврдува дека има право да ја објави и дека со неа не ги повредува правата на трети лица. Со јавно објавување на IT.mk, корисникот му дава на IT.mk неисклучиво право содржината да ја хостира, прикажува, форматира, технички обработува, архивира, дистрибуира и промовира во рамките на функционирањето и промоцијата на IT.mk и неговите сервиси. Јавно објавените дискусии може да останат достапни и по затворање на профилот кога нивното отстранување би ја нарушило смислата и интегритетот на дискусијата, освен кога применливите прописи бараат поинаку.

5. Интелектуална сопственост и бренд

Името IT.mk, логото, визуелниот идентитет, графичките елементи, дизајнот, софтверот, ознаките, беџовите, PRO и оригиналната редакциска содржина се сопственост на ИВМ Нетворк или се користат врз основа на соодветно право. Не е дозволено без претходна дозвола:

  • претставување како официјален партнер или претставник на IT.mk;
  • користење на логото или брендот на начин што создава впечаток на поддршка или партнерство што не постои;
  • копирање или клонирање значителни делови од IT.mk;
  • систематско преземање на базата на содржини;
  • комерцијално препакување или препродавање содржини.

6. Автоматизирано преземање и AI

Не е дозволено систематско scraping, crawling или автоматизирано преземање содржини со цел:

  • создавање комерцијални бази на податоци;
  • републикација;
  • создавање конкурентни сервиси;
  • тренирање AI/ML модели;
  • креирање datasets;
  • масовно профилирање на корисници;

без претходна писмена дозвола од IT.mk. Ова ограничување не се однесува на стандардно индексирање од интернет-пребарувачи и други технологии одобрени од IT.mk.

7. Комерцијална употреба

Промоција на производ, компанија, услуга или проект мора да биде во согласност со правилата на конкретниот сервис. IT.mk може да побара комерцијалните субјекти да користат профил „Верификувана компанија“, спонзорирана тема, рекламен формат или друг соодветен комерцијален сервис.

8. Надворешни сервиси

IT.mk може да содржи линкови или интеграции со надворешни сервиси. IT.mk не управува со нив и не одговара за нивната содржина, достапност, безбедност или услови за користење.

9. Достапност

IT.mk не гарантира непрекината достапност на платформата или на одредена функционалност. Сервисите може да бидат изменети, привремено прекинати или укинати поради одржување, безбедност, деловни или технички причини или други околности надвор од разумната контрола на IT.mk.

10. Ограничување на одговорност

IT.mk вложува разумни напори платформата да биде безбедна и функционална, но не гарантира дека сите информации објавени од корисници, компании, партнери или трети лица се точни, целосни или постојано ажурирани. До максималниот степен дозволен со закон, IT.mk не одговара за:

  • содржина објавена од корисници или трети лица;
  • трансакции помеѓу корисници во Огласникот;
  • неточни информации доставени од компании или други субјекти;
  • одлуки за вработување донесени преку IT.mk/Кариера;
  • производ, испорака или гаранција кога трето лице е јасно наведено како продавач, освен за сопствените законски обврски на IT.mk како оператор на платформата;
  • привремена недостапност или прекин на сервисите;
  • индиректна штета во случаи кога таквото ограничување е дозволено со закон.

Ништо во овие Услови не исклучува или ограничува одговорност или права кои согласно закон не можат да бидат исклучени.

11. Измени

IT.mk може периодично да ги менува овие услови и да менува, дополнува, ограничува или укинува одделни функционалности и сервиси. Кај материјални измени ќе биде објавено известување со датум на стапување во сила на IT.mk или преку друг соодветен канал.

12. Применливо право и спорови

За овие услови се применуваат законите на Република Северна Македонија. IT.mk и корисникот ќе настојуваат евентуалните спорови најпрво да ги решат по мирен пат. За спорови за кои не може да се постигне договор, надлежен е стварно и месно надлежниот суд во Република Северна Македонија, освен кога задолжителните правила за заштита на потрошувачите предвидуваат поинаку.

13. Приватност

Обработката на личните податоци при користење на IT.mk е регулирана со Политиката за приватност на IT.mk. При користење на IT.mk/Маркет, податоците неопходни за реализација на нарачката може да бидат споделени со конкретниот продавач, курирската служба, платежните оператори и други субјекти неопходни за реализација на трансакцијата. Деталите за категориите податоци, целите и правниот основ на обработката, периодите на чување и правата на корисниците се наведени во Политиката за приватност. Информациите за употребата и управувањето со колачиња се наведени во Политиката за колачиња.

14. Малолетни лица

Малолетните лица може да користат корисничка сметка само во обем во кој тоа е дозволено со применливите прописи и, кога е потребно, со согласност или одобрение од родител, старател или законски застапник. Нарачка на производ, платено членство или друга платена услуга од малолетно лице може да се изврши само кога лицето има законска способност за конкретната трансакција или со претходна согласност или одобрение од родител, старател или законски застапник. IT.mk или продавачот може да побара разумна потврда за таквата согласност или овластување.

15. Делумна ништовност

Доколку одредена одредба од овие Услови биде утврдена како ништовна, неважечка или неприменлива, тоа нема да влијае врз важноста и применливоста на останатите одредби.

Мени
Заедница
Изглед