Ова е одлична година за Telegram. Популарната апликација за размена на текстуални пораки дојде во првите 5 според бројот на глобалните преземања за 2022 и до 700 милиони активни корисници месечно.
Оваа недела Telegram го претстави и својот Telegram Premium пакет. Претплатата ќе им овозможи на корисниците да го поддржат одржувањето и понатамошниот развој на сервисот, а во замена ќе добијат некои нови функционалности. За останатите корисници Telegram останува како и досега.
Ова ќе го одбележи и почетокот на монетаризација на платформата која досега немаше одржлив начин за заработка. Добра вест за корисниците кои планираат да го користат сервисот бесплатно и во иднина е дека Telegram ќе продолжи да развива функционалности за сите корисници.
Што носи Telegram Premium
Корисниците кои ќе се одлучат да го поддржат сервисот ќе може да качуваат фајлови со големина до 4GB (лимитот за бесплатни корисници е 2 GB); Ќе можат побрзо да преземаат фајлови, ќе добијат пристап до ексклузивни „налепници“; реакции; и подобро управување со разговорите и двоен лимит.
Ако се запрашавте што е „двоен лимит“ не сте единствени. Со оглед дека нема ограничувања на пораките и фајловите кои може да ги споделиме, оваа најава е малку збунувачка. За среќа Telegram има објаснување. Премиум корисниците ќе можат да следат 1000 канали; ќе може да креираат 20 чет фолдери секој со 200 четови и да додадат четврти профил на апликацијата, како и да залепат (pin) 10 разговори во листата и да одбележат до 10 омилени стикери.

„Придонесoт на премиум претплатниците ќе помогне да се подобри и прошири апликацијата во наредните децении, a Telegram ќе остане бесплатен, независен, и ќе ги задржи корисниците на прво место, редефинирајќи како треба да работи една технолошка компанија“ пишува на блогот на Telegram.
Новитет на платформата ќе биде и додавање на конверзија на глас во текст за аудио пораките. Ова може да биде корисно ако корисникот ги заборавил слушалките, но функционалноста засега е во развој.
Претплатниците ќе можат да постават и подолга биографија, и да додадат линк во биографијата. Овие корисници ќе можат да користат анимирани видеа кои ќе бидат видливи за сите во пораките. За да се разликуваат од останатите ќе добијат и премиум ѕвездичка која треба да покаже дека корисникот го поддржува развојот на платформата.
Веројатно најкорисната промена доаѓа во јавните канали. Telegram за да може да покрие дел од оперативните трошоци, во некои држави во овие канали прикажува спонзорирани пораки. Добра вест за претплатниците е дека повеќе нема да ги гледаат овие пораки.
Листата на придобивки за претплатниците е прилично долга и сите може да ги разгледате на блогот. Ако сакате да го поддржите Telegram месечната претплата е 5 долари.