Разговор со Јован Јовановски, авторот зад колекцијата од игри Puzzle Hub

Вчера, објавивме текст за Puzzle Hub, квалитетна македонска апликација која всушност има седум интересни и логички игри. До игрите се пристапуваше преку чист дисплеј и одлична изведба и едноставно моравме на кратко да поразговараме со авторот зад апликацијата.

Запознавање

Јован Јовановски живее во Скопје и има 24 години. Интересно, Јован се занимава со развој на игри веќе 10 години.

Започнав со креирање на едноставни Flash игри, па потоа се префрлив на мобилни игри.

Го прашавме Јован да издели неколку негови претходни проекти и пријатно се изненадивме кога видовме дека веќе има две интересни игри под појасот. Challenge Your Friends е колекција на игри за два играчи кои се играат на еден уред, а Buco’s Burgers е брза игра со готвење именувана по прекарот на татко му. И двете игри се одлично прифатени од корисниците, особено Challenge Your Friends, игра која е оценета од скоро 85 000 играчи и има просечна оценка од 4.2!

Јован, како што разбравме, често учествува и на глобални и локални гејм џемови, така да шансите се големи дека го знаете и од таму. Побрзавме да го прашаме која му е омилена игра.

Тешко е да издвојам една игра. Долго време омилени игри ми беа Half Life и Counter Strike. Сега би ги додал и сите soulsborne игри, The Last of Us 1&2 и Witcher 3.

Јован не е љубител само на игри, во слободно време чита и гледа филмови. Како омилен филм реши да го издели Trainspotting, а како омилена книга несигурно ја истакна Процес. Но, она што нас највеќе не интересираше за Јован беа неговите способности како развивач на апликации и игри и дали оваа професија, според него, ја има истата тежина во Македонија како и во останатиот дел од светот.

Да се биде незавизен (indie) развивач на игри во Македонија е исто толку тешко колку што е секаде во светот. Маркетот за игри е глобален и со добар производ можеме да се натпреваруваме со останатите. На интернет има доволно материјали, повеќето бесплатни, за да се научи која било технологија. Понекогаш има правни пречки, на пример некој сервис да не е достапен во Македонија, но во последните 2-3 години не сум се сретнал со таков проблем. Од друга страна, мал е бројот на студија/компании кои работат на видео игри, па доколку некој сака да се специјализира како програмер, артист, гејм-дизајнер или слично, мислам дека потешко се наоѓа добра можност. Се надевам дека во иднина ќе го промениме тоа.

Тука некаде Јован се присетува за најдобрите моменти поврзани со професијата и признава дека е прекрасно чувството кога ќе „видиш некој непознат човек како ја игра твојата игра.“

Муабетење за Puzzle Hub

Полека го скренуваме вниманието на Puzzle Hub. Го замолуваме Јован да проба да нѝ ја опише играта со негови зборови, но пред сè, го замолуваме да нѝ ја „продаде“ идејата и да нѝ каже зошто би ја заиграле.

Puzzle Hub е колекција од логички игри, игри со зборови и игри со броеви. Апликацијата е наменета за сите кои сакаат да играат игри како Судоку, Minesweeper, Барање на зборови, итн. Веќе постојат апликации за секоја игра посебно, но сите имаат различен дизајн, различен квалитет, изглед и различни опции. Наместо играчите да бараат која игра е најдобра и да инсталираат повеќе апликации, Puzzle Hub нуди конзистентно искуство и квалитет на сите игри во колекцијата.

Од почеток до самиот крај, Јован има самостојно работено на Puzzle Hub, користејќи го енџинот за игри Unity. Со оглед на огромниот квалитет на игрите, инстантно се запрашавме колку е тешко таквото нешто.

Најтешкиот дел е пишувањето на алгоритми за генерирање и решавање на игрите. Да се реши некоја загатка, на пример Судоку, може да биде едноставен рекурзивен алгоритам, но да се генерира Судоку е целосно друг проблем. Треба да може да се генерираат загатки со одредено ниво на тежина и притоа да бидат интересни за играње од страна на човек. Тоа значи дека алгоритамот мора да ги знае техниките на решавање кои ги користи човекот. Друг проблем е оптимизацијата. Во некои загатки, комплексноста расте експоненцијално, па мора да се балансира меѓу перформансите и функционалноста. Затоа и решив да ги пишувам сам, бидејќи така имам целосна контрола врз перформансите и резултатите кои ги враќа генераторот.

Шетајќи низ игрите и скокајќи од една кон друга, се запрашавме дали Јован всушност има омилена игра, од седумтте кои се моментно понудени.

Омилени ми се Судоку, Minesweeper и Color Link. Најмалку омилена ми е Cross Sum.

Нешто не нѝ даде да го прашаме зошто не ја сака Cross Sum, но целосно разбираме дека играта не е за сите. Но, дали има некоја игра што Јован навистина сакал да ја вметне во Puzzle Hub, но од некоја причина се пишманил.

Сакав да ја вметнам играта Крстозбор, но решив да ја одложам за понатаму бидејќи за да биде играта интересна, бара голема база на зборови, како и прашања/асоцијации за секој збор.

А, кога сме кај зборови, прашања и асоцијации, нѝ стана чудно што Puzzle Hub е само на англиски. Чепкавме низ опциите, но не наидовме на македонски или некој друг јазик.

Всушност, нѝ објасни Јован, Puzzle Hub е речисни целосно локализирана на македонски јазик. Ова го правев во текот на развојот за да се осигурам дека подоцна лесно ќе можат да се додадат други јазици. Во последните недели пред објавувањето на играта правев често промени, па локалцијата ми одземаше многу време и решив привремено да ја исклучам опцијата за промена на јазик. Кога текстовите во играта ќе се стабилизраат, локализацијата ќе пуштена заедно со повеќе јазици.

Претпоставуваме дека за време на развојот мора да имало некој проблематичен баг, некаков предизвик кој не бил така лесно надминат. По се изгледа, претпоставката нѝ била на место.

Најпроблематично е кога не можам да решам некој проблем, што се случуваше неколку пати со алгоритмите за генерирање на игри. Тогаш губев најмногу време, па пристапот ми беше да продолжам да работам на некоја од другите игри, па се вратам на проблемот со свеж ум. За среќа, сега-за-сега нема нерешни проблеми

Како што напоменавме, Puzzle Hub има седум игри, но Јован веќе работи на нови наслови. Успеавме и да откриеме нешто повеќе за осмата и, можеби, деветатта игра.

Сè уште не сум одлучил која ќе биде осмата играта, но најверојатни кандидати се Killer Sudoku и Word Connect. Тоа би било отприлика за еден месец од сега, но не сакам ништо да ветувам.

Низ нашиот разговор постојано се провлекуваше и прашањето од каде интересот за ваква колекција на игри.

Логичките игри и загатки ги играв уште од дете, по различни весници и списанија. Судоку ме научи да играм дедо ми 😊. Во последно време почнав да играм пак, но сфатив дека треба да ги играм низ неколку апликации кои се целосно различни  меѓусебе. Како што спомнав погоре,  Puzzle Hub е решение за тој проблем.

Но, дали ваквиот интерес се исплати. Како што напоменавме во нашиот претходен текст, Puzzle Hub е исклучително дискретна во начинот на кој пласира реклами, особено со системот за купување хинтови кој е апсолутно незадолжителен и во ниеден момент не ве принудува да посегнете за паричникот, освен ако сакате да го почестите Јован. Го прашавме како е задоволен од вака-осмислениот бизнис модел и, ретроспективно, дали, можеби, посакува малку поразлично да го имал изведено системот со финансирање. Јован нѝ објасни дека сеуште е премногу рано да каже дали бизнис моделот е успешен.

Генерално, сметам дека е добро што игрите се целосно бесплатни, бидејќи јас тоа би го очекувал кога би бил корисник. 

Крајот на кафето

Полека, но сигурно, доаѓаме до крајот на нашиот разговор. Дознаваме дека Јован би сакал Puzzle Hub да биде објавена и на други мобилни платформи, но таквото нешто е директно врзано со успехот на играта која е достапна на моментните платформи, односно Android и iOS. Во меѓувреме, Јован нѝ признава дека е заинтересиран и за други жанрови, а и дека повремено работи и на други игри. Па, можеби највеќе поради тоа, го прашавме Јован дали има игра или апликација која тој лично би сакал да ја направи, независно од пречките. Неговиот одговор е, во најмала рака, амбициозен.

Независно од пречките, би сакал да направам свој енџин за игри и игра во него. Тоа е доста комплицирано и е задача за поголем тим, но би било интересно да се проба.

И, како наше последно прашање, го замоливме за совет за моментните или идните девелопери на игри од или во Македонија.

Маркетот за игри е многу компетитивен, па затоа треба играта да се истакнува по нешто. Подобро е да се направи многу добра игра со многу мал scope, отколку просечна игра со голем scope.

Му се заблагодаруваме на Јован за одвоеното време и му посакуваме сè најдобро во иднина. Вчера, го објавивме првиот текст поврзан со него. Денеска – вториот. Нешто нѝ кажува дека ова е само почетокот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Doc
Doc
2 years ago

Одлично. Браво за Јован! Продолжи во тој стил и понатаму. Сигурно ќе има уште интересни игри креирани од овој талент.

види ги сите огласи на kariera.it.mk