Влезете во светот на Tiny Pixels Vol. 2 – Stormy Knights
Tiny Pixels Vol. 2 – Stormy Knights e игра во која имате за задача да патувате низ континентот и да ги спасите сите принцези кои се заробени од монструозни суштества. Преку едноставна графика и едноставни гејмплеј механики со впечатлив систем за надградба, ќе навлегувате во пикселизиран свет каде што секој замок крие нови опасности и секоја спасена принцеза е чекор поблиску до витешката слава.

Наспроти она што би го помислиле од името, Tiny Pixels Vol. 2 – Stormy Knights не е лесна игра. Потребно е да ги набљудувате непријателите, да учите од нивните тактики и да ги предвидувате нивните напади. Користејќи го вашиот меч за да напаѓате, штитот за да се браните и брзите рефлекси за да ги избегнете ударите, ќе морате стратешки да ги елиминирате бројните непријатели. А, на крајот од секој замок ве чека моќен бос. Успејте да го победите и ќе ја добиете и принцезата. Едноставно, нели?

Вашата авантура ќе ве однесе низ различни тематски замоци кои се инспирирани од различни култури и епохи, од средновековна Европа, преку мистична Персија, па сè до феудална Јапонија. Сето ова е претставено со шармантна пиксел-арт графика која буди носталгија, придружена со оригинална ретро музика што дополнително ја зголемува динамиката на играта.
Една од најголемите предности на Stormy Knights е можната можност за повторно играње. Секое ново влегување во замокот е уникатно искуство, со различни принцези за спасување и нови предизвици. Паралелно со ова, имате за задача да собирате златни медали за да отклучите трајни надградби во три различни гранки на вештини, со што ќе си ги зголемите шансите за успех во идните обиди.

Tiny Pixels Vol. 2 – Stormy Knights нуди забавно искуство, особено преку Steam Deck – играта се чини како создадена за направата на Valve. Комбинацијата од едноставна, но предизвикувачка борба, задоволувачкиот систем на надградби и шармантната аудио-визуелна презентација создаваат искуство од кое не се лесно откажува. Ако барате брза и зависна акциона игра која ги наградува вашите вештини и упорност, тогаш Stormy Knights е наслов кој не смеете да го пропуштите.
Влезете во светот на MISERY
MISERY e кооперативна игра за преживување наменета за еден до пет играчи. Доколку сте фанови на STALKER игрите, големи се шансите дека ќе ви се допадне и оваа игра. Во улога на приватни воени платеници, вашата задача била да чувате таен истражувачки објект во фиктивната Република Заславие, каде што се проучувале мистериозни артефакти. Токму овие артефакти станале јаболко на раздорот меѓу светските сили, што кулминирало со нуклеарна војна. Играта започнува со заглушувачка сирена и панични 60 секунди за да зграпчите сè што е неопходно и да се засолните во подземниот бункер пред ударот. Откако прашината ќе се слегне, започнува вистинската борба за опстанок.

Секој ден претставува ново, опасно патување во забранетата зона, процедурално генериран свет полн со смртоносни предизвици. Ќе истражувате напуштени воени бази, радиоактивни пустелии и урнатините на градовите во потрага по ресурси. Но, радијацијата е само една од многуте закани. Зоната е преплавена со чудни мутирани суштества, очајни преживеани кои нема да се двоумат да ве нападнат и необјасниви аномалии. Овие феномени се непредвидливи – некои можат да ви помогнат на неочекувани начини, додека други можат брутално да ве распарчат. Во сржтта на овие аномалии често се кријат вредни артефакти, предмети со уникатни својства кои можат да ви дадат предност во оваа сурова реалност.

Вашиот бункер е повеќе од засолниште; тој е вашиот нов дом и тврдина. Играта ви овозможува да го проширувате и приспособувате простор по простор. Па така, ќе можете да инсталирате генератори за струја, да градите работилници за изработка на оружје и опрема, да одгледувате храна и да го декорирате вашиот животен простор со предмети пронајдени во урнатините. По секоја напорна експедиција, можете да се опуштите во барот сместен во подрумот на институтот, каде што можете да размените плен со трговецот и да ги споделите приказните со другите преживеани.

Преживувањето во MISERY бара постојано внимание на вашите витални знаци. Гладот, жедта и зрачењето се постојана закана. Ни вашата психичка состојба не е за потценување. Акумулираниот стрес предизвикува психолошки ефекти – ќе почнете да слушате шепотења, да гледате работи што не постојат и да чувствувате дека некој ве набљудува од сенките. Ако го изгубите разумот, ниту бункерот нема да може да ве спаси.










