Darkenstein 3D е симпатична ретро-инспирирана игра која се појавува како смел потсетник на златната ера на пукачките игри од прво лице. Инспириран од легендарните франшизи како Wolfenstein и Doom, овој наслов се стреми да го емулира искуството на игрите кои дефинираа еден жанр, истовремено додавајќи уникатни и современи елементи.

Darkenstein 3D нуди брз и интензивен гејмплеј кој не остава простор за грешки, но истовремено бара и тактичко размислување. Ова не е игра во која можете да трчате како луди-без-глава; преживувањето зависи од вашата способност мајсторски да ги избегнувате непријателските проектили, вешто да се позиционирате и да го усовршите вашето движење и прецизност при нишанењето. Во духот на класиците, Darkenstein 3D се ослободува од модерните помагала како што се системите за криење зад препреки или автоматското нишанење. Овде, сè се сведува на вашите вештини поврзани со движењето и оружјата.

Во ниеден момент, приказната не се труди да биде сфатена озбилно. Вие ја преземате улогата на еден скитник кој е бесен затоа што не може да си го најде кучето. Изгубени на непријателска територија и вооружени само со вашата пушка и незапирлива желба за одмазда, ќе навлезете во 40-тите години на минатиот век, во Германија. Потрагата по вешето куче ќе ве ве принуди да започнете опасна мисија низ непријателски упоришта, вклучувајќи бункери, замоци и долини, откривајќи, притоа, и мрачни тврдини, вонземјански тајни и чудни, необјасниви моќи.

Darkenstein 3D располага со 13 рачно изработени нивоа. Секое ниво е дизајнирано за да понуди што е можно поголема разноликост. Елементот на истражување е силно нагласен, поттикнувајќи ве константно да го истражувате секој агол и да барате скриени клучеви за отклучување на нови премини, како и да откривате тајни соби полни со богатство и муниција.

Како што кажавме, приказната е крајно откачена, а, зазема посебна димензија кога ќе добиете неочекуван сојузник во форма на стаорец . На крајно неочекувани начини, стаорецот ќе се приклучи на вашата мисија за максимално крвопролевањето, храбро напаѓајќи ги непријателите и создавајќи хаос во тесните простори. Овој мал, но бесен придружник може да биде особено ефикасен кога неговите напади се комбинираат со употреба на гранати и мини, резултирајќи со максимален масакр.

Играта не штеди на визуелно впечатливи ефекти., брутално распарчувајќи ги непријателите преку користење реалистична физика. Благодарение на квалитетната изведба, елата на непријателите летаат и паѓаат преку огради, а експлозиите разнесуваат се во воздух. Дестуктивниот систем не го дискриминира ни просторот околу вас. Па така, реквизитите и предметите во околината се распрснуваат и кршат за време на борбите, претворајќи ги просториите во хаотични воени зони исполнети со шут. Секој истрел има тежина, а секое убиство изгледа болно и задоволувачки.
Дело на еден девелопер
Darkenstein 3D“ е плод на четиригодишен труд на еден единствен програмер. Она што започнало како груб прототип, еволуирало во целосна кампања која ветува часови на интензивна, предизвикувачка и хумористична акција. Оваа посветеност се рефлектира во рачно изработените нивоа и вниманието посветено на деталите кои го доловуваат духот на ретро ерата.Darkenstein 3D топло се препорачува на сите љубители на класичните пукачки игри од прво лице, како и за играчите кои бараат вистински предизвик и не се плашат од игра која бара посветеност и вештина. Ова е наслов кој ве наградува доколку сте упорни и прецизни. Ако сте подготвени да се вратите во времето кога FPS игрите беа сурови, брзи и бескомпромисни, и ако ве привлекува идејата за лична одмаздничка мисија проткаена со црн хумор и експлозивна акција, тогаш Darkenstein 3D нуди многу часови на интензивна и забавна игра .








