Во светот на видеоигрите, каде што иновативноста честопати буди носталгични жички, се појавува Projected Dreams – инвентивна игра од швајцарското студио Flawberry Studio. Овој наслов ветува уникатно искуство, каде што вие сте поканети да истражувате еден топол и емотивен свет преку креативно манипулирање со сенки, враќајќи се кон детството и будејќи сеќавања поврзани со 90-тите години на минатиот век.

Патување низ имагинацијата и спомените, каде што секоја сенка раскажува приказна.
Основната механика во Projected Dreams е создавање театар на сенки. Ова, како што за брзо време ќе забележите, е полесно да се каже отколку да се изведе. Имено, вие имате за задача да земате и поставувате различни играчки и предмети од една детска соба врз маса, со цел нивните сенки проектирани на ѕидот да формираат одредена силуета. Интересно е тоа што, иако загатките знаат да бидат предизвикувачки, не постои едно единствено точно решение за загатките. Имено, сè додека контурата на сенката се совпаѓа со зададената цел, решението се смета за успешно. Оваа отвореност поттикнува експериментирање со ротирање, поставување и комбинирање на предмети на безброј начини, овозможувајќи висок степен на креативно експериментирање.

Projected Dreams е игра која од концепт развиен за време на Brackeys Game Jam со тема Unreal
Приказната во Projected Dreams се одвива без зборови, потпирајќи се на визуелно раскажување и емоциите што ги предизвикуваат сцените и интеракциите. Обземени од танцот на сенките тешко е да не се регистрираат бројните емоции кои доаѓаат од топлите носталгични летни ноќи, важноста на пријателството и неизбежните збогувања. Вашето напредување допринесува самата соба да се менува и еволуира, одразувајќи го текот на времето и развојот на ликот. Оваа трансформативна средина, исполнета со предмети што будат носталгија, е надополнета со релаксирачка музичка подлога од композиторот Флорис Демандт, создавајќи пријатна и медитативна атмосфера.

Projected Dreams се стреми да понуди искуство кое е замислено целосно да ве исцеди од стрес и да ве рефокусира кон релаксирачко уживање кое е поврзано со процесот на откривање и создавање. Би сакале да има пофлексибилни можности за манипулација со предметите, но, и вака како што стојат работите, играта е одличен наслов за привремено заборавање на секојдневните предизвици, нудејќи прекрасна разонода за љубителите на инвентивни загатки, наративни игри и сите оние кои бараат релаксирачко и емотивно гејминг искуство. Со својот уникатен пристап кон решавање загатки преку игра на сенки и длабоко носталгичен тон, играта има потенцијал целосно да ги освои вашите срца.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Flawberry Studio
- Издава: Flawberry Studio
- Жанр: авантура со загатки
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 29 мај 2025







