„Forgotten Fields“ е наративна авантура која ги истражува длабочините на носталгијата, минливоста на времето и креативната блокада, нудејќи топло и емотивно искуство.

Делото на студиото Frostwood Interactive, ви дозволува да ја преземете улогата на Сид, писател кој се бори со недостаток на инспирација. Притиснат од рокови и финансиски обврски, Сид мора да создаде нова приказна за да аплицира и да го добие посакуваниот грант. Токму во овој клучен момент, тој добива покана да го посети својот дом од детството за последен пат, пред истиот да биде продаден. Оваа неизбежна семејна обврска го носи на патување кое буди спомени и отвора стари рани, но истовремено нуди и неочекувана можност за надминување на креативната криза.

Приказната во Forgotten Fields мајсторски скока помеѓу сегашноста на Сид и неговите сеќавања. Карактеристично за неговата уникатна ситуација, враќањето во родниот крај значи повторна средба со стари пријатели и однови судири со нивните животни приказни и искуства. Овие интеракции, заедно со истражувањето на познати, но сега поинакви локации создаваат атмосфера на топла меланхолија. Бројните емотивни и драматични моменти успешно ја нагласуваат важноста на прифаќањето на сегашниот момент и неизбежните промени што ги носи времето.

Еден од поинтересните аспекти на играта е начинот на кој е прикажан креативниот процес на Сид. Паралелно со неговите реални доживувања, имаат можност да учествуваат во обликување на одредени делови од книгата што тој се обидува да ја напише. Овие сегменти се одвиваат во впечатлив свет и нудат поинаква перспектива на темите со кои се соочува главниот лик. Иако гејмплеј механиките се релативно едноставни и се состојат од истражување, разговори и решавање на лесни загатки, тие се во функција на приказната и не го нарушуваат нејзиниот тек. Целта не е да се понуди комплексен предизвик, туку да се овозможи релаксирачко и контемплативно искуство.

Во поглед на графиката, се работи за едноставен дизајн, но со топли и привлечни пејзажи кои ја доловуваат атмосферата на едно мрзливо летно попладне. Музиката, компонирана од страна на micAmic (познат по работата на игри како Rainswept и The Cat Lady, игра значајна улога во создавањето на емотивниот тон на играта, совршено надополнувајќи ги носталгичните и рефлективни моменти. Одредени секвенци, меѓутоа, се одликуваат со повремени технички проблеми и исклучително едноставен гејмплеј, што знае да разочара на моменти.

Студиото зад Forgotten Fields има понудено игра која се фокусира на човечките приказни и емоции. Како топла, интроспективна игра, ве потикнува да размислувате за сопствените спомени, за важноста на пријателството и семејството, како и за постојаната борба со времето и потрагата по инспирација. Иако можеби нема да ги задоволи оние кои бараат акција или комплексни предизвици, Forgotten Fields нуди уникатно и наградувачко искуство за љубителите на наративни игри кои ценат искрена и трогателна приказна.







