Саботна симс средба #19: Авантура во џунгла

The Sims 4: Jungle Adventure е шестиот таканаречен game pack. Пакетот беше објавен на 27 февруари 2018 година и, доколку му пружите шанса, ќе ве однесе на егзотично и, со малку среќа, незаборавно патување во срцето на дивината. Надоврзувајќи се на впечатливото искуство кое го најдовме во The Sims 3: World Adventures, пакетот сепак успева да се истакне со специфични механики и приказна, под услов, секако, вашите симсовци да се спремни да ја напуштат удобноста на нивниот дом и да се впуштат во истражување на новата дестинација.

Што е саботна симс средба?

Неделна статија замислена да ја информира The Sims заедницата преку детално разгледување експанзии и бројни додатоци за култната симулација.

Преку критичка посвета на бројните новитетите поврзани со додатокот, ве известуваме за тоа што најдобро функционира во поглед на механиките и на какви сѐ работи би можеле да наидете за уредување на вашиот дом.

Моментно, The Sims 4 има 19 главни експанзии, 12 game пакети, и над 20 stuff пакети. Целта на оваа статија е заеднички да поминеме низ сите нив!

Претходните саботи разгледувавме:

Добредојдовте во Селвадорада

The Sims 4 Jungle Adventure е пакет кој со задоволство се препорачува баш овој летен период, особено доколку, од некои причини, не можете да си дозволите да одите на вистински одмор. Селвадорада, место инспирирано од живописните пејзажи и култури на Латинска Америка е прекрасно место за дигитален летен одмор. Светот е поделен на две главни области: населбата наречена Puerto Llamante Marketplace и огромната џунгла – Беломисија.

Во населбата, вашите симс ликови можат да се дружат со локалното население, да купуваат неопходна опрема за преживување, да пробуваат традиционална храна и да ги учат локалните танци. Сево ова е овозможено преку развивање на новата вештина, тактички насловена како Селвадорадска култура, овозможувајќи им на посетителите подлабоко поврзување со обичаите и традициите на регионот. За уште поголема имерзивност, можете да ги облечете вашите симови во автентична локална облека, која се карактеризира со шарени дезени и издржливи материјали погодни за истражување.

Џунгла и археологија

Вистинската авантура започнува кога вашите симс ликови, опремени со мачети и заштита од инсекти, ќе зачекорат во густата џунгла. Пејзажот е исполнет со скриени и, честопати, блокирани патеки и пролази. Овие патеки водат до прекрасни локации како што се скриени базени, антички урнатини и водопади. Џунглата, меѓутоа, знае да биде онолку опасна колку и што е убава. Поради тоа, треба да сте исклучително претпазливи и да избегнувате отровни пајаци, роеви пчели и други опасности кои можат значително да ви го загрозат одморот.

Со истражувањето е тесно поврзана и новата вештина – археологија. Низ џунглата се расфрлани места за ископување каде што симс ликовите можат да пронаоѓаат древни артефакти и мистериозни реликвии. Откако ќе ги ископаат, тие можат да ги анализираат на археолошката работна маса за да ја утврдат нивната автентичност и вредност, внимавајќи притоа да не држат во рацете само внимателно изработени фалсификати.

Доколку му пружите доволно време на додатокот, Jungle Adventure ќе ви дозволи да откривате и навлегувате во скриените Омискански храмови. Секоја посета на храмот е уникатна, бидејќи распоредот на стапиците и загатките се менува, нудејќи нови предизвици. Вашите симс ликови мораат внимателно да ги набљудуваат околните симболи за да ги деактивираат стапиците и да ги отворат тајните премини. На крајот од секој храм ги чека ковчег со богатство, кој може да содржи ретки артефакти, пари или мистични реликвии.

Овие реликвии се составени од два дела, кои кога ќе се спојат со рафиниран кристал, создаваат моќен предмет. Во зависност од комбинацијата, реликвијата може да даде благослов (како заштита од опасности) или проклетство. Среќно доколку сакате ризично да живеете!

Покрај новите вештини и светот, пакетот воведува и костури, но само како привремен облик на живот. Имено, симс ликовите можат да се претворат во костури на два дена со помош на одредена реликвија, или пак да повикаат костур-помошник кој ќе им помага со домашните обврски. Пакетот вклучува и над 170 нови предмети во режимите за градење и купување, како и нова облека, фризури и додатоци. Додадени се и две нови животни аспирации поврзани со истражување на чунглата и градење кариера како археолошки научник.

The Sims 4: Jungle Adventure е амбициозен и содржински богат пакет кој нуди возбудливо и интерактивно искуство за играчите кои сакаат авантура и истражување. Можноста за откривање на древни храмови, собирање артефакти и учење за нова култура го прави еден од поинтертесните game-пакeти, што е особено идеално доколку сакате со вашите симс ликови да отидете на едно навистина незаборавно патување.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Maxis
  • Издава: Electronic Arts
  • Жанр: симулација
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments