Kromlech е игра која амбициозно се залага да ги спои жанровите на акциона авантура, RPG и rogue-lite механики. За тоа дали ќе успее останува времето да покаже. Со оглед на тоа дека се работи за игра која е дел од раниот пристап на Steam, допрва ќе се работи на клучните механики, од кои дефинитивно би го издвоиле следново:

Најважни карактеристики:
- Иновативен систем на кризи: Свет динамично се менува и остава трајни последици доколку не ги решите големите настани за 30 дена.
- Органско напредување на ликот: Класичните нивоа се заменети со систем на репутација, воени бои, руни и мистични напивки.
- Предизвикувачки rogue-lite механики: Светот и непријателите стануваат посилни по секоја ваша смрт. Поради ова, се бара екстремно внимателен тактички пристап.
- Минималистички интерфејс: Отсуството на мини-мапа знае да биде и клетва и благослов
- Уникатен систем за лекување: Лечење преку борбени крикови (повеќе за ова во долните редови)
Инспирирани од Gothic
Kromlech обработува дејство кое е сместено во мрачен фантазиски свет инспириран од келтската митологија. Во улога на Кронах, ќе имате за задача да преживувате во средина каде што челикот и магијата се единствените алатки за опстанок. Уште на самиот почеток, има многу работи кои алудираат на јасна инспирација од класиците од раните 2000-ти години. Целта во Kromlech, како што ќе видите во долните редови, не е да се чувствувате удобно и да бидете водени во рака. Целта е да бидете казнете за вашето невнимание, да се мачите и да викате има ли уште.

Наместо стандардни дрва на вештини, вашиот лик се создава преку нанесување воени бои, консумирање мистични напивки и врежување моќни руни на самата опрема која ја користите. Секоја предност во Kromlech е од особено значење, особено кога ќе се земе во предвид иновативниот систем на кризи. Се работи за циклус кој е со времетраење од 30 дена. За тоа време, принудени сте да решавате големи светски настани. Доколку не успеете во нивното разрешување, светот добива трајно оштетување кое ем ја менува мапата ем го прави патувањето значително потешко. Ако не ги решавате настаните светот станува потежок, а ако умрете за време на настаните, светот пак ве казнува и станува потежок. Во многу ситуации, што и да правите, шансите се против вас, особено кога ќе земете во предвид дека немате мини мапа и си имате работа со крајно минималистички дизајн на корисничкиот интерфејст. Добра работа? Секојпат кога имате потреба од лечење, можете да се врескате затоа што е општо познато дека кога не ви е добро, испуштање гласни воени крици е лекот.

Би можеле да помислите дека имаме нешто против играта, но навистина не е така. Ни се допаѓаат уникатните идеи, но не и начинот на кој се реализирани. Иако концептот за тактичка борба звучи одлично во теорија, практичната изведба моментално предизвикува голема фрустрација. Моментно, имате проблематично фокусирање кон непријателите, а никако не помага ни непрецизниот систем за избегнување удари кој често не реагира навреме. Дополнително, како што споменавме во два наврати, играта користи исклучително казнувачка rogue-lite механика каде што при секоја смрт на играчот, непријателите стануваат посилни и добиваат засилувања. Ако не сте Dark Souls фан или мазохист во душа, не знаеме колку би уживале да бидете елименирани со удар два.

Kromlech е проект со огромен потенцијал кој релативно успешно ја буди носталгијата по хардкор RPG насловите, но се поставува прашање за тоа колку ќе може да го задржи истото внимание. Светот, механиката на кризи и длабочината на персонализацијата се несомнено интригантни и нудат одлична основа, но, сега за сега, играта страда од сериозни технички проблеми и несмасна борбена механика. За обожавателите на екстремни предизвици ова е наслов кој вреди да се поддржи уште сега, но за поголемиот дел, веројатно е најдобро да се почека додека развивачите не ги имплементираат веќе најавените подобрувања.








