Полека, но сигурно, хардвер светот се подготвува за новогодишните празници. Оваа недела ова беше и поизразено со куп вести за поевтини цени за „Black Friday“. За жал тоа значеше дека нема премногу простор за новитети од светот на хардверот. Huawei претстави нов паметен телефон, но компанијата поради санкции веќе неколку години не смета на продажба на пазарите во западните држави. Raspberry Pi Ltd ни претстави повеќе нови уреди.
Sony PlayStation 2 продаден во 160 милиони примероци
По повод 30-годишнината на PlayStation, Sony лансираше веб-страница која открива интересни факти од својата историја, вклучувајќи ги и долго очекуваните податоци за вкупната продажба на конзолата PlayStation 2.
Веб-страницата го потврдува она што веќе го знаевме PlayStation 2 е најпродавана конзола. PlayStation 2 е продаден во над 160 милиони примероци од неговото издавање во 2000 година. Овие бројки го направија најпродаваната конзола на сите времиња. Поголемо изненадување е остатокот на листата. На второ и трето место се наоѓаат две конзоли на Nintendo: Nintendo DS со 154,02 милиони продадени примероци и Nintendo Switch со 146 милиони продадени единици.
Иако веќе беше познато дека PS2 го држи рекордот како најпродавана конзола, ова е првата официјална потврда од Sony за бројката од 160 милиони продадени примероци. Единствената конзола која би можела во блиска иднина да го надмине PS2 е Nintendo Switch. Во моментов нејзината продажба значително опадна, бидејќи пазарот со нетрпение очекува вести за нејзиниот наследник.
Huawei Mate 70
Huawei ја продолжува својата стратегија за технолошка независност со новата серија телефони Mate 70. Оваа серија, започна со продажба минатата недела, доаѓа со најновиот оперативен систем на Huawei, HarmonyOS NEXT. Оперативниот систем претставува целосно независна платформа, надградувајќи ја досегашната верзија. Ова е значаен чекор и доаѓа поради постојаните санкции од страна на САД. Блокадата го ограничија пристапот на Huawei до напредни чипови и софтвер.
Mate 70 е надградба на Mate 60. Huawei не откри детали за чипот во новиот уред, но станува збор за Kirin 9020. Чипот доаѓа со 12 јадра, од кои две се моќни, шест „средни“, и четири штедливи јадра. Графичкиот процесор M920 е истотака креиран од Huawei. HarmonyOS NEXT е комплетно нов софтвер на компанијата наменет за паметни телефони, вели Ричард Ју, раководител на одделот за потрошувачки производи. Производителот ветува дека овој оперативен систем ќе биде сериозен конкурент на Android и iOS на кинескиот пазар, особено благодарение на напорите за привлекување на програмери кои ќе го збогатат екосистемот на платформата.
Во Кина, Mate 70 веќе предизвика значителен интерес. Телефонот има над 3 милиони резервации на само една од онлајн продавниците. Цената на серијата варира од 759 долари за основниот модел Mate 70, до 1173 американски долари за Mate 70 Pro+. Покрај ова, Huawei го претстави и својот најнов смартфон на преклоп, Mate X6, чија цена започнува од 1795 американски долари.
Компанијата ја нагласува важноста на вештачката интелигенција во новите уреди. Телефоните доаѓаат со напредни алатки за фото-уредување, што веќе неколку години е тренд во индустријата за паметни телефони, каде што производителите се обидуваат да ги привлечат корисниците со нови AI функционалности.
И покрај ограничувањата на меѓународниот пазар, Huawei забележува значаен успех на кинескиот пазар, враќајќи се меѓу првите пет производители на телефони во Кина. Оперативниот систем HarmonyOS NEXT има значителна улога, нудејќи надградба и за постари модели на телефони. Компанијата, со континуираниот напредок, како да сака да покаже дека не е попречена од санкциите и дека останува конкурентна во светот на технологијата.
Излезе Raspberry Pi Pico 2 W
Фондацијата Rasperry на 25 ноември го претстави Raspberry Pi Pico 2 W. Уредот претставува надградба на серијата Pico, додавајќи Wi-Fi и Bluetooth функционалности преку безжичниот модул CYW43439, по цена од 7 долари. Raspberry Pi Pico 2 W се базира на новиот микроконтролер RP2350.
Оваа надградба овозможува дополнителна флексибилност за различни проекти, истовремено задржувајќи компатибилност со претходните модели. Хардверските подобрувања вклучуваат двојадрен Arm Cortex-M33 процесор со работна фреквенција до 150 MHz. Ова претставува напредок во споредба со Cortex-M0+ кај оригиналниот Pico W. Процесорот е придружен со 520 KB SRAM и 4 MB QSPI флеш меморија, што ги подобрува можностите за операции кои бараат повеќе меморија.
Дополнително, Pico 2 W нуди 26 дигитални I/O пинови, 12 програмабилни I/O (PIO) машини и 4х12-битни ADC аналогно-дигитален конвертор (ADC). Ова овозможува повеќе опции за поврзување на хардвер. Корисниците лесно ќе може да го користат за проекти како роботика или сензорски мрежи.
За жал и покрај новитетите, Pico 2 W користи micro USB конектор наместо USB-C. Ова е пропуштена можност за модернизација, но не ја нарушува вкупната функционалност. Со оглед на цената и техничките карактеристики, Pico 2 W останува одлична опција за креатори и хобисти кои бараат надградба на перформансите без преголема промена на цената.
Raspberry Pi Compute Module 5
Додека најголем дел од производителите се подготвуваат за „Black Friday“ и „Cyber Monday“ Raspberry Pi Ltd продолжи да претставува електроника. Raspberry Pi Compute Module 5 беше претставен на 27 ноември. Уредот го задржува дизајнот на Compute Module 4, но доаѓа со значителни подобрувања во перформансите. Compute Module 5 е надградба за корисниците кои бараат компактно и приспособливо решение за нивните проекти. За разлика од стандардниот Raspberry Pi 5, Compute Module 5 е фокусиран на индустриски и комерцијални апликации за кои е потребна поголема флексибилност.
Compute Module 5 е достапен во повеќе варијанти, со различни опции за RAM, складирање и безжична поврзаност. Основната верзија доаѓа со 2 GB RAM и без eMMC и Wi-Fi. Најмоќната варијанта доаѓа со 8 GB RAM, 64 GB eMMC и Wi-Fi. Комплетите за развој, вклучуваат дополнителни алатки и компоненти, како IO плоча, куќиште и пасивен ладилник.
Главните подобрувања кај Compute Module 5 се базираат на BCM2712 SoC. Уредот доаѓа со четири-јадрен процесор Arm Cortex-A76 кој работи на 2.4 GHz и VideoCore VII GPU со 800 MHz, кој поддржува OpenGL ES 3.1 и Vulkan 1.2. Овие надградби овозможуваат поголема процесорска моќ и графички капацитет во споредба со Compute Module 4.
Иако Compute Module 5 го задржува истиот изглед и конектор како Compute Module 4, компатибилноста со додатоци од постарите верзии варира. Некои додатоци, како што е Waveshare CM4-NANO-B, работат без проблеми. За жал, други може да бараат ажурирање или прилагодување, пишува Tom’s Hardware. Поради ова, корисниците треба внимателно да изберат додатоци кои се оптимизирани за CM5.
Цената за основниот модел на Raspberry Pi Compute Module 5 со 2GB RAM, без eMMC складирање и без Wi-Fi е 45 долари. Покрај основниот модел, достапни се и други варијанти со различни конфигурации на RAM, eMMC и опционална безжична поврзаност. Цените се зголемуваат во зависност од избраните спецификации. Најнапредниот модел со 8GB RAM, 64GB eMMC и Wi-Fi чини 95 долари.