Kulebra and the Souls of Limbo е авантуристичка игра развиена од студиото Galla, основано во 2015 година од двајца браќа од Доминиканската Република со седиште во Илиноис, САД. Инспирирани од класичните игри од нивното детство, браќата успеле да создадат уникатно искуство сместено во Лимбо – живописен задгробен свет со латиноамерикански шмек, исполнет со опасности, интриги, хумор и длабоки мистерии. Играта претставува еволуција на нивниот претходен мобилен проект, давајќи им нов живот на ликовите и светот во форма која е поблиска до класичните авантури.

Танц и игра
Еден од највпечатливите аспекти на играта е нејзиниот уникатен визуелен стил. Вашиот лик, Кулебра, потсетува на змија направена од најразлични коски. Целиот свет е претставен во 2Д, со изглед како да е рачно изработен целосно од хартија. Овој прекрасен визуелен трик создава неповторливо искуство. Преубавата шаренолика графика, инспирирана од латиноамериканската култура, заедно со релаксирачката музичка подлога, допринесуваат до пријатна и речиси безбедна околина, иако Лимбо крие и свои опасности. Атмосферата е проткаена со хумор и лесна забава, правејќи го патувањето низ задгробниот живот изненадувачки весело.

Како Кулебра, ќе имате за задача да ги истражувате различните делови на Лимбо. Гејмплејот комбинира класични елементи на авантуристички игри со модерни сензибилитети. Кулебра се тркала лево-десно, разговара со шареноликите жители на Лимбо, собира предмети и траги, и ги комбинира за да решава загатки на креативни начини. Понекогаш е потребно и малку да ја стркалате змијата за да удрите во, пример, дрво за да дојдете до потребен предмет. Овие ситуации јасно укажуваат на влијанието од класичните point-and-click авантури. Играта вклучува и лесни акциони и скришум секвенци кои го забрзуваат темпото во споредба со традиционалните игри од жанрот. За да не мора да помните сè, секогаш ви е достапен бележник каде се запишуваат важни информации и траги, олеснувајќи го вашето напредување низ авантурата.

Основната цел е да им помогнете на душите заглавени во Лимбо да ги надминат своите трауми, загуби и последиците од неможноста да продолжат понатаму. Многу од жителите се заробени во временска јамка, повторувајќи го истиот ден одново и одново. Кулебра, како светла душа е уникатна и се сеќава на сè, имајќи способност да го менува циклусот на денот (утро, попладне, вечер). Ова ви овозможува да откривате различно однесувањето на ликовите, да чепкате подлабоко во нивните животни приказни и да предизвикувате трајни промени. Преку разговори, истражување, емпатија и детективска работа, Кулебра може да ги обележи душите, помагајќи им да се соочат со она што ги држи заробени и конечно да најдат мир. Играта посветува големо внимание на дијалозите помеѓу харизматичните ликови и разработува значајни моменти поврзани со дружбата и заедничките напори за пронаоѓање смисла во овој необичен свет. Лимбо е населен со најразлични духови, ентитети и суштества – некои се сојузници, додека други имаат свои, можеби и мрачни, мотивации.

Kulebra and the Souls of Limbo нуди освежувачки пристап кон авантуристичкиот жанр. Со својот впечатлив визуелен стил, мешавина од класични и модерни механики, интригантна приказна за справување со минатото и шармантна атмосфера, играта ветува уникатно и забавно искуство. Таа е погодна како за ветераните на жанрот, така и за почетниците кои сакаат да се впуштат во една поинаква авантура исполнета со мистерија, хумор и срце. Потребата од остро око, брз ум и детективски вештини ја прави играта предизвикувачка, додека нејзиниот лесен тон и фокусот на ликовите ја прават привлечна и емотивна.