Денеска, да се биде девелопер на игри е профитабилна, но исклучително ризична кариера. 2023 година бележи отпуштања на 10,500 вработени во гејмерската индустрија, а само во првата половина на 2024, најновите извештаи сведочат за бројка од над 10,000 отпуштени.
Тоа се над 20,000 откази за само 18 месеци. Брутално. Со цел да им помогнеме на сите моментни и идни девелопери на игри, решивме да разгледаме дел од нашите интервјуа и да ги извлечеме најкорисните совети од ветераните на индустријата.
Совет #1: Визија, страст и истрајност
Во разговорите со поголемиот дел од девелоперите, забележавме дека ова е светото тројство во гејмерската индустрија. Мора да знаете што сакате да правите, мора да го сакате тоа што го правите и мора да сте неуморни во исполнување на таквото нешто! Без желбата да се истераат до крај овие три работи, ризикувате неуспех уште во самиот старт.
Артиом Комаров и Скот Кристијан, од инди студиото Hilltop инсистираат да се: погрижете да започнете со нешто, со некаква идеја за која имате страст. Видовме многу инди-развивачи го започнуваат својот процес од позицијата „ќе правиме она што мислиме дека ќе се продава“. Со сите издавачи со кои разговаравме за нашата идеја за игра со Lil’ Guardsman, константно слушавме дека сме навистина страствени и дека имаме голема желба да ја направиме играта. Сметаме дека ова е исклучително важно во процесот на развивање. Треба многу време да се направи една игра. Порано или подоцна, работите ќе станат тешки. Доколку сакате да ја остварите целта, потребно е да го сакате тоа што го правите.
Worldless е феноменална игра токму поради одбивањето да се слепо следат одредени трендови. Како што Noname студиото објаснува: „Една работа која беше клучна за сите нас беше да правиме игра што сакаме да ја играме. Не се мачевме со следење трендови или цврсто-воспоставени правила во гејминг.“
За тоа дека страста е клучен двигател се согласува и младиот, но крајно амбициозен хрватски девелопер Ловр Гобин. Тој смета дека: „страста е клучна: имајте силна желба да го сакате тоа што го правите. Тоа е горивото кое ве одржува, особено во предизвикувачки времиња.”
На ова само се надоврзува Џереми Берсон, од ултра популарната V Rising и објаснува дека треба да: „направите игра што сакате да ја играте, но не заборавајте дека создавате искуство за другите! Изберете тема што ја разгорува страста во вашиот тим, третирајте ги вашите ликови од играта како поп ѕвезди и создадете универзум што изразува идентитет.
Македонското студио Workbench Entertainment е свесно дека ова е сурова индустрија во која може да се успее само преку напорна работа, но мора да сме истрајни во намерата:
„Никогаш не се откажувајте и не губете мотив доколку немате буџет и поддршка од локалните спонзори или кој и да е. Со напорна работа и труд може да се постигне буквално сѐ“.
Совет #2: Почнете скромно
Како за почеток, голем дел од ветераните никако не препорачуваат да бидете нереално амбициозни. Токму поради тоа Лина Андерсон, од Dinomite Games, препорачува да: „започнете со мала игра, а потоа работете нагоре. Така, на пример, да кажеме дека имате игра со средна големина што сакате да ја креирате; обидете се да направите неколку помали игри каде што можете повторно да користите делови во вашата игра со средна големина. Вака, ем добивате тон искуство, ем објавувате игри за кои се надевате дека можат да генерираат приход, паралелно додека работите кон вашата игра од соништата!
Сличен совет дава и Серхио Гонзалес Хименез, креативниот директор од Team Delusion. Неговиот најдобар совет е: „ако сакате сами да направите игра, обидете се со сите средства да ја направите играта кратка, и секако интересна. На тој начин ќе се соочите со што повеќе неочекувани промени.“
„Осмелете се да сонудате амбициозно, но бидете свесни за вашите ограничување, немојте да се истрошите на самиот почеток.“ – C2 Game Studios!
Совет #3: Константно учете нови работи и собирајте повратни информации!
Ако го прашате Ловр Гобин на оваа тема тогаш ќе добиете повратна информации дека треба константно да учите! „Гледајте на развивањето игри како на универзум од можности. Како кога истражувате нов град, што повеќе навлегувате во него, толку повеќе откривате за него! Се работи за една секогаш променлива и неочекувана авантура, уживајте во патувањето каде постојано се здобивате со нови вештини и техники.“
Од студиото C2 Game Studios објаснуваат дека ќе правите грешки, многу грешки, но: „никако не бегајте од нив, признајте си ги грешките, научете од нив, ризикувајте и бидете спремни да ги прифатите критиките кои произлегуваат од она што најмногу сакате да го работите.“
Лина објаснува дека треба да ја тестирате вашата игра рано и често „и со пријателите и со оние што не ги познавате. Од клучна важност е да добиете повратни информации за тоа што е забавно и како да ги подобрите работите! Ако нешто е забавно во фазата на прототип, тогаш знаете дека сте на добар почеток сте!“
Совет #4: Маркетинг стратегија
Македонското студио Maximus Ludos Studios, најдобро познато по нивната игра Echoes World смета дека идеите и имагинацијата се клучни и дека се бара од девелоперите: „максималната посветеност, желбата и љубовта кон видео игрите. Но, тие потенцираат да: „посветете огромно внимание на промоција на играта, бидејќи без разлика колку играта е добра, без соодветна маркетиг стратегија ќе се изгуби во дневниот метеж од објавени над 3,000 игри.“
Оваа мислење го дели и Серхио Гонзалес Хименез, креативниот директор за Guayota. Тој смета дека рекламирање на играта е од исклучителна важност „дали преку компанија за маркетинг или односи со јавноста, или преку ресурсите на самиот издавач. Ова едноставно треба да го направите. Колку побрзо започнете, толку подобро!
Совет #5: Здравје и уживање!
Колку пати сте ја слушнале изреката: Ако се нема здравје, сѐ е џабе? Ова е двојно важно за девелоперите. Ако не сте живи и здрави и ако не уживате во тоа што го правите, тогаш зошто и воошто го правите? Што е поентата? Пари? Во потрагата по комерцијалните бенефити, ризикувате озбилно да ги нарушите здраствените.
За ова особено се согласува и Лина Андерсон. Таа ве потсетува да: „не заборавите да дадете приоритет на вашето здравје! Во индустријата за игри многу е лесно да бидете разработени до точка на исцрпеност, дури и кога работите нешто што го сакате. Затоа, не заборавајте дека е во ред да правите паузи; сепак се работи за маратон, а не спринт!
Noname Studio никако не сакаат да се работите во лоши услови! Тие сметаат дека: „навистина нема потреба да се страда повеќе отколку што е потребно, особено во индустријата со развивање игри и особено кога ќе земете во предвид дека основата на програмирањето и онака е доволно стресна!“
„Најважно од сѐ, уживајте во процесот!, ве замолува Ловр Гобин: „Не е во прашање само дестинацијата, уживајте во патувањето. Развивање игри е креативно залагање, потребно е да најдете радост во процесот, тоа е нешто што е најважно за успех на подолги стази!“
Како за крај, ве оставаме со можеби најдобриот совет кој доаѓа од македонското студио Three Cats Games:
Оние кои веќе изработуваат игри нека продолжат, а оние кои се двоумат, без страв нека започнат. Нека испитаат какви игри сакаат играчите, а не какви игри нив им е убаво да прават. Секогаш поставете си го прашањето, како да се разликувате од другите? Да му покажеме на светот дека и од Македонија може да излезат квалитетни игри :)