Made in Macedonia хардвер: Капачиња со македонски букви за механичка тастатура

Група од повеќе ентузијасти секојдневно на Discord работи на првите македонски капачиња за механички тастатури. Кај сите е присутна желбата да се направат македонски капачиња, а конечно благодарение на шведски ентузијасти успеаја да дојдат до контакт со кинеска фабрика која може да ги изработи капачињата и во поширок продукциски аспект…. што технички ова би го направило продуктот: Designed in Macedonia, assembled in China наместо традиционалното Made in Macedonia, но тоа и не е толку важно во денешнава глобализација. :)

За предизвиците, потешкотиите за дизајнирање и изработка на капачиња од Македонија зборувавме со chevy (Андреј), fuzzjaw (Андреј) и osum (Христијан) …

Од каде толкав интерес за креирање на „DIY“-механички тастатури?

chevy: “Механичките тастатури имаат поединечни механички прекинувачи под секое капаче, па заради тоа се попријатни за пишување, поиздржливи и поприспособливи од типичните тастатури со мембрана. За разлика од мембранските, механичките прекинувачи (свичеви) не мора да се притискаат до крај за да се активираат. Корисниците можат да го избегнат непријатното чувство на притискање до основата со полна сила (bottom out).  Со други зборови, можете да пишувате без напор и поудобно на механичка тастатура отколку на обична тастатура. Оваа анатомска разлика додава отпор и звук на свичевите, што им дава слобода на корисниците да ја приспособат тастатурата според нивните потреби.

Бидејќи приспособените механички тастатури обично треба да се составуваат, многу полесно e да се прилагодат и менуваат различните аспекти по желба на корисникот. Ова е голем дел од хобито. Без разлика дали сакате да го добиете најдобриот звучен профил или најдоброто чувство за пишување, приспособената механичка тастатура го олеснува постигнувањето на овие цели. Механичките тастатури се хоби ширум светот со години. Имаат историја која содржи проекти од заедницата, групни купувања, посветени форуми, чат сервери, ниши во нишата (како артисан капачиња) и од неодамна големи брендови кои инвестираат во индустријата, соработувајќи директно со заедницата.”

Рендер на XMI PBT капачиња со црвени македонски сублегенди © XMI

Како започна проектов? Со кои предизвици се соочивте при правењето на капачињата?

chevy: “Желбата да се направат македонски капачиња за механички тастатури беше присутна од поодамна. Меѓутоа, немавме контакт со фабрика која би можела да ги произведе овие капачиња по нашите спецификации и прифатлива цена. Успеавме да најдеме контакт со фабрика во Кина преку шведски ентузијасти кои нудат групни купувања за повеќе јазични региони. На почеток, предизвикот беше да се најдат што повеќе заинтересирани корисници на механички тастатури и да се промовира оваа групна продажба. Поради заинтересираноста успеавме да направиме групна продажба во која секој ќе може да купи македонски капачиња. Во последната групна продажба, капачињата од оваа фабрика беа распродадени во првите 3 минути. Мислам дека тоа доволно говори за квалитетот на овие капачиња и популарноста на хобито.

Пред нас е стартот на продажбата, каде допрва ќе информираме за целиот купопродажен процес. Ние како ентузијасти сакаме да ги видиме овие капачиња на нашите тастатури. Немаме заработка од овој проект, со цел цената на капачињата да биде што е можно пониска за повеќе луѓе да ги купат. Цената на македонските капачиња ќе биде околу 47 долари плус трошоци за испорака. Плаќањето ќе се извршува преку PayPal.”

Од последниот митап во Скопје © fuzzjaw

Опишете ни го детално процесот на правење на капачињата… Kои материјали и опрема се потребни?

fuzzjaw: “Процесот на изработка на капачињата е релативно едноставен. Истите се изработени од пластика која се топи во калапи за секое капаче индивидуално. Калапите се прилично скапи и поради тоа нема голем број на фабрики кои изработуваат квалитетни капачиња. 

Главните разлики помеѓу различните видови капачиња се во начинот на кој се испечатени легендите (букви и знаци), како и во материјалите кои се користат. Кога станува збор за легендите, има два избори, dye sublimation и double-shot. При dye sublimation (dyesub) легендите се испечатени на капачињата, додека кај double-shot, легендите се направени од втор слој пластика како дел од самото капаче. 

Кога станува збор за материјали, двете опции кои се користат се ABS и PBT. ABS пластиката важи за помека, но по долготрајно користење самата површина станува посјајна. PBT, од друга страна, е потврда пластика со која се добива подлабок звук при пишување, и е многу потешко да избледи. Покрај ова, има и мали разлики во текстурата на самото капаче, но тоа се сведува на лични преференци.  Македонските капачиња ќе бидат изработени со dye sublimation метод, од PBT пластика, што значи дека истите ќе бидат релативно трајни.”

osum: “Од перспектива на звук, генерално PBT капачиња се посакувани поради длабокиот звучен профил, споредено со ABS капачиња каде се поистакнати високите фреквенции. Оваа разика е уште поголема во случај на XMI капачиња бидејќи се со дебелина од 1.6mm што е поголема од останатите конкуренти на пазарот како ePBT, IFK, CRP итн.”

Различни бои на сублегенди и јазици © XMI

Kаде може да се најдат капачињата? Дали се комерцијално достапни?

fuzzjaw: “Капачињата ќе бидат достапни само преку македонскиот Discord сервер, на кој е направен посебен канал каде редовно објавуваме статуси за групната продажба. На истиот канал може секој да се информира околу капачињата, и да праша доколку нешто го интересира а не е веќе одговорено. 

Процесот на купување е малку некарактеристичен за луѓе кои не се запознаени со хобито. На почеток, се прават нарачки при што може да се купат еден или повеќе сетови во одредена временска рамка. Во нашиот случај, максимумот при една нарачка е три сетови македонски капачиња. Купувачите ќе може да изберат 14 различни бои за латинските легенди и македонските сублегенди, не само црвените кои ги гледаме на рендерот. Дополнително, ќе има и избор на 4 PBT бои. По истекот на временската рамка, капачињата влегуваат во производство и ќе бидат испорачани до купувачите.”

XMI капачиња со руски сублегенди © u/mi9ol Reddit

Дали овие капачиња може да се користат за која било механичка тастатура?

fuzzjaw: “Капачињата се компатибилни со механички тастатури кои користат Cherry MX тип на свичеви, карактеристични по врвот кој има форма на знакот плус. Тука влегуваат и свичеви од сите други производители кои го користат овој патент на свичеви, како на пример Gateron, Outemu, Kailh, Durock итн. “

XMI капачиња во кеса © KeebsForAll

“Она што треба да се запази е распоредот на свичевите на тастатурата на која би сакале да ги користите капачињата, бидејќи некои производители користат нестандарден распоред за кој можеби ќе ви фалат некои капачиња од сетот. Најдобро е да ја проверите вашата тастатура и да се осигурате дека истите се компатибилни. 

Македонскиот сет капачиња ги поддржува следните распореди на тастатури: 60%, HHKB, Alice, 65%, 75%, TKL, 1800, 100%.

Доколку не сте сигурни, слободно може да прашате во локалниот Discord сервер за механички тастатури, каде има ентузијасти кои со задоволство ќе ви помогнат.”

Текст: 65% е еден од најпопуларните распореди © Dangthe
Тастатура со Alice распоред © osum
HHKB тастатура со артисан капаче © chevy

Има ли доволно публика за овој niche за да се отпочне бизнис од вашиот проект или е исклучиво хоби?

fuzzjaw: “Овој проект е направен чисто од љубов према хобито. Како што спомена chevy, ние немаме никаква заработка од истиот, бидејќи целта на проектот беше да се направи сет капачиња со наши легенди, кои ќе имаат најниска можна цена за да се подостапни за било кој што сака да ги купи.

Ова е воедно и прв македонски проект за креирање на македонски Cherry MX капачиња, на што сме особено горди. Мило ни е што интересот за сетот е поголем од она што очекувавме, па се надеваме дека ова ќе помогне хобито да стане распострането и подостапно во Македонија. 

Во меѓувреме, доколку има локална продавница која би сакала да го понуди сетот како дел од својата понуда, истите ги охрабруваме да нè контактираат. “

оsum: “Настрана од заинтересираноста за овој конкретен проект, мило ми е што гледам значителен раст на хобиво во Македонијa. Причината за постоењето на овој проект е самото community и се надевам дека во иднина ќе може да прерасне во нешто поголемо, со што ќе можеме да развиваме многу нови амбициозни проекти поврзани со механички тастатури. Maybe the real hobby is the friends we made along the way.

Сакате да дознаете повеќе како функционираат механичките тастатури?

Проверете го овој серијал кој е напишан од Андреј (fuzzjaw):

А секако не ја пропуштајте и колумната/рецензија на @Oktar за пар механички тастатури:

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Kоментари на статија (0)Што се дискутира на ИТ форум...

Нема одговори сè уште.

Loading new replies...

Група од повеќе ентузијасти секојдневно на Discord работи на првите македонски капачиња за механички тастатури. Кај сите е присутна желбата да се направат македонски капачиња, а конечно благодарение на шведски ентузијасти успеаја да дојдат до контакт со кинеска фабрика која може да ги изработи капачињата и во поширок продукциски аспект…. што технички ова би го направило продуктот: Designed in Macedonia, assembled in China наместо Made in Macedonia, но тоа и не е толку важно во денешнава глобализација. :). :)

За предизвиците, потешкотиите за дизајнирање и изработка на капачиња од Македонија зборувавме со chevy (Андреј), @fuzzjaw (Андреј) и osum (Христијан) …

одговори 8 лајкови

види цела содржина...
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk