Вчера, ви предложивме да започнете со Halloween-ското расположение така што ќе ја проверите штотуку излезената Ripout. Чедото на Pet Project Games ни остави впечаток на одлична отскочна штица за она што би можело да се развие во исклучително тензичен викенд. Поради тоа, решивме да прошетаме низ штотуку излезените игри и да извлечеме уште три хорор игри. Игрите кои ги одбравме за вас не би можеле повеќе да се разликуваат една од друга, но сепак сакавме да ги истакнеме и на вас да ви дозволиме да извлечете заклучок дали да ги заиграте или пак целосно избегнете. Happy Halloween!
GIVEAWAY! Creepy Tale: Ingrid Penance за најбрзиот читател!
Организиравме мистериозна игра каде брзината е од клучно значење. Пст, имаме еден код за вас!3T29-4J8H-HR6M
Не кажуваме дали е кодот за PC или конзола (тоа е мистериозниот дел) оставаме на најбрзиот и најпаметниот читател да заклучи каде и како да го активира кодот и да ужива во впечатлива, но длабоко вознемирувачка авантура. Ingrid Penance целосно ги оправдува 95% позитивните Steam рецензии на гејмерите. Доколку и пристапите со отворен ум, ќе наидете на хорор искуство полно со бизарни настани, но и предизвикувачки загатки. Приказната влече силна инспирација од делата на Ханс Кристијан Андерсен и браќата Грим!
Доколку успеете да го активирате кодот, би ценеле да оставите коментар и да ни кажете дека вие сте среќниот добитник!
СРЕЌНО!
The Fabulous Fear Machine е една од најуникатните инди хорор симулации
Исклучително тешко е да се опише The Fabulous Fear Machine, а уште потешко е да се навлезе во суштината на играта. Развојното студио Fictiorama Studios се има погрижено да направи крајно уникатна игра која никако не би можела да се поистоветува со некоја друга. Како резултат, играчите се наоѓаат на спор старт кој бара огромна доза внимание и учење на бројните, комплексни механики. Но, во моментот кога топката ќе почне да се тркала, во моментот кога ќе ги зграпчите сите конци ќе ја разберете клучната идеја која стои зад играта и ќе започнете со свирепа манипулација и сеење нерационален страв врз вашите непријатели – во тој момент, The Fabulous Fear Machine ќе ви влезе под кожа и паразитски ќе го цица целото ваше слободно време.
За што се работи?
The Fabulous Fear Machine е наративна стратегија со јасен пулп хорор стил. Во играта имате за задача да сеете страв на популацијата така што ќе играте на карти кои произлегуваат од шпил скроен според страшни приказни, урбани митови и теории на заговор. Поставувајќи агенти низ различни локации на мапата и собирајќи и управувајќи со клучни ресурси, вашата задача ќе биде да одлучите како ќе се справите со настаните кои се расплетуваат во симулацијата.
Како хорор остварување кое се одликува со богата наративна вредност, The Fabulous Fear Machine има за задача да ги оствари вашите најдлабоки желби, независно од тоа дали се работи за моќ, пари, или слава. За да дојдете до таквата ултимативна цел, светот е ваше дигитално игралиште низ кое сеете над 80 таканаречени легенди, а потоа гледате како семето што сте го засадиле полека пушта корени, а стравот ги зафаќа умовите на огромен број жители.
The Fabulous Fear Machine има препознатлив стриповски стил, со одлични и јасни цртежи и анимации кои одлично се вклопуваат во севкупниот дизајн. Како резултат, вистинско задоволство е да поминувате низ бројните дијалози, табелари и да донесувате најразлични одлуки, за да потоа гледате како и на кој начин реагира населението. Ова не е вашата карактеристична хорор игра, но многу работи, првествено бројните легенди, односно стравови што ги сеете низ популацијата, ја прават The Fabulous Fear Machine одличен избор за Halloween!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Fictiorama Studios
- Издава: AMC Games
- Жанр: Наративна, хорор стратегија
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 4 октомври 2023
Midnight Heist e некарактеристична хорор игра со кражби и хакирање
Пред само неколку дена, како дел од раниот пристап на Steam излезе хорор игра со интересен заплет: како да се вметнат ко-оп кражби и хакирање во една хорор димензија. Инстантно заинтригирани, не губевме време во проверување на играта и она што пронајдовме е оригинално остварување во кое без проблем ќе навлезете сами или со уште тројца пријатели. Проблем е излегувањето….
За што се работи?
Midnight Heist е ко-оп хорор во кој започнувате најразлични грабежи низ Midnight City. Со оглед на тоа што кражбите знаат да бидат исклучително комплицирани, а и страшни, секогаш е подобро да одите со пријател-или-два, под услов да можете добро да се искоординирате кога се под притисок.
Како и да е, вие сте неискусен хакер кој извршува задачи за добро-познати организации. Некои од овие организации, како Black Hats, имаат за цел да ја експлоатираат секоја слабост во ситемот, а некои пак, како Satoshi, се спремни да направат се што е потребно за да се дограпчат за што е можно повеќе пари. За третата организација, Shadow, многу малку се знае, освен дека не се спремни лесно да ви веруваат и поребно е да дадете максимум за да ја оправдате нивната доверба во вас. Доколку успеете успешно да ги завршите задачи кои ви се нудат, вашата репутација се зголемува, а со тоа и ултимативната награда.
Во Midnight Heist работите почнуваат релативно нормално и на почетокот нема да имате впечаток дека се работи за хорор игра. Првествено се фокусирате на прикрадување, хакирање, крадење, како и надледување преку безбедносните камери, исклучување светла или криење во шкафчиња. Но, откако ќе се прилагодите на механиките, полека, но сигурно, ќе започнете да забележувате одредени сомнителни лица, со необјасниви способности и за надреалната опасност која зрачи од нив. За да извлечете жива глава, набргу ќе разберете дека не е се така едноставно како што се чини и некои работи подобро е да ги одбиете, отколку да ги прифатите, особено во оние места во градот каде сенките се најтемни…
На Midnight Heist ќе се работи од шест до девет месеци. Иако играта е во солидна игрива состојба и нуди две големи мапи, четири ликови за играње и горе споменатите механики, авторите ветуваат понатамошно балансирање, воведување нови мапи и настани кои ќе ја зголемат преигрувачката вредност, бројни дополнителни козметички вредности, како и прилагодување на вештачката интелигенција и тежина.
Повеќе детали за играта
- Произведува: MediaTale
- Издава: MediaTale
- Жанр: Хорор
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 25 октомври 2023
Stray Souls e хорор игра со одлична атмосфера, но со ништо повеќе од тоа
Stray Souls е игра која ветуваше много, но испорача исклучително малку. Независното студио Jukai Studio заедно со издавачот Versus Evil имаа големи надежи во играта, дури и успеаја да го ангажираат легендарниот Silent Hill композитор Акира Јамаока. Арно ама, и покрај добрите надежи и долга макотрпна работа, играта моментно има само 29% позитивни рецензии на Steam. Иако не би ви препорачале да оделите 24 евра за играта, сакавме да потенцираме една работа за неа – атмосферата.
За што се работи?
Авторот на овој текст не е љубител на јапонско-инспирирани хорор игри. Но, тешко е да се биде рамнодушен на атмосферата во Stray Souls која, уште во самиот почеток, е мајсторски изработена. Глумата е на исклучително високо ниво и актерот кој го позајмува гласот на главниот лик – Даниел, дава се од себе веродостојно да ги прикаже настаните, од секојдневни активности, преку психолошки трауми, па се до хорори во најчиста форма.
Користејќи ја предноста на Unreal Engine 5 и Metahuman технологијата, ликовите и околината е реалистична, особено на PS5. Ова, во комбинација со системи кои се засноваат на случајни избори, допринесуваат до поставување непријатели на различни места, како и непредвидливи паранормални настани и временски непогоди, при што преигрувањето знае да биде поразлично.
И покрај ова, бројни багови, особено на PC, ја прават играта или фрустрирачка или неигрива, a приказната знае да разочара бројни фанови на хорор жанрот. Со малку повеќе време посветено на искоренување на баговите, но и на осмислување поверодостојна приказна, Stray Souls лесно би можела да премине во култен класик. Вака како е, она што има пред нас е преубав хаос од неостварени идеи.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Jukai Studio
- Издава: Versus Evil
- Жанр: хорор
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 25 октомври 2023
Halloween e пред нас, а доколку барате уште неколку игри кои се соодветни за празникот, можеби не е лошо да пружите шанса и на следниве игри:
- Witchfire е предизвикувачка FPS од викторијанската ера
- The Bridge Curse Road to Salvation
- Fort Solis е впечатлив sci-fi walking simulator од ААА квалитет
- The Texas Chain Saw Massacre e асиметричен мултиплеер во која играте или како убиец или како жртва
- Lunacy: Saint Rhodes е хорор авантура со неколку краеви
- Blood West е имерзивен лавкрафтски FPS сместен во дивиот запад
- Killer Frequency e интерактивна авантура со ексентрични ликови и предизвикувачки загатки
- Layers of Fear (2023) ги обединува сите претходни игри и додатоци во едно пеколно пакување!
- Amnesia: The Bunker e нов страв во старо руво