За многумина, октомври е носталгичен месец кој се често поврзува со драстични транзиции кои се директно наметнати во временските услови. Тмурното, врнежливо време, паѓањето на лисјата и студениот ветер суптилно алудираат на празникот Halloween кој полека, но сигурна пушта корени и на нашиот терен. Во пресрет на ноќта на вештерките, голем дел гејмери го резервираат месецот (или последната недела) кон впивање хорор содржини, независно дали се работи за книга, филм, или игра. Поради тоа, крајот на месецот се користи и од гејмерската индустрија за пласирање бројни хорор игри.
За оваа недела, одбравме четири исклучително квалитетни и нови хорор игри кои би требало да ги проверите, почнувајќи прво со најблагата верзија од сите нив – Ripout!
Ripout e онлајн и ко-оп хорор FPS игра со уникатни и забавни механики
Оние кои сакаат поблаги верзии хорор игри каде акцент е на FPS акцијата никако не би требало да ја скокнат Ripout. Иако се работи за игра која е во раниот пристап на Steam, се работи за исклучително стабилна верзија во која веќе се имплементирани клучните механики. Сами или со ко-оп другарче се пробивате низ вселенски бродови полни со мутирани суштества, собирате најразличен плен и вршите корисни прилагодувања на ликот со кој играте. Звучи познато, нели?

Ripout се истакнува од морето генерични шутери по тоа што има неколку интересни и уникатни механики. Од една страна, непријателите можат да абсорбираат помали мутанти за да прераснат во значително попредизвикувачки варијанти. До некаде, и вие можете да правите одредена „реконфигурација“ на вашите способности. Имено, вашето главно оружје е, всушност, живо милениче кое при галењето разиграно ги мрда бројните нозе.

Во одредени ситуации, можете да го џитнете оружјето да нападне некој непријател, оставајќи ве вас да напаѓате со некои од останатите оружја. Откако непријателот ќе биде убиен, оружјето одново ќе ви скокне во рацете. Исто така, доколку видите мали мутирани суштества да шетаат низ бродот, можете да му наредите на вашето милениче да ги зграпчи и довлечка до вас, со што истите се поставуваат на вашето лево раме и може да се користат за лечење, пукање ласери, и слично. Сево ова нуди една посебна и невообичаено забавна димензија која е дополнително проширена од процедуралното генерирање бродови и (изборни) цели.

За секој брод имате една главна мисија, но одредени споредни цели се разликуваат при преигрувањата, со што се крева вредноста на преигрување и се зголемува факторот на напредвидливост. Низ бродовите, ќе наидувате и на специјални дата центри кои ви даваат уникатни можности, како, пример, поголема деструктивност на миленичето. Овие способности се привремени и трајат само до завршување на мисијата. Паралелно со ова, ограничени сте со муницијата и често се бара од вас да внимавате додека нишаните. Во ситуации на помалку предизвикувачки непријатели, се ограбрува и користење на ладно оружје.

Доколку сте фанови на Doom или Dead Space, отприлика знаете што да очекувате од Ripout, но исклучително важно е да имате во предвид дека ова е игра која штотуку излезе и на која Pet Project Games допрва ќе работи не само за оптимизирање на целото искуство, туку и на воведување нов непријатели и оружја.
Иако бевме задоволни со краткото време кое го поминавме во играта, сметаме дека оружјата треба да имаат поверодостоен ефект при нивното користење -некои од нив оставаат впечаток повеќе на пластични играчки отколку тежок милитаристички хардвер. Дополнително, одредени делови се премногу лесни, а во одредени делови непријателите се непоколебливо посилни инстантно ве поплочуваат, поради што се здобивме со впечаток и дека можеби не е лошо да се работи и на балансирање на тежината.




Ripout се чини како одлично прифатена од заедницата и веќе може да се пофали со 77% позитивни рецензии, што е одлична работа за производ од ран пристап кој ветува навистина многу. Искрено се надеваме дека со текот на времето уште повеќе работи ќе бидат имплементирани за да се допринесе до повпечатливо искуство. Во меѓувреме, утре е нов ден и доколку сте по хард-кор и јапонско инспирирани хорори, претпоставуваме дека не би сакале да го скокнете Halloween предлогот што ви го спремаме за утре.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Pet Project Games
- Издава: 3D Realms
- Жанр: FPS хорор
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 24 октомври 2023







