Fort Solis е впечатлив sci-fi walking simulator од ААА квалитет

Последниот период, сведоци сме на интересни Walking Simulator-и кои ја менуваат и прошируваат формулата, сѐ со цел да се пронајде идеалната публика. Не толку одамна, имавме шанса да тестираме класична верзија на Walking Simulator со Bright Lights of Svetlov, како и да ја водиме Драмер во целосно нова The Expanse авантура каде донесување одлуки ја обликува приказната… до некаде. Ние можеби не сме преголеми фанови на асиметрични хорори, како штотуку излезениот хит The Texas Chain Saw Massacre, но сме огромни љубители на игри кои даваат предност на имерзивно наративно искуство, а фрлат сѐ останато во втор план. Fort Solis е една таква игра.

Убавината доаѓа со висока цена

Направена од мал тим од дваесетина девелопери, Fort Solis се поставува како квалитетна ААА игра, иако можеби добра половина од гејмерите не го делат нашето мислење. Моментно, Fort Solis има само 49% позитивни рецензии. Причината поради големиот број негативни рецензии е лошата PC оптимизација, каде со потешкотии се одржуваат 60 FPS на моќни компјутерски конфигурации. Дополнително, дел од гејмерите се разочарани од преголемото потпирање на механики кои се својствени за еден Walking Simulator. Читајќи ги негативните рецензии, се здобивме со впечаток дека гејмерите очекувале Fort Solis да биде една работа, но излегло дека е друга, Како резултат, хајпот за играта не го оправдува финалниот резултат.

Ако и пристапите на Fort Solis со став дека припаѓа на Walking Simulator жанр, тогаш наративното искуство, имерзивните вселенски околини и веродостојната глума се способни да ве носат низ пет-часовното филмско искуство. Но, ако навлегувате во Fort Solis очекувајќи survival хорор во стилот на Dead Space или Resident Evil, тогаш сигурно би биле резочарани. За жал, дел од промо материјалот пред излегување на играта лесно можеше да наведе гејмери да мислат дека се работи за игра со хорор механики, но во суштина, Fort Solis е психолошки трилер. И сега сме тука каде сме, со 49% позитивни рецензии…

Проклетството на црвената планета

Fort Solis е замислена да биде повеќе како интерактивна ТВ серија која се простира низ четири епизоди, односно поглавја. Дејството се одвива помеѓу три ликови кои, со нивната впечатлива глума, се имаат надминато себеси и буквално ја спасуваат целата игра, особено во првата епизода, каде наративното клупче се одмотува со болно спора брзина.

Откако ќе добие аларм од далечна база на планетата Марс, Џек Лири (Роџер Кларк, Red Dead Redemption II), ќе оди да провери дали е сѐ во ред. Но, во базата Fort Solis работите не се онака како што се чини и ситуацијата ќе ескалира од лошо на полошо, поставувајќи ги сите засегнати во маѓепсан круг од навидум безизлезни ситуации.

Со оглед на тоа дека приказната е најважната точка во Fort Solis не би сакале повеќе да кажеме за неа, но би истакнале дека дејството се одвива помеѓу три лица, и покрај гласовните таленти на Роџер Кларк, ќе можете да видите како се има покажано Џулиа Браун во нејзината прва игра. За третиот актер, Трој Бејкер не е потребен никаков вовед. Глумата на сите тројца остава впечаток како ликовите во играта да се вистински луѓе, со веродостојни односи и паметно-осмислени дијалози.

Нестабилната психологија на ликовите

Како што напоменавме, Fort Solis се истакнува со филмска екранизација со бројни амбициозни меѓу-секвенци. Лесно може да бидете импресионирани од преубавите и внимателно осмислени околини. Од самиот почеток, па сѐ до крајот, играта од петни жили се труди да ве импресионира со невообичаената околина на станицата на Марс. Гејмплејот, ако може да се каже така, се заснова на (споро) одење од точка А до точка Б, истражување на деталните околини, впивање на приказната и стапување во одредени QTE настани каде во одреден дел од времето треба да претиснете соодветно копче за да се случи соодветна акција. На сево оваа, дополнителна вредност доаѓа од феноменалниот аудио дизајн и музичка подлога која ве потопува во имерзивен вонземски свет и, во комбинација со одличната графика, прави да се чувствувате како навистина да се наоѓате таму.

Целта во Fort Solis не е вртоглава TPS акција или survival хорор, туку истражување места, стапување во интеракција со предмети, слушање гласовни пораки, читање мејлови, сѐ со цел да се органски создаде силна врска помеѓу приказната и играчот за да правилно се искусат и ценат бројните елементи кај овој психолошки трилер.

Додека не се корегира лошата оптимизација на PC, би ви препорачале да ја проверите Fort Solis на PS5; преку конзолата на Sony, оптимизацијата е значително подобра и имате на располагање два графички режими за флуидно искуство. Независно од вашата платформа на избор, одредени работи би можеле да ви засметаат, дури и да сакате вакви наративни остварувања. Од една страна движењето во Fort Solis е споро, а, од друга, лесно може да се изгубите или да тапкате во круг, несигурни што и како треба да се направи. Fort Solis е линеарна игра, но на моменти, комбинација од овие два „несовршености“ може да предизвика исфрустрираност.

Врвен психолошки трилер!

Кога ќе се земе сѐ во предвид, единствена наша голема забелешка за Fort Solis е тоа што играта не е подолга од пет часа. Каризматичните ликови, преубавите околини, маестралниот аудио дизајн и одличната приказна допринесоа да се приврземе со универзумот и да посакуваме престојот да беше подолг. Но, со оглед на тоа дека гејмлејот е целосно фрлен во десетти план, така-како што е, Fort Solis е одлична занимација за едно попладне.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Fallen Leaf, Black Drakkar Games
  • Издава: Dear Villagers
  • Жанр: Walking Simulator, психолошки трилер, авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 22 август 2023

Оценка

  • Вкупна оценка: 8.25
  • Приказна: 9
  • Гејмплеј: 5
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk