
Иако беше планиранa да излезе во март 2023, Blood West и понатаму срамежливо кокетира со раниот пристап на Steam. Развивање игри е трнлив и проблематичен процес, но одложување игра често знае да биде добра работа; им дава на девелоперите дополнително време да осмислат и финализираат продукт со кој можат да се гордеат. Дали ова важи и за чедото на Hyperstrange или пак Blood West се губи во сопствено создадена олуја од погрешни одлуки?

Вие сте мртви. Но, ако смрта е крај за поголемиот дел луѓе – за вас е само почеток. Играјќи како штотуку оживеан десперадо ќе се соочите со изопачени демони и еледрич хорори произлезени од најдлабоките кругови на пеколот. Доколку сакате да се изборите за вашата напатена душа, ќе биде потребно да го истражувате ретро инспирираниот див запад и да водите сметка за две работи.
Да се прикрадува или не? Тоа е прашањето!
Blood West е игра која го охрабрува прикрадувањето, особено на почетокот. Непријателите имаат рутини на движење и, обично, се на релативна близина еден од друг. На почетокот од играта имате само секира и полесно е да се прикрадувате и да ги нападнете пред да ве регистрираат. Непријателите може да ве видат, но и да ве чујат. Поради тоа, се препорачува проучување на нивното движење и правилно позиционирање. Подоцна, можете да купите лак и стрела и да пробате нечујно да ги ликвидирате од подалеку, но ни ова не е без ризици. Имено, ограничени сте во бројот на стрелите и потребно е да нишаните во глава доколку сакате инстантно да ги ликвидирате.

На располагање имате и арсенал од огнени оружја, но процесот за нивно добивање и употреба знае да биде долг, скап и комплициран, особено кога ќе земете во предвид дека секогаш ви недостасува доволно муниција. Ова никако не е лоша работа. Blood West се рекламира како имерзивена шутер симулација со елементи на преживување. Како таква, сосема е очекувано од вас постојано да се бараат компромиси и да се инсистира на споро, етапно напредување. Со искуството кое го собирате можете да отклучувате најразлични пасивни и активни вештини, како повеќе кондиција и здравје, но и способности како успорување време при нишанење!

Лавкрафтски ужаси
Од некоја причина, првично мислевме дека Blood West е вампирска игра, но набргу откривме дека е многу повеќе од тоа. Во универзумот ќе најдете најразлични хорори со различни офанзивни тактики. При откривање на нови непријатели или босови, често нема да знаете кој е најдобриот пристап и ќе експериментирате за да ја откриете најдобрата методологија за рециклирање. Во случај да ве надвладејат непријателите, смртта не е крај. Одново ќе се вратите во светот на живите, но ќе имате прилепено клетва до вашето битие. Ако трипати загинете, клетвата ќе го достигне врвот и ќе мора да направите одреден услуга за да се вратите во нормално функционирање.

Моментно, на располагање ги имате првите две поглавје. Во првото поглавје, истражувате огромен град заснован на дивиот запад, а во второто поглавје се наоѓате во угнетувачко мочуриште кое крие бројни предизвици. Ликовите кои ги сретнувате се доволно каризматични и со одлично напишани и одглумени дијалози. Ова, во комбинација со преубавата ретро-инспирирана графика, допринесува до едно на најуникатните имерзивни искуства. Како резултат, уживавме во истражување на мапите кои во поглед на пристапот не потсетуваат на Deus Ex. Имено, до едно место можете да стигнете на десет различни начини – од доле, од горе, преку тунел, мост или паднато дрво. Опциите се огромни и на вас се остава од каде и како ќе стигнете до точката Б.

Blood West е игра која станува подобра со секоја надградба!
Во исчекување на третото и последното поглавје, Blood West е доведена во солидна игрива состојба – факт со кој се согласуваат 91% од гејмерите кои ја имаат проверено играта на Steam. Како огромни љубители на хорор вестерн жанрот, навлеговме во играта полни со предрасуди, но останавме во неа како тврдокорни фанови. За некои игри, одложувањето на финалното излегување е лош знак. Со Blood West, Hyperstrange мајсторски ја избегнуваат оваа судбина и нудат наслов достоен на нивното име.








Повеќе детали за играта
- Произведува: Hyperstrange
- Издава: Hyperstrange
- Жанр: Western, Survival, FPS
- Платформа: Microsoft Windows
- Ќе излезе: до крајот на 2023