
Асиметричните хорор мултиплеер игри земаат сè поголем и поголем замав. Се сеќаваме првиот пат кога се појави Dead by Daylight. Играта успеја да импресионира илјадници фанови со уникатната PvP механика каде еден играч е убиец, а останатите играчи се жртви. Формулата беше до тој степен интересна и популарна да достојно беше надградена со дополнителни наслови како Friday the 13th: The Game, Ghostbusters: Spirits Unleased, и од неодамна – Evil Dead: The Game. The Texas Chain Saw Massacre е најновата игра и следниот еволутивен чекор каде апсолутно ќе уживате доколку сакате тензични ситуации од кои се цеди или психопатско чувство на супериорност или пак очајна беспомошност.
The Texas Chain Saw Massacre e игра заснована на филм кој е заснован на вистинска приказна
The Texas Chain Saw Massacre е филм од далечната 1971 година. Напишан и режисиран од Тоби Хупер, филмот се смета за еден од првите слашер филмови на седумдесетите години и е извор на бројни клише ситуации кои се провлекуваат низ бројни други слашери.Интересно е тоа што и филмот, а сега и играта се гордејат со изјавата дека се засновани на вистинска приказна, но ова е двосмилено, а со тоа и отворено за интерпретација. Имено, иако ниту филмот ниту играта не прикажуваат вистински настани, сепак се инспирирани од озлогласениот убиец Ед Гејн.
Првиот филм беше до тој степен популарен да брзо премина во франшиза, не само од девет филмови, туку и од бројни стрипови и една книга.
Верувале или не, ова е втора игра од оваа франшиза. Првата е излезена дури во 1982 година, и тоа за конзолата Atari 2600!
Да се убие или да се преживее?
Во The Texas Chain Saw Massacre секоја сесија е помеѓу седум вистински играчи. Можете да играте или како еден од пет убијци, или како еден од пет жртви. Секој од десетте ликови се одликуваат со одредени способности кои се уникатни само за нив. Па така, една жртва има подобра кондиција и, со тоа, може да трча повеќе, а друга жртва може да се затрча и да го удри убиецот со раме.
Ако некои не се за потценување тоа се убијците. Секој од нив се одликува ем со оружја, како ножеви или моторна пила, ем со способности, како изострен слух, можност за поставување замки, и слично. Одредени натприродни елементи дополнително допринесуваат до тензична ситуација и огромен гејм чејнчер, особено кога ќе му дадете крв на старешината (дедото) за да се врши полесна детекција на жртвите.

Од ова што го прочитавте, би можеле да помислите дека е многу поинтересно да се биде убиец, отколку жртва. Во право сте. Значително порелаксирано и позабавно е да трчате сигурни дека вие никако не можете да бидете убиени, да уживате во демнеење и играње со пленот, а потоа и во извршување задоволителни и крајно брутални елиминации. Како убиец, вие сте и алфа и омега во The Texas Chain Saw Massacre и, освен привремено зашеметување, никој не може да ви ја заме ултимативната предаторска моќ.
Но, има и нешто посебно интересно да се биде жртва, особено при првите неколку преигрувања кога тензијата е толку густа да може да се сече со нож. Во тие почетни часови кога по првпат навлегувате во некоја од трите мапи, кога сте несигурни за тоа каде треба да одите и што треба да правите, кога знаете дека само еден многу мал погрешен потег е сè што ве дели од судбоносната средба со моторната пила – тие такви моменти се страшно напнати и полни со неочекувани пресфрти. Бројни мини игри ви дозволуваат да зeмете и искористите импровизирачко оружје за да привремено ги онеспособите убијците, а тука се и мини игри за деактивирање генератори кои напојуваат електрични огради, како и кутии кои кријат корисни работи.

Екстемно преживување
Независно дали играте со убиец или со жртва, истражувањето и помнењето на трите мапи е од колосална важност. Како жртва, потребно е да знаете каде се излезите и во секој момент да сте свесни за можни места за криење или правци за бекство. Како убиец, помага да научите кои се најчестите правци низ кои циркулираат жртвите, каде да поставите замка, како да ги водите жртвите некај неа и како да ја евентуално исцедите за да го нахраните дедото со скапоцената крв. Има што да се прави, барем на почетокот…
По одредено време, The Texas Chain Saw Massacre го губи дражот. Откако ќе го доживеете чувството на веќе-видени мапи и веќе видени тактики, се појавува ризик да ви здосади формулата и она што ви останува е или да се посветите на грајдот и на надградба на ликовите или пак да почекате надополнување со нови мапи. Иако PC верзијата има одредени технички проблеми, ние ја тестиравме играта на PS5 и во ниеден момент не забележавме паѓање на фрејмовите или некои други критични багови. Графиката е одлична; за пофалба се крајно детални дизајни на мапи кои преколнуваат за истражување, а музичката подлога феноменално ја доловува болната атмосфера на лудило и очај.

За само 24 часа, The Texas Chain Saw Massacre беше домаќин на над еден милион гејмери, што сведочи за огромниот интерес кој играта го генерира. Очигледно има публика за вакви асинхрони мултиплеер игри и се надеваме дека Gun Interactive и Sumo Nottingham ќе продолжат да работат на играта и редовно да ја апдејтуваат со дополнителни мапи и ликови.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Sumo Digital
- Издава: Gun Interactive
- Жанр: Асинхрон мултиплеер, хорор
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Ќе излезе на: 18 август 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 8
- Приказна: 6
- Гејмплеј: 9
- Графика: 8
- Звук и музика: 9